Шиноби Таисо семинар во Скопје

Posted on Categories Почетна

Денес, во доџото на Буџинкан Македонија во Скопје, се одржа работен семинар посветен на системот Шиноби Таисо.

На семинарот учествуваа неколку лиценцирани инструктори, како и неколку сериозно посветени кандидати кои во иднина имаат намера да го пренесуваат знаењето преку предавање на редовни часови. Средбата претставуваше можност за заедничко продлабочување на разбирањето на методологијата, размена на искуства од праксата и усогласување на начинот на предавање.

Работата се одвиваше во исклучително позитивна и конструктивна атмосфера, со јасен акцент на правилното градење на телото како основа за понатамошен технички развој. Практичниот дел беше насочен кон вежбите за зајакнување и мобилност од второто ниво (Џунан Ундо), при што особено внимание се посвети на природното движење, стабилноста и координацијата.

Покрај тоа, беа обработени и неколку значајни теми од третото ниво, меѓу кои исхраната како поддршка на тренингот и основните принципи на правилно дишење, разгледани не само како теорија, туку како практична алатка за подобрување на здравјето, издржливоста и внатрешната рамнотежа.

Семинарот уште еднаш ја потврди важноста на континуираната едукација, личниот пример и постепеното, но темелно напредување – вредности што претставуваат суштина на Шиноби Таисо и на патот на Будо-то воопшто.

Одржана 13-тата Работилница за Самоодбрана за Жени

Posted on Categories Почетна

Скопското Доџо на Буџинкан Македонија беше претесно за да ги прими сите заинтересирани за традиционалната Работилница за Самоодбрана за Жени, која по 13 пат се одржа во организација на учителот Игор Довезенски.

Иако на почетокот беше предвидено да учествуваат само 25 припаднички на поубавиот пол, притисокот што постојано го вршеа и желбата да бидат дел од овој настан, не’ натера на три пати да ја зголемуваме квотата, се додека не бевме принудени да ја заклучиме бројката на 40 учеснички. И тоа само поради ограничениот простор кој го имаме на користење.

За време на Работилницата, учителот Довезенски ги подучуваше дамите на наједноставните техники за самоодбрана кои можат да се применат без некое големо искуство и вежбање.

Интересот за настанот беше толку голем, што многу од учесничките на 13-тата Работилница побараа почесто да се организираат вакви или слични настани, а некои од нив уште сега се пријавија за следните семинари во нашето Хомбу Доџо, кое наскоро ќе ја отвори новата сезона.

Саботен семинар за Кусари Фундо

Posted on Categories Почетна

Во скопското доџо на Буџинкан Македонија, во саботата се одржа семинар за Кусари Фундо (ланец со тегови).

На настанот учествуваа дванаесет ученици на учителот Игор Довезенски, кои покажаа одлични резултати за време на истиот.

Водачот на Буџинкан Македонија несебично го споделуваше своето знаење, пренесувајќи ги техниките на сите учесници, без разлика на степенот на нивното знаење.