Во рамките на нашите хуманитарни активности, помладите инструктори на
Буџинкан Македонија, Марјан Прошев и Марко Опачиќ, одржаа нинџутсу
тренинг во „Дневниот центар за децата од улица“ што работи во рамките
на Министерството за труд и социјална политика.
Станува збор за центар, во кој се згрижуваат воглавно деца од ромската
заедница, а за кои се грижаат три прекрасни наставнички-социјални
работници, кои секојдневно ги подучуваат младите ромчиња како да
читаат, пишуваат и бројат.
Беше прекрасно да се види насмевката на нивните лица за време на
тренингот, во кој навистина уживаа, со оглед на тоа што за прв пат се
среќаваат со боречка вештина од областа на самозаштитата. Марко и
Марјан се потрудија на детски начин да им објаснат за важноста на
физичката активност и нејзиното влијание врз нивното здравје, но и
важноста да се почитуваат постарите, да се збогатува знаењето и сл.
На крајот, беше договорено во иднина да се одржат уште неколку тренинзи во „Дневниот центар за децата од улица“.
Месец: м.г
Меѓународниот нинџутсу семинар „Таи Каи Македонија 2008“ заврши успешно
Меѓународниот нинџутсу семинар Таи Каи Македонија 2008, што се одржа
викендов во организација на Буџинкан Македонија, заврши подобро од
колку што се очекуваше. На семинарот учество земаа 34 учесници од
четири држави, и тоа, Америка, Унгарија, Црна Гора и Македонија.
Големиот американски мајстор, шиханот Ед Мартин попознат како Папа Сан,
и овој пат, успешно ја заврши својата работа. Цели два дена учениците
уживаа во неговите техники и во неговиот посебен начин на предавање
(куден), преку различни приказни и легенди.
Папа Сан пристигна во Скопје во четвртокот и уште вечерта присуствуваше
на регуларниот тренинг. Како што самиот кажа подоцна, тој сакал да види
на какво ниво е работата во Нинџутсу Сојузот Буџинкан Македонија. После
половина час внимателно набљудување, Папа Сан се придружи на тренингот
и започна со предавање на техниките од Кихон Хаппо, но овој пат,
прилагодени за лица кои не се во можност да употребат физичка сила.
На крајот од тренингот, шиханот го изрази своето големо задоволство од
нашата работа и квалитетниот пристап кон предавање на вештината.
Потоа тренингот продолжи во домот на главниот инструктор за Македонија, И. Довезенски, до неколку часа после полноќ.
Навистина зачудува со колку голема љубов Папа Сан пристапува кон
нинџутсу. Во петокот, во текот на целиот ден, тој зборуваше, подучуваше
и покажуваше техники. На плоштадот во Скопје, како и секогаш, точно во
17.00 часот, Папа Сан ги изработи секојдневните Чи Кунг техники, при
што десетици заинтересирани лица се собраа и го гледаа стариот мајстор.
Семинарот во сабота започна со техники на одбрана од нож од различни
ситуации. Учениците навистина уживаа додека ги совладуваа техниките на
одбрана со ова опасно оружје. Се увежбуваа различни сценарија, како што
се, одбрана од еден или повеќе напаѓачи, ситуации со заложник, но и
одбрана од нож со нож. Вечерта, тренингот продолжи во клубот „Ла
Бруско“, каде што во интимна атмосфера со собраа поголем дел од
учесниците на семинарот, при што, со уживање ги слушаа раскажувањата на
стариот нинџа мајстор Ед Мартин.
Во текот на вториот ден, се вежбаа техники со ханбо (стап од 90 см), но
и техники на голорака одбрана при различни зафати, удари со раце и со
нозе.
Убавата атмосфера на семинарот е приказна за себе. Домаќините и гостите
постојано си помагаа во изведувањето на техниките, сите беа среќни и
одлично расположени.
За време на семинарот, инструкторот на Буџинкан Македонија, И.
Довезенски полагаше за 4 Дан, при што успешно положи. Повеќе за овој
настан можете да прочитате во „Списание“.
Тоа што најмногу не израдува, е фактот дека станавме толку силни и
посветени на вештината, што веќе сме способни и моќни да организираме
семинар со секој шихан што сакаме да не подучува.
Продолжуваме напред!