Најголемиот годишен традиционален настан, познат под името „Летен Нинџа Камп“, на кој членовите на Буџинкан Македонија цели девет дена постојано вежбаат и изучуваат традиционални јапонски боречки вештини – заврши.
Летен Нинџа Камп VI
Одбројувањето започна. За пет дена стартува шестиот по ред Летен Нинџа Камп во организација на доџото за класични јапонски борбени вештини – Буџинкан Македонија.
Како и секоја година, кампот ќе се одржи во периодот од 4-ти до 12-ти август, во хомбу доџо-то на организацијата Пат кон Сонцето, а сместено во долината под планината Липац.
Додека некои наши членови го користат август како единствен месец за одмор од напорните тренинзи, други му дават приоритет на Летниот Нинџа Камп на Буџинкан Македонија. Така, тренинзите продолжуваат со уште посилно темпо, „засилени“ со неверојатно добра забава и дружење.
Настанот е отворен за сите, без разлика на стилот или степенот во одредена боречка вештина. Ова е шанса одблизу да се запознаете со нашата работа и да се дружите со членовите на Буџинкан Македонија.
Остануваат уште неколку дена за пријавување.
Повеќе информации тука: http://hombu.koryu.mk/article/show/468
Одржан семинарот „Живот во Дивината“
Со одржувањето на настанот „Живот во Дивината“, започна испишувањето на новата страница на историјата на Буџинкан Македонија, а која се однесува на семинарите во природа.
Но да се вратиме на семинарот што се одржа викендов.
Инаку, за тие што не знаат, шидоши Довезенски досега има одржано над 300 семинари во природа, така што неговото искуство на ова поле е навистина големо. Техниките на преживување во природа во најголем дел ги има научено од својот дедо, кој бил учесник во втората светска војна и одликуван со повеќе заслуги, меѓу кои и за ослободување на градот Скопје. За време на војната и после неа, тој бил извидник во тенковска единица и техниките на преживување во природа му помогнале да преживее во многу опасни ситуации.
Ви пренесуваме мали делови од импресиите на учесниците, кои во целост ги објавија на нашиот Форум:
Зоран Тодоровски – Наеднаш ме разбуди една голема капка дожд која ме погоди во капакот на окото. Како да сакаше да предупреди дека оваа ноќ нема да биде обична како и секоја друга. Го свртев погледот околу себе, насекаде молњи и татнежи. Во тие моменти само на кратко ми се сретна погледот со Сенсеи Довезенски. Тој веќе беше буден. Од очите си прочитавме само едно нешто. Дека мораме веднаш да го напуштиме местото.
Беше 03:50 часот. Во истиот момент почна дожд и ветер со невиден интензитет. Почна да беснее жестока бура. Формиравме колона, светнаа неколку батерии и тргнавме да бараме засолниште. Се нурнавме во темнината. Бевме сите одлучни да го сториме тоа. Напред беше Сенсеи.Тргнавме. Осуммина луѓе се најдоа токму во центарот на невремето, а молњите и громовите како да го стегаа обрачот околу нас и маваа се поблиску и поблиску! Како некое чудовиште да ни се приближуваше, рикајќи на нас.
Научиме дека Учител не подразбира само покажување техника во доџо, туку многу повеќе. Учител е тој што секогаш гледа прво за вас, тој што со сигурност ќе ве води низ цело патешествие и кој ниту една секунда нема да се посомнева во тоа што го прави. Тој што ќе ви посочи каде грешите и каде треба да се подобрите. Тој што има големо познавање од многу области и кој несебично го пренесува на учениците. Тој што не смее да покаже никаква слабост и емоција пред нив, а полн е со чувства за секој од нас.
Небото кое беше полно со ѕвезди за кратко се прекри со многу облаци. Само што си легнав, за кратко време ме разбудија и тука започна ново доживување. Започна евакуација, а со тоа и вистинското преживување. Брзо се одалечивме од местото каде престојувавме и почнавме да трагаме по некоја напуштена куќа. Паѓаше силен дожд, придружуван со молњи и громови. Тие беа нашите непријатели од кои бегавме за да си ги спасиме животите. После долгото пешачење низ калта, најдовме засолниште.
Додека голи, по гаќи, ги сушевме алиштата, се смеевме на ситуацијата и знаевме дека сите заедно сме многу посилни и дека може да поминеме преку се.
„Живот во Дивината“ - дводневен семинар во природа
После седум години непрекинато одржување на легендарниот семинар „Преживување во Природа“, инструкторот на Буџинкан Македонија, Игор Довезенски, го создава новиот проект наречен „Живот во Дивината“.
Со овој нов семинар, водачот на Организацијата за изучување на јапонски класични борбени вештини – „Пат кон Сонцето“, не се труди да најде соодветна замена за претходниот, туку да отвори едно ново поглавје во историјата на доџо-то, кое се надева, дека како и претходното, ќе трае барем во следните седум години.
Дводневниот семинар насловен како „Живот во
Дивината“, претставува настан на кој членовите на Организацијата ќе учат техники
на живеење во заедница во дивина односно далеку од цизилизацијата. Потенцираме „техники на живеење“, а не на преживување, бидејќи второво значи постојано
движење се до напуштање на состојбата на опасност.
„Живот во Дивината“ ќе се раководи според сценарио
на природна катастрофа или друга несреќа која бара повлекување на некое
непристапно место и организирање живот на подолго време за одредена група на
луѓе. Со совладувањето на тие вештини, членовите на доџо-то ќе бидат способни да
го згрижат своето семејство и да му обезбедат основни услови за живеење во
дивина во случај на опасност.
За време на семинарот, дружењето на членовите ќе
им овозможи подобро запознавање и проширување на пријателството меѓу нив.
Бидете дел од новата историја која ќе почне да се пишува на 26/27 јули, 2014 година. Не пропуштајте ја можноста да ги научите техниките на живеење во природа, кои во случај на природна катастрофа или друга незгода ќе ви бидат и повеќе од потребни.
На семинарот можат да учествуваат сите членови на доџо-то Буџинкан Македонија / Пат кон Сонцето, без разлика на нивното звање.
Потребна опрема: се што може да послужи за преживување во природа и што ќе го собере во вашиот ранец.
Ден: 26/27 јули (2014)
Место: во околината на Липац
Програма:
сабота 07.00 часот – тргнување од Скопје
недела 18.00 часот – враќање назад
Пријавување и информации преку инбокс, телефон или на Форум.
п.с. Престојувањето во природа носи одредени опасности. Сите учесници доаѓаат на сопствен ризик. Направете ги потребните лекарски испитување пред да се пријавите за учеството.
Одржано јунското полагање во Буџинкан Македонија
На вчерашното полагање за ученички степени што се одржа во доџо-то на Буџинкан Македонија во Скопје, вкупно 15 ученици успешно го поминаа тестот.
Излезе од печат првата книга во Македонија за класични јапонски боречки вештини
Во просториите на скопската винарија „Картал“, вчера се одржа промоција на првата книга во Македонија посветена на класичните јапонски боречки вештини. На настанот присуствуваа речиси сите сегашни, но и многу поранешни членови на Буџинкан Македонија односно на Организацијата за изучување на традиционални јапонски борбени школи – Пат кон Сонцето.
Автор на книгата „Разговор со учениците“ е шидоши Игор Довезенски, кој досега се има потпишано на неколку книги и документарни филмови од областа на етнологијата, но ова е прв проект кој се однесува на старите јапонски борбени школи.
Промотор на „Разговор со учениците“ беше Александар Вучковски, долгогодишен член на Буџинкан Македонија и другар од детството на Довезенски, кој се наврати на почетоците на Пат кон Сонцето, но и даде кратко објаснување за содржината на книгата.
За време на настанот, атмосферата беше фантастична, а собата за дегустации на винаријата, претесна за да ги прими сите заинтересирани. Некои од учениците на шидоши Довезенски побараа од него да продолжи со пишување книги со слична тематика и во иднина.
Одржан семинарот „Шинкен гата Тора но Маки“
Интезивниот семинар „Шинкен гата Тора но Маки“ ја потврди кондициската и борбената готовност што членовите на Буџинкан Македонија ја поседуваат.
За време на викендот, учесниците изучуваа 12 кати од четвртото ниво познато како „јондан“. И покрај многубројните модрици и отоци по рацете и нозете, кои се секогаш придружен дел кога станува збор за школата Кукишинден рју и системот Тора но Маки, учениците ниту еден момент не се штедееа и не тактизираа за да ја намалат болката. Напротив, до последната ката, тие енергично напаѓаа и се бранеа користејќи ги техниките од оваа рју-ха.
Шинкен Гата Тора но Маки (јондан) - интензивен семинар во Хомбу
„Шинкен гата Тора но Маки има доста сличности со Кукишинден Рју. Таа борбена форма била создадена во доцниот Едо период од страна на Ичијанаги Казума. Тoj бил ученик на Кано Јошихиро, кој, пак, бил мајстор за школата Кукишин рју.
За основа на Шинкен гата Тора но Маки се земени техниките од Кукишин рју (Дакен)Таиџутсу, како и сознанијата кои Ичијанаги ги имал од школата Шинден Фудо рју Таиџутсу, која што исто така ја изучувал во одреден период од животот.
Борбениот систем се состои од кихон и пет нивоа наречени шодан, нидан, сандан, јондан и годан“.
На 10 и 11 мај, шидоши Игор Довезенски ќе го одржи четвртиот интензивен семинар за овој борбен систем. За време на настанот ќе се вежбаат катите од четвртото ниво – јондан.
На семинарот можат да учествуваат сите ученици на доџо-то Буџинкан Македонија, како и на Организацијата за изучување на традиционални јапонски борбени вештини – Пат кон Сонцето.
Тема: Шинкен гата Тора но Маки (јондан)
Ден: 10/11 мај, 2014
Место: Хомбу Доџо – Пат кон Сонцето
Опрема: кеико ги и оби (муданша) / кеико ги и хакама (јуданша)
Пријавување и информации на Форум, во доџо или на и-мејл.
Теншин Шоден Катори Шинто рју семинар во Македонија
На 26/27 април, 2014 година, во организација на Пат кон Сонцето, ќе се одржи меѓународен семинар за Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу.
Успешно одржан семинарот „Силата на Јари V“
Како и секоја, така и оваа година, семинарот „Силата на Јари“ предизвика големо внимание и привлече многу ученици на Буџинкан Македонија да земат учество на овој традиционален настан.