На 7 и 8 мај, стартуваме со првите десет часови од интензивниот курс за „Шиноби Таисо“, кој е предвиден да трае вкупно 66 часа. Поделен во три нивоа (шоден, чуден и окуден), системот ќе има за цел да им овозможи на нашите членови подлабок увид и познавање на работата на човечкиот организам, како и прва помош при повреди или дебалансирање на мускулите во телото.
Во минатото, елементите од кои е составен системот Шиноби Таисо, биле пренесувани истовремено со боречките вештини. Оваа древна природна медицина потекнува од филозофиите и учењата на Аматсу Татара, а во Буџинкан е пренесена благодарение на учителот Тошитсугу Такаматсу.
Од каде доаѓа името на системот?
Шиноби е назив за високо обучена личност од времето на феудална Јапонија која што била специјализирана за разни неконвенционални начини на војување.
Таисо е генерички назив за кондиционирање на телото составен од зборовите: Таи (тело) и Со (зацврстување).
Под кондиционирање на телото се подразбира: зголемување на здравствената и работната способност, зголемување на телесната извежбаност и издржливост за поднесување на извесни напори.
Шиноби Таисо е систем создаден од водачот на Буџинкан Македонија, Игор Довезенски, со цел да ја подобри сопствената кондиција потребна за секојдневните тренинзи за класичните јапонски боречки вештини. Системот се состои од разни вежби за растегнување, како и вежби за зајакнување и зголемување на мускулната издржливост.
Самиот систем претставува збир на традиционални начини на тренинг за растегнување и зајакнување на телото користени во класичните боречки школи. Во различни рју-ха, начините се познати под имињата: Џунан Таисо, Џунан Ундо, Рју Таи Ундо, Ки Ундо и Аики Таисо.
Искуството на Довезенски собрано за време на 28-годишниот тренинг на корју буџутсу, заедно со истражувањето на најновите научни сознанија од полето на кондицискиот тренинг, како и изучувањето на човечката анатомија и биомеханиката (наука што ги проучува механичките појави и процеси во живите организми), допринесе за создавање на Шиноби Таисо®.
За повеќе информации и за пријавување, слободно контактирајте не преку нашиот и-мејл: daito_macedonia@yahoo.com