Одржан семинарот за обука во вода „Суи Рен“

Posted on Categories Почетна

Уште и пред официјално да се основа првото македонско нинџутсу доџо – Буџинкан Македонија, инструкторот Игор Довезенски посебно внимание обрнувал и на изучување на специјализираните шиноби техники, меѓу кои и на Суи Рен. Таа пракса да се предаваат сите необични вештини познати под името Нинџа Џухакеи, шидоши Довезенски ја продолжува и ден-денес, па така одвреме-навреме неговите ученици имаат можност да научат и да навлезат малку подлабоко во сржта на овој необичен метод на борба познат под името нинџутсу. За време на неделниот семинар, учесниците имаа можност да научат техники за тивко влегување во вода, како и начини на бешумно пливање низводно и узводно. Потоа се вежбаа и техники на поминување големи растојанија со стебло, камуфлирање и трчање во река, како и бешумно движење и следење на противникот кој се движи по самиот речен брег. Обуката во вода, освен на семинарите во природа, понекогаш се предава и на некои од летните кампови организирани во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“. Според планот за работа, следната година предвидено е научените техники да се испробаат преку разни борбени сценарија, при што учесниците ќе бидат поделени во две групи.

Одржан „Најдолгиот ден - Кенџутсу семинар на Кокино“

Posted on Categories Почетна

Петнаесет Воини на Буџинкан Македонија и една пријавена гостинка од страна учествуваа на дводневниот семинар одржан на Татиќев Камен во селото Кокино.
Токму во една од најстарите опсератории на светот, нашите членови со кенџутсу тренинг го дочекаа најдолгиот ден во годината познат кај народот и како Сонцестој.

Ви пренесуваме дел од имспресиите на семпаи Михаил Дракалски во врска со семинарот:

„Станавме сите точно во 04 часот и освежени од чистиот воздух го започнавме првиот тренинг и на тој начин  го дочекавме изгрејсонцето. За кратко време тоа се појави во таа одредена точка односно низ нишанот меѓу двете карпи преку кои астрономите во минатото си го пресметувале доаѓањето на годишните времиња.
Неколку минути претходно се појавија и новинари, но и други љубопитни намерници кои го фотографираа и снимаа официјалниот дочек на летото. За време на тренингот уживав додека ги гледа децата од Буџинкан Македонија како растат и бев пресреќен што растат во една таква фамилија како што е нашата боречка.
Би додал уште дека Катори Шинто рју е прекрасна школа која забележав дека на сите им се допаѓа. Би сакал овој семинар да прерасне во традиционален“.

Најдолгиот ден - Кенџутсу семинар на Кокино

Posted on Categories Почетна

Воините на Буџинкан Македонија, со кенџутсу тренинг на Татиќев Камен во селото Кокино, ќе го дочекаат најдолгиот ден во годината познат кај народот и како Сонцестој.

Долгоденицата односно кога денот е најдолг, а ноќтта најкратка, уште во пред античкиот период била поврзана со преодот на годишните времиња од пролет кон лето.

Токму во една од најстарите опсератории на светот, членовите на нашето доџо, со мечеви во рацете преку тренинг на најстарата јапонска боречка вештина – Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу, ќе го пречекаат изгрејсонцето во 04.24 часот.

Името на нашата Организација „Пат кон Сонцето“, нашиот Мон, симболот на земјата од каде што потекнуваат вештините кои ги вежбаме, како и силината на Сонцето во митологијата и во свеста на Македонците – се доволна причина да се собереме и заедно да го дочекаме најдолгиот ден во годината.

Семинарот е отворен за сите членови на нашето доџо, за сите љубители на природата и на јапонските боречки вештини, како и за сите наши пријатели и подржувачи.

Цената на семинарската такса изнесува симболични 500 денари, додека за тие кои учествуваа на еден од нашите последни два семинари (10.000 п.н.е. и Кенџутсу под Ѕвездите на Липац), настанот е бесплатен.

Програма:

20 јуни

* 17.00 тргнување од Скопје

* 19.30 – 21.30 кенџутсу тренинг

* 22.00 дружење околу логорски оган

* 00.00 починка

21 јуни

* 04.00 – 06.00 кенџутсу тренинг

* 06.00 – 09.00 одмор

* 11.00 – 13.00 кенџутсу тренинг

* 15.00 враќање во Скопје

За сите учесници кои ќе се пријават до недела на пладне, обезбедуваме бокени (дрвен меч) за тренинг, како и шатор. Вие понесете си вреќа за спиење и храна.

Ги очекуваме Вашите прашања преку нашиот и-мејл: daito_macedonia(мајмунче)yahoo.com