Одржана единаесеттата „Работилница за Самоодбрана за Жени“

Posted on Categories Почетна

Над триесет учеснички во текот на вчерашниот ден уживаа во прекрасната атмосфера која постојано лебдеше во воздухот за време на традиционалната „Работилница за Самоодбрана за Жени“ која се одржува еднаш годишно во организација на Буџинкан Македонија.

За прв пат во Република Македонија, овој настан започнавме да го организираме уште во 2008 година и оттогаш стана синоним за квалитетна обука на припадничките на поубавиот пол.

За време на Работилницата, се изучуваат разни техники за самоодбрана од насилници и тоа според различни сценарија кои потенцијално и реално би можеле да се случат.

Инаку, учителот Игор Довезенски за време на настанот инсистира на подеднаква застапеност како на физичките, така и на менталните техники за подготовка на жените при можни несакани дејствија, па затоа неговите помошници од доџото се во улога на разбојници, со цел учесничките да можат пореално да се соочат со стравот и со силата која доаѓа при нападот.

Доколку сте заинтересирани за тренинзи во нашето доџо или за специјални курсеви за самоодбрана, слободно јавете се на некои од нашите телефони или пишете ни на нашата електронска адреса.

Шиноби Таисо семинар за инструктори

Posted on Categories Почетна

Шиноби Таисо семинар за инструктори се одржа во неделата во скопското доџо на Буџинкан Македонија.

Присутните на настанот имаа можност да научат нови Џунан Таисо и Џунан Ундо техники, како и неколку нови манипулации на телото за балансирање на мускулната нерамнотежа.

Исто така, учителот Довезенски подучуваше начини за истегнување со таканареченото Шиноби Тркало односно реквизит кој се користи како помошно помагало за изведување на вежбите.

Одржан „Начини на Зимско Преживување XII“

Posted on Categories Почетна
Во местото С’мкнено во близина на нашето Хомбу Доџо, вчера се одржа традиционалниот зимски семинар „Начини на Зимско Преживување“.

Смрзнатата вода во вировите кажуваше дека температурата во поголемиот дел од денот беше под нулата, меѓутоа блескавото сонце кое секогаш е дарежливо над македонската земја, направи да се чувствуваме како да е пролет.

Како и секоја година, повторивме дел од старите лекции, а секако научивме и нови. Истовремено, двајца наши членови се обидоа да го положат тешкиот тест за зимско преживување и едниот од нив успеа. Михаил Дракалски – ти честитаме. После толку обиди, конечно и заслужено успеа!

Оваа година повторно имавме солидна бројка на учесници. Дури 16. „Начините на Зимско Преживување“ се многу привлечни за членовите на Буџинкан Македонија, но и за луѓето од страна кои се пријавуваат за да бидат дел од нашата магија.

Инаку, учителот Игор Довезенски почнал да ги изучува техниките за преживување уште од својата седма година, од својот дедо Љубомир, кој за време на втората светска војна бил извидник во партизанскиот одред. По завршувањето на војната, тој служел уште три години во војската, обучувајќи вод со извидници кои требало да се движат пред тенковската дивизија, со цел да го извидуваат теренот и да собираат информации за непријателските единици. Па така, за Довезенски оваа година е јубилејна односно 40 години учење, вежбање, практикување и предавање техники за преживување.
Не пропуштајте следната година да бидете и Вие дел од овој традиционален семинар, единствен во нашата Македонија.

Одржан деветиот Детски Нинџа Маратон

Posted on Categories Почетна

Деветиот Детски Нинџа Маратон беше одржан во неделата, во скопското Доџо на Буџинкан Македонија.

Овој настан, кој се одржува еднаш месечно во текот на зимските месеци, има за цел преку забава и дружење да ги доближи јапонските боречки вештини до најмладите членови од секцијата Нинџа Клинци.

Следниот Детски Нинџа Маратон, ќе се одржи во текот на месецот февруари. Се гледаме.

Извештај за 2021 година

Posted on Categories Почетна

Разочарани од пандемиската 2020-та година и наметнатите нелогични мерки и забрани кои целосно го сменија текот на животот, не дозволивме и 2021-ва да помине без настани кои ќе помогнат да се продолжи со пишување на историјата на Буџинкан Македонија и на Пат кон Сонцето.

Па така, ако претходната година немавме доволно семинари кои би не мотивирале да направиме Извештај за нашата работа, во 2021 се погриживме храбро и одважно да го вратиме стариот сјај и да продолжиме по Патот, не обрнувајќи повеќе внимание на тешкотиите предизвикани од светската хаотична здравствена криза.

Почитувани членови на Буџинкан Македонија и почитувани пријатели, годинава зад нас успеавме да организираме 25 семинари. Од нив, четири беа одржани во скопското Доџо, пет во природа, додека 16 во нашето Хомбу Доџо во долината под Липац.

За истакнување се и неколку настани, од кои посебно се издвојува полагањето за мајсторско звање (шодан) на нашиот долгогодишен член Таки Гаковски, што се одржа во јуни во Хомбу-то на Буџинкан Македонија. Би сакале да го споменеме и доделувањето на бронзените медали „Генин“, на двајцата наши истакнати членови: Благица Божиновска и Михаил Дракалски.

Несомнено, тука заслужува да се спомене и издавањето на првата Буџинкан манга во светот, чии автори се учителот и водачот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски, заедно со неговиот верен ученик Таки Гаковски. Стрипот е испечатен на македонски и на англиски јазик и веќе се продадени над 100 парчиња во нашата земја, како и над 300 во државите низ сите меридијани на земјината топка.
Оваа година конечно го завршивме серијалот на семинари во природа познат под името „Живот во Дивината“ и го најавивме почетокот на новиот серијал што ќе започне од 2022 година, меѓутоа за тоа малку подоцна ќе информираме подетално.
И секако, овој Извештај ќе го завршиме со споменување на легендарните Летни Нинџа Кампови кои и оваа година успешно се организираа и одржаа во нашето Хомбу Доџо.

За крај, би сакале да Ви ја честитаме новата 2022-ра година и да Ви посакаме многу повеќе успех на Патот.
И не заборавајте: „Нинџите никогаш не се откажуваат“. Нинпо Иккан!!!

Полагање за ученички степени

Posted on Categories Почетна

На еден ден пред почетокот на новата година, дечињата и почетниците на Буџинкан Македонија имаа можност да го проверат своето знаење и да земат учество на годишното полагање за повисоки ученички степени.

Од детската група „Нинџа Клинци“, со повисоко звање се стекнаа: Јана Ч., Антони П. и Михаил В. (10 кју), потоа Марио Н. и Петар К. (9 кју), Марко П. и Дарјан Б. (8 кју), како и Демиан Б. (7 кју).

Од почетничката возрасна група за десети кју положи Тодор Р., за девети Сара Г. и Јована Н., за осми кју Марина Ј., за седми Љубомир П., додека за шести кју положија Тања Р. и Марко П.

На сите ученици кои се стекнаа со повисоко звање им честитаме и им посакуваме уште посилно и похрабро да зачекорат по Патот.