Одржан Шиноби Таисо семинарот - Движи за Хармонија®

Posted on Categories Почетна

Единаесет членови на Буџинкан Македонија се пријавија, а воедно и имаа чест да учествуваат на семинарот на кој се промовираше новиот слоган на системот Шиноби Таисо – „Движи за Хармонија®“.

На настанот што се одржа во скопското доџо на „Пат кон Сонцето“, на учесниците им беа презентирани најновите сознанија околу влијанијата на природните фрекфенции на планетата Земја врз луѓето, како и на електромагнетните загадувања кои го уништуваат човечкиот имунитет.

За време на семинарот, шидоши Довезенски ги запозна учесниците со древната практика на јапонските самураи на поврзување со природата преку Шинрин Јоку 森林浴 односно Капење (прочистување) во шумата.

Исто така, Инструкторот за прв пат ги презентираше старите традиционални техники за зголемување на телесната и менталната хармонија преку разни движења, но и начините на дишење и стимулирање на енергијата преку притисок и масажа на одредени делови на телото. Секако, не беа изоставени ниту техниките за намалување и елиминирање на болката во небалансираното тело.

Се на се, ова беше уште една нова можност членовите на Буџинкан Македонија да го големат своето знаење, но овој пат со техники кои навистина можат да се оценат како “повисоко ниво“.

Движи за Хармонија® - Шиноби Таисо семинар

Posted on Categories Почетна

Дали сте знаеле дека природната фрекфенција на планетата Земја е 7,83Hz? Или дека електро-смоговите (загадувањата) ја нарушуваат оваа природна фрекфенција која меѓудругото го одржува силен нашиот имунитет? А познато Ви е дека нашиот биолошки систем осцилира на оваа фрекфенција создавајќи хармонија со магнетниот систем на земјата односно со истата фрекфенција во која евоулуирал животот на планетава?

На семинарот насловен како „Движи за Хармонија“, шидоши Довезенски ќе ги обелодени сознанијата од истражувањата за тоа како јапонските воини во минатото се поврзувале со природата преку практиката наречена Шинрин Јоку 森林浴 односно Капење (прочистување) во шумата.

Истовремено, ќе бидат презентирани стари традиционални техники за зголемување на телесната и менталната хармонија преку разни движења, но и начини на дишење и стимулирање на енергијата преку притисок и масажа на одредени делови на телото.

Да не откриваме повеќе, Ве очекуваме на 27 јануари (сабота) во 11.00 часот во доџо-то на Буџинкан Македонија, да го споделиме знаењето кое уште повеќе ќе го подигне квалитетот на нашите животи.
Семинарската такса изнесува 500 денари, а собраните средства ќе бидат искористени во хуманитарни цели.

Одржан Зимскиот Нинџа Тренинг - Начини на Преживување во Природа VIII

Posted on Categories Почетна

Воините на Буџинкан Македонија по осми пат покажаа дека се мајстори за преживување во природа, без разлика на теренот или на временските услови. На температура од нула степени целзиусови проследени со ветер и снег, членовите на доџо-то без никаков проблем излегоа на крај со студеното време кое како да сакаше да ги стави на тест сите учесници на овој традиционален семинар.

Во неделата Воините имаа можност повторно да ги изучуваат тајните на зимското преживување на ридестите терени, а за таа цел инструкторот Довезенски ги избра вулканските возвишенија на Орљак, место идеално токму за вакви семинари. Станува збор за ридови кои се прекриени со магматски карпи кои изобилуваат со ниска вегетација, при што речиси постојано се изложени на ветер. Без разлика на суровиот терен, учесниците за кратко време изградија засолниште доволно големо за да прими и згрижи во текот на ноќта осум лица. Интересно е да се спомене дека целата градба беше направена без употреба на вештачки врзивни и единствено со употреба на природни материјали.

За време на семинарот, шидоши Игор Довезенски одлучи да тестира двајца од своите ученици, при што им зададе задачи и сценарио, според кое поединечно и за неколку саати требаше да направат сопствени засолништа кои ќе бидат доволно квалитетни да овозможат безбеден неколкудневен престој. За жал, ниту еден од кандидатите не ги помина високите стандарди на доџо-то, иако еден од нив беше близу да го оствари тоа, па како награда доби можност следната година да го повтори тестот.

На крајот да кажеме и дека сме горди што на овој семинар учество земаа и тројца членови на детската група (Косара, Ксенија, Петар) кои рамнопарвно учествуваа и ги делеа обврските со нивните постари соборци и ниту еднаш не се пожалија на лошите временски услови во текот на целиот ден.

Одржан вториот „Детски Нинџа Маратон“

Posted on Categories Почетна

Вториот „Детски Нинџа Маратон“ повторно донесе радост и смеа на детските лица. Овој пат со нови техники и нови игри за нашите најмали членови.

