Со одржувањето на настанот „Живот во Дивината“, започна испишувањето на новата страница на историјата на Буџинкан Македонија, а која се однесува на семинарите во природа.
Но да се вратиме на семинарот што се одржа викендов.
Инаку, за тие што не знаат, шидоши Довезенски досега има одржано над 300 семинари во природа, така што неговото искуство на ова поле е навистина големо. Техниките на преживување во природа во најголем дел ги има научено од својот дедо, кој бил учесник во втората светска војна и одликуван со повеќе заслуги, меѓу кои и за ослободување на градот Скопје. За време на војната и после неа, тој бил извидник во тенковска единица и техниките на преживување во природа му помогнале да преживее во многу опасни ситуации.
Ви пренесуваме мали делови од импресиите на учесниците, кои во целост ги објавија на нашиот Форум:
Зоран Тодоровски – Наеднаш ме разбуди една голема капка дожд која ме погоди во капакот на окото. Како да сакаше да предупреди дека оваа ноќ нема да биде обична како и секоја друга. Го свртев погледот околу себе, насекаде молњи и татнежи. Во тие моменти само на кратко ми се сретна погледот со Сенсеи Довезенски. Тој веќе беше буден. Од очите си прочитавме само едно нешто. Дека мораме веднаш да го напуштиме местото.
Беше 03:50 часот. Во истиот момент почна дожд и ветер со невиден интензитет. Почна да беснее жестока бура. Формиравме колона, светнаа неколку батерии и тргнавме да бараме засолниште. Се нурнавме во темнината. Бевме сите одлучни да го сториме тоа. Напред беше Сенсеи.Тргнавме. Осуммина луѓе се најдоа токму во центарот на невремето, а молњите и громовите како да го стегаа обрачот околу нас и маваа се поблиску и поблиску! Како некое чудовиште да ни се приближуваше, рикајќи на нас.
Научиме дека Учител не подразбира само покажување техника во доџо, туку многу повеќе. Учител е тој што секогаш гледа прво за вас, тој што со сигурност ќе ве води низ цело патешествие и кој ниту една секунда нема да се посомнева во тоа што го прави. Тој што ќе ви посочи каде грешите и каде треба да се подобрите. Тој што има големо познавање од многу области и кој несебично го пренесува на учениците. Тој што не смее да покаже никаква слабост и емоција пред нив, а полн е со чувства за секој од нас.
Небото кое беше полно со ѕвезди за кратко се прекри со многу облаци. Само што си легнав, за кратко време ме разбудија и тука започна ново доживување. Започна евакуација, а со тоа и вистинското преживување. Брзо се одалечивме од местото каде престојувавме и почнавме да трагаме по некоја напуштена куќа. Паѓаше силен дожд, придружуван со молњи и громови. Тие беа нашите непријатели од кои бегавме за да си ги спасиме животите. После долгото пешачење низ калта, најдовме засолниште.
Додека голи, по гаќи, ги сушевме алиштата, се смеевме на ситуацијата и знаевме дека сите заедно сме многу посилни и дека може да поминеме преку се.