Одржан 700-тиот семинар на учителот Игор Довезенски

Posted on Categories Почетна

Викендов, во скопското доџо на Буџинкан Македонија, се одржа дводневен семинар посветен на темата Наге Ваза / Каеши Ваза, односно на техниките на фрлање и контратехниките со кои се неутрализираат истите.

Семинарот се одржа под водство на учителот Игор Довезенски, за кого овој настан имаше посебно значење, бидејќи претставуваше негов 700-ти семинар во досегашната учителска кариера.

На семинарот учествуваа неколку ученици на Буџинкан Македонија, кои во текот на двата дена имаа можност да се запознаат со разновидни техники на фрлање, како и со нивните соодветни контратехники. Преку детална и систематизирана работа, учесниците ги изучуваа принципите на изведување на техниките, правилното поставување на телото, одржувањето на рамнотежата и навременото препознавање на противничкото движење. Она што особено го одбележа семинарот беше начинот на кој учителот Довезенски го пренесуваше своето знаење. Предавањето беше исклучително детално и прецизно, а истовремено јасно, разбирливо и лесно за следење. Секоја техника беше објаснета и демонстрирана со посебно внимание, овозможувајќи им на учениците постепено да ги совладуваат нејзините суштински принципи и да ги разберат можностите за нејзино практично применување.

Семинарот уште еднаш ја потврди важноста на континуираното изучување, усовршување и продлабочување на знаењето во традиционалните јапонски боречки вештини.

Следниот семинар ќе се одржи за седум дена, а ќе биде посветен на древната самурајска боречка школа Даито рју Аикиџуџутсу. Сите заинтересирани се добредојдени да земат учество, без оглед на нивото на претходно искуство или степенот на звање – од почетници до поискусни практиканти.

Ве очекуваме заедно да продолжиме да го изучуваме, практикуваме и негуваме богатото наследство на традиционалните јапонски боречки вештини!

БуЈуКаи XI во Истанбул

Posted on Categories Почетна

Изминатиов викенд, во Истанбул, Република Турција, се одржа единаесеттото издание на меѓународниот нинџутсу семинар – БуЈуКаи. Овој настан, веќе одамна прерасна во препознатлива традиција на меѓусебно дружење, размена на знаења и продлабочување на пријателството меѓу практичарите од Македонија и Турција.

Семинарот предводен од страна на Игор Довезенски и Ерџан Шарбат, со години ја негува оваа соработка, која се темели врз заедничката љубов кон традиционалните јапонски боречки вештини и искрената желба знаењето да се пренесува на следните генерации.

Во текот на семинарот, учителот Довезенски како тема за предавање ја одбра борбата на земја (Не Ваза), додека инструкторот Шарбат за своја тема jа одбра борбата со стап (ЏоЏутсу), додека вториот ден – улична самоодбрана (ГошинЏутсу).
Двајцата учители особено внимание посветија на правилното движење, рамнотежата, дистанцата, времето на реакција и природното користење на телото во борбените ситуации.

Како и секогаш, целта не беше само совладување на одреден број техники, туку разбирање на принципите што стојат зад нив. Зашто, во традиционалното Будо, техниката претставува само надворешна форма, додека вистинското знаење се крие во способноста да се препознае нејзината суштина и да се примени соодветно на конкретната ситуација.

Токму затоа, ваквите семинари имаат особена вредност. Тие овозможуваат вежбачите да излезат од секојдневната рутина на сопствените доџоа, да се соочат со поинакви пристапи, да ги преиспитаат сопствените знаења и пред сè, да продолжат да учат. Во Нинџутсу не постои конечна точка до која човек може да стигне и да каже дека го совладал сето она што треба да се знае. Патот е долг, а вистинскиот ученик останува ученик до крајот на својот живот.

Освен практичниот дел, БуЈуКаи XI беше уште една можност за продолжување на пријателството кое низ годините се изгради меѓу македонските и турските практичари. Имено, зад сите тренинзи, техники и часови поминати на татамите, стои нешто многу повредно – меѓусебната доверба, почитта и искрената човечка поврзаност.

Посебна благодарност упатуваме до нашите пријатели од Турција за гостопримството, посветеноста и вложениот труд околу реализацијата на уште едно успешно издание на овој семинар.

Се гледаме во мај во Македонија на БуЈуКаи XII.