Буџинкан Доџо

Posted on Categories Буџинкан

Организацијата Буџинкан Доџо (Bujinkan Dojo) е основана во
седумдесетите години на минатиот век, од страна на соке Масааки Хатсуми, а во чест на неговиот учител Тошитсугу Такаматсу. Станува збор за интернационална организација со седиште во градот Нода, во провинцијата Чиба, во Јапонија. Буџинкан Доџо во превод значи „Двор на божествениот воин“ односно „Место каде што вежба божествениот воин“.

Во Буџинкан се изучуваат девет традиционални јапонски борбени школи (рју-ха). Некои од нив имаат самурајски корени, а некои низ текот на времето биле преземени и усовршувани од страна на легендарните нинџа воини.

Низ генерациите, пренесувани од колено на колено, од татко на син, од учител на ученик, во 1972 година сите девет школи ги наследил Масааки Хатсуми, благодарение на својот учител Такаматсу.

Деветте вештини, познати како Такаматсу-ден (наследството на
Такаматсу), си имаат своја историја и традиција. Секоја од нив има
посебни карактеристики, техники и тактики, како и специфични оружја.

Во почетокот, до 1996 година, школите се вежбале одделно, но потоа
соке Масааки Хатсуми почнува да ги предава под едно заедничко име – Будо Таиџутсу. Оттогаш, па наваму, повеќе внимание се посветува на  таканареченото „чуство“ при изведбата на техниките односно на прилагодувањето на катата во моментот на самиот напад (хенка). Денес, новиот хибриден систем е прифатен од поголемиот дел од членовите на Буџинкан Доџо. Меѓутоа, еден мал дел од ограноците на организацијата, меѓу кои и Буџинкан Македонија, се уште се држи до „стариот начин“ на изучување на вештините одделно и со сите нивни карактеристики.

Сенсеи Масааки Хатсуми е наследник на деветте школи:

– Тогакуре рју Нинџутсу / 戸隠流忍術 34 Соке

– Гјокко рју Кошиџутсу / 玉虎流骨指術 28 Соке

– Кото рју Копоџутсу / 虎倒流骨法術 18 Соке

– Кукишинден рју Хаппо Бикенџутсу / 九鬼神伝流八法秘剣術 28 Соке

– Шинденфудо рју Дакентаиџутсу / 神伝不動流打拳体術 26 Соке

– Такагијошин рју Џутаиџутсу / 高木揚心流柔体術 17 Соке

– Гикан рју Копоџутсу / 義鑑流骨法術 15 Соке

– Гјокушин рју Нинџутсу / 玉心流忍術 21 Соке

– Кумогакуре рју Нинџутсу / 雲隠流忍術 14 Соке

Тошитсугу Такаматсу

Posted on Categories Буџинкан

Тошитсугу Такаматсу е роден во 23-та година од Меиџи ерата (10.03.1887), во Акаши, во провинцијата Хјого во Јапонија. Неговата фамилија потекнува од Матсугашима во Исе. Во еден период од семејната историја, предците на Такаматсу биле Даимјо-и на тој реон, со сопствена Хосокуби тврдина. Еден од предците е познатиот Такаматсу Масатоши. Семејството било поврзано и со храмот Амсута. Свештеникот Фуџивара Тошихиро на фамилијата Такаматсу и подарил макимоно запис наречен Аматсу Татара кој го чувал во храмот, а се однесувал на тајните начини на лекување на телото и духот.

Дедото на Тошитсугу Такаматсу, Тода Шинрјукен Масамитсу, имал клиника за коски и доџо за будо во градот Кобе. Во тоа доџо, тој бил соке (поглавар) за боречкиот систем Шинденфудо Рју. Тода бил 8-ма генерација на Тозава Рју Таро и бил потомок на Тозава Хакуунсаи, оригиналниот основач на системот Гјокко Рју Кошиџутсу. Тода имал ранг на самурај, а потекнувал од провинцијата Ига.

Некои членови од фамилијата на Такаматсу потекнувале од Такао, планинскиот дел на Ига, попознат како стожер на нинџа семејствата. Во една прилика Такаматсу изјавил дека само малку луѓе од неговата фамилија го проучувале боречкиот систем нинџутсу, односно по еден или двајца членови од секоја генерација. Тода ги проучувал и школите Шинден Кото Рју Карате (подоцна името е сменето во Кото Рју Коппојутсу), Гјокко Рју Кошиџутсу, Кумогакуре Рју Ниџутсу, Гјокушин Рју Нинџутсу и Тогакуре Рју Нинпо Таиџутсу. Покрај тоа, Тