Одржана деветата во ред „Работилница за Самоодбрана за Жени®“

Posted on Categories Почетна

Сезоната на интензивни семинари за 2017-та година во Хомбу Доџо-то на Буџинкан Македонија заврши и подобро отколку што се очекуваше. Девојките кои земаа учество на деветата по ред „Работилница за Самоодбрана за Жени“, јуначки ги издржаа сите десет саати динамичен тренинг кој беше наметнат од страна на инструкторот Игор Довезенски.


На Работилницата се пријавија вкупно девет припаднички на поубавиот пол и тоа од сите возрасти. Дел од нив се членови кои редовно вежбаат во нашето доџо, дел се поранешни, а некои од нив за прв пат се пријавуваат на еден ваков настан со цел да научат техники за самообрана кои денес се и повеќе од непоходни за да се заштитиме од насилниците кои се движат околу нас.

За време на првиот ден, дамите имаа можност да научат како да се одбранат од разбојник кој напаѓа со влечење за делови од телото или од облеката, како и техники на одбрана од удари и соборување на земја. Веќе следниот ден, реперотарот беше проширен со техники за ослободување од разни зафати и обиди за силување на земја или кога жртвата е присилно притисната на ѕид.

Секако, слободното време беше искористено за прошетка низ преубавата природа околу Хомбу, а сето тоа беше проследено со многу хумор предизвикан од вицовите кои се раскажуваа меѓу учесничките.

Иако напорни и исцрпувачки, сепак научените техники за време на Работилницата, како и советите и искуството стекнати за време на двата дена, засекогаш ќе останат во спомените на сите девојки и жени кои не почестија со своето присуство за време на овој традиционален настан.

Сега започнува таканаречениот зимски период во кој Хомбу Доџо-то ќе мирува се до почетокот на март, кога повторно ќе ги отвори вратите за активностите на најдинамичниот клуб за традиционални јапонски боречки вештини во Европа, а можеби и пошироко.

Нинпо Иккан.

Нинџа Клинци-те на Буџинкан Македонија по петти пат го окупираа Хомбу Доџо-то

Posted on Categories Почетна

Уште една успешна окупација на Нинџа Клинците врз Хомбу Доџо-то на Буџинкан Македонија.

Есенската инвазија донесе 20 дечиња жедни за нови знаења и подготвени да навлезат во тајните на бестрашните нинџа воини.

Самоодбрана од напад преку употребата на класичните јапонски боречки вештини, но и предавање за историјата на Јапонија преку слики и снимки – ова беше само мал дел од сето тоа што децата го изучуваа во текот на дождливиот, но убав есенски ден.

После овој детски семинар, тие си заминаа со многу нови спомени и научени животни лекции.

До следната Хомбу авантура на пролет – Нинпо Иккан!

Успешно помината маршрутата на „Патот на Шугенџа IX“

Posted on Categories Почетна

Сите деветмина Воини на Буџинкан Македонија, кои во неделата рано наутро тргнаа на легендарниот подвиг, познат под името „Патот на Шугенџа“, вечерта пристигнаа на целта поминувајќи во текот на денот 52 километри за единаесет ипол саати.

Првиот дел од маршутата се движеше по текот на рекичката Живуша, се до еден момент кога шидоши Игор Довезенски не ја измени со тоа што нареди да се скршне по стрмните карпести вулкански ридови кои се протегаат меѓу селата Стрезовце и западниот на Бељаковце. По средбата со дивиот елен кој уште повеќе ја засили љубопитноста за теренот, учесниците на подвигот навлегоа во атарот на селото Руѓинце, од каде што се спуштија во селото Сув Орах, по што почна искачувањето кон планината Козјак и крајната цел – Мокро Езеро.
Пред самиот финиш, беше направена и единствената мала пауза за ручек и за разгледување на Карпинскиот Манастир кој со својата неверојатна убавина ги освои срцата на Воините.
Средбата со Мокро Езеро исто така беше волшебна, а особено кога стадото од речиси 200 слободно пуштени крави се спушти од блиската шума за да се напои со вода.
Враќањето се одвиваше во спротивен лак од првичната рута, односно овој пат групата се движеше полукружно од запад кон исток, при тоа навлегувајќи во селото Облавце, од каде што преку западниот дел на Стрезовце се скршна кон исток и во паралелна линија со ридот Орљак се навлезе во Бељаковце. При самото спуштање кон северната страна на Орљак, кај неколкумина членови се појави и првата и единствена криза, која вклучуваше болки во задниот дел на коленото, меѓутоа истата набргу ја снема како што се ближеше целта.


На пет километри пред Хомбу, инструкторот Довезенски нареди да се направат традиционалните 20 склекови со полна „борбена опрема“, со цел да се демонстрира силината на духот на Воините на Буџинкан Македонија.

По пристигнувањето во Хомбу односно на почетната точка, само кај неколкумина учесници се јави мало покачување на телесната температура проследено со блага треска, што е вообичаен одговор на имунолошкиот систем кога телото е изложено на екстремни напори.

До следното патешествие!