Заврши и вториот од предвидените меѓународни семинари за 2016-та година со најдобрите европски кобудо мајстори, а организирани од страна на Организацијата за изучување традиционални јапонски боречки вештини – Пат кон Сонцето.
На тридневниот настан учествуваа неколкумина ученици од Катори Шинто рју Македонија, како и еден ученик на шидоша Ерик Лоув од Холандија.
За време на семинарот, учителот Лоув предаваше техники на симултано извлекување и сечење со јапонски меч (иаиџутсу/баттоџутсу), како и борба со катани (кенџутсу). Не изостанаа ниту техниките со долг стап (боџутсу), како и катите со нагината.
Како и секогаш, учителот Лоув несебично и со многу внимание го предаваше своето знаење и тоа на само нему својствениот начин – со многу хумор и смеа.
Слободното време во паузите беше искористено за посета на Осоговскиот Манастир и на Крива Паланка, како и на локалитетот Куклица и на древниот град Кратово.
До следното видување…