Одржан првиот од серијата интензивни курсеви за „Шиноби Таисо“

Posted on Categories Почетна

Викендов што измина се одржа првиот од серијата интензивни курсеви за „Шиноби Таисо“, под водство на водачот на Организацијата „Пат кон Сонцето“ – Игор Довезенски. Тројца ученици на Буџинкан Македонија одлучија да го изучуваат овој систем во кој што се инкорпорирани многу традиционални јапонски методи создадени со цел да помогнат при разни физички дисфункции предизвикани поради нерамнотежа во мускулниот систем кај човекот, но и разни пореметувања на текот на енергијата во телото.

Веднаш по завршувањето на првиот дел од курсот, учесниците ги споделија своите импресии на интерниот Форум.

„Долго време сум во Буџинкан Македонија и сум присуствувал на многу тренинзи, семинари, како домашни, така и странски. Сум бил учесник и на летните кампови, сум доживеал и поминал низ секакви предизвици во доџо-то. Толку многу работи сум научил и сум запознал толку многу луѓе и зарем можам после сето тоа да се запрашам: ’Па добро бе, дали вреди? Дали е тоа загубено време, дали сум можел нешто попаметно да направам?’

Викендов со Сања и со Даме присуствувавме на уште еден семинар каде што повторно се сретнавме со неверојатното знаење на Сенсеи. Темата на овој семинар беше како да го подобриме квалитетот на животот, како да ги превенираме повредите, но и како да го вратиме балансот во локомоторниот систем. 
Сенсеи во ова има навлезено максимално детално, прецизно дури и на академско ниво. Запознавање на системот кој го движи нашето тело, неговите природни положби и зошто доаѓа до повреди, понатаму зошто човекот се повеќе има дисбаланс на мускулната структура, каков е нашиот модерен начин на живот и кои се последиците од технолошките предности кои ги користиме секојдневно. На сите овие прашања добивме одговор, иако мислам дека два дена се премалку за да се помине сето тоа и понатаму потребно е секојдневно истражување и надградување. Една од најважните работи кои ги научив за време на курсот е дека човекот мора совршено да си го познава своето тело и да се грижи за него најдобро што може. Сметам дека се повеќе се отуѓуваме од себе и дека комплетно сме во некаков самоконфликт. Сите се залажуваме дека сме зафатени со некои важни работи, а во суштина тоа што е навистина важно го отфрламе на страна, го забораваме, ги игнорираме сигналите за помош кои телото ги праќа и на крајот заболуваме.
Се надевам дека ќе ги поминам сите часови што се предвидени за Шиноби Таисо и дека ќе можам да помагам и на луѓето околу мене“ – Владимир Антовски
„Двата дена ги посветивме многу детално на теоретското и на практичното изучување на движењето на телото. Најпрво Сенсеи детално ни објасни што значи и како доаѓа до дебалансирање на мускулите и како денешниот начин на живот (не)влијае на нарушување на локомоторниот систем кај човекот. Имавме можност да се запознаеме и со функциите на скелетот, да ги утврдиме сите правци на движење на одреден дел од телото и соодветно на тоа да одбереме вежби кои ќе ни послужат за зајакнување или за растегнување на мускулите (зависно од потребата).
Во практичниот дел работевме многу техники со соодветни варијанти, со тоа што внимававме на ритамот, на дишењето, на балансираноста во левата и десната страна, времетраењето, но и обративме внимание на тоа како треба да изгледа еден комплетен час.
Ги изучувуваме и нарушувањата кои најчесто се среќаваат кај луѓето, начините како да ги дијагностицираме, па соодветно на тоа и како да ги третираме.
Вежбите ги делевеме во зависност од тоа за каков проблем станува збор и како да се третира, потоа во зависност од условите кои ги имаме. На пример додека сме на работа, како можеме додека седиме на столче да направиме серија на вежби, но и вежби на топка во домот, вежби со помош на ѕид и сл. Семинарот беше многу интерактивен и на сите прашања веднаш добивавме одговор од Сенсеи. На крајот секој од нас доби задача да одржи еден час“  – Сања Симонова
„Се уште не сум сигурен дали јас ги насочив Влатче, Сања и Даме за подлабоко да се посветат на Шиноби Таисо, или, пак, системот за помагање при физички дисфункции, но и нивна превенција – ги одбра токму нив. Како и да е, среќен сум што моите долгогодишни ученици, откако ќе почнат да ги совладуваат основите на кобудо-то, почнуваат постепено да се „специјализираат“ и за пооделни вештини. Се надевам дека тројцата ќе го изодат Патот до крај“ – Игор Довезенски