Еминетниот професор од јапонскиот Универзитет во Мие и воедно водечки истражувач за историјата на легендарните Нинџа воини и нивната вештина Нинџутсу, д-р Јуџи Јамада, во вторникот беше целодневен гостин на водачот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски.
За време на средбата која се одржа во Хомбу Доџото на македонската Буџинкан организација, професорот Јамада и учителот Довезенски дискутираа околу најразлични теми поврзани со историјата, филозофијата, психологијата и техниките на древната јапонска вештина Нинџутсу. Разменувајќи дел од сознанијата и искуството, двајцата учени имаа можност да дознаат или потврдат некои нови информации поврзани со тајниот свет на шиноби воините.
Професорот Јамада беше пријатно изненаден од огромното познавање на учителот Довезенски од областа на јапонската традиција и култура, а особено беше воодушевен од јапонската зен градина која водачот на Буџинкан Македонија успеа да ја создаде во последните неколку години, градејќи ја според сите стандарди за зен градини. Всушност, на јапонскиот професор едноставно не му се веруваше дека некој што е роден и живее во Македонија успеал сам да изгради јапонско доџо, но и да создаде комплетна јапонска градина и да преустрои целосно Нинџа Село симулирајќи го животот во Јапонија од времето на средновековниот период.
За време на заедничкиот традиционален македонски ручек под сенките на големите ореви во Хомбу, Довезенски и Јамада договорија понатамошна соработка преку посета на Универзитетот во Мие од страна на водачот на Буџинкан Македонија и понатамошно споделување на знаењето и искуството од областа на Нинџутсу.