На петчасовното дружење овој пат предаваа семпаи Таки Гаковски со асистенција на кохаи Филип Трајановски, како и водачот на Буџинкан Македонија, шидоши Игор Довезенски.

Последниот „Детски Нинџа Маратон“ за првото полугодие во 2018-та ќе се одржи во февруари.

Се гледаме повторно за еден месец!

Извештај за 2017-та година

Posted on Categories Почетна

Минатогодишниот Извештај го завршивме со прашањето: Дали и во 2017-та година ќе можеме да го одржиме епитетот „најдинамично европско доџо“, а истовремено по стоти пат ветивме и дека се додека нашите стапала ја газат оваа македонска земја, нашата љубов кон борбените јапонски класични вештини постојано ќе расте.

За ветувањето секако дека немаше никаква сомнеж дека ќе биде исполнето, бидејќи Воинскиот збор вреди повеќе од се на светот. А што се однесува до прашањето, со задоволство можеме да кажеме дека го добивме одговорот. И при тоа јасно и гласно сакаме да кажеме на цел глас: Го оправдавме епитетот!!! И не само тоа, туку постигнавме и нов рекорд!!!

Покрај секојдневните редовни тренинзи, дополнително организиравме, предававме и учевме на вкупно 38 семинари во текот на годината!!! Поедноставно кажано, во текот на месецот, најмалку три викенди ни биле предвидени и успешно реализирани за семинари.

Да одиме со ред и да Ви презентираме мал дел од тоа што сработивме во текот на изминатата година.

Поради предвидениот пат во Јапонија на шидоши Игор Довезенски во 2018-та, оваа година одлучивме да не организираме меѓународни семинари, туку ние да посетиме некои од нив. Така, во мај, инструкторот Довезенски заедно со својот асистент Опачиќ, учествуваа на тридневниот семинар што се одржа во главниот италијански град – Рим. На семинарот предаваше нашиот учител за Даито рју Аикиџуџутсу, шиханот Антонино Черта, при што ни пренесе нови техники од четвртиот каталог од оваа древна самурајска традиција.
Во декември, шидоши Довезенски замина за Белград (Србија) каде што учествуваше на специјален семинар со познатиот инструктор Марио Тополшек. За време на семинарот, Тополшек предаваше разни техники на дишење, на стимулирање на енергијата преку разни движења, потоа начини на канализирање на енергијата, како и техники на акупресура.

Што се однесува до семинарите на кои предаваше инструкторот Довезенски, листата изгледа вака: десет семинари за Даито рју Аикиџуџутсу, од кои шест во Хомбу и четири во доџото во Скопје. Седум еднодневни, како и девет интензивни Нинџутсу семинари во Хомбу. Десет во природа, од кои два сосема нови: „Најдолгиот Ден“ и „10.000 п.н.е.“

Покрај сите овие настани, вредат да се споменат и следниве: Водачот на Буџинкан Македонија им додели на шидоши хо Зоран Тодоровски и на шидоши хо Марко Опачиќ бронзени медали „Генин“, како признание за нивното десетгодишно редовно вежбање во доџо-то на Буџинкан Македонија; беше организиран првиот „Детски Нинџа Камп“ што отсега редовно ќе се одржува за нашите нај млади вежбачи; на декемвриското полагање добивме двајца нови носители на кафеав појас (1 кју – Михаил Дракалски и Таки Гаковски).

Мора да се спомене и најголемиот настан кој низ текот на годините се здоби со легендарен статус, а тоа е нашиот надалеку прочуен „Летен Нинџа Камп“, на кој инструкторот Довезенски, меѓу другите вештини предаваше и Каџутсу. Истовремено Довезенски вети дека на секој следен камп ќе предава по некоја тајна нинџутсу вештина од школата Тогакуре рју.


Што се однесува до јавните настапи на медиумите, оваа година Довезенски повторно беше интервјуиран од најпосетениот бизнис портал во Македонија (www.bi.mk)

На крајот, како и секоја година, упатуваме огромна благодарност до сите членови на Организацијата „Пат кон Сонцето“, а особено кон нашите ученици од Буџинкан Македонија, кои со своето неуморно залагање овозможија повторно да уживаме во зачудувачкото патување низ светот на традиционалните јапонски боречки традиции (Корју Буџутсу).

Не ветуваме и не најавуваме ништо за 2018-та, бидејќи сме повеќе од сигурни дека што и да ветиме во однос на Нинџутсу или Буџутсу – ќе оствариме.

Пат кон Сонцето. Легендарно Доџо – сложно семејство. Буџинкан Македонија. Во крвта – засекогаш!!!

Нинпо Иккан!!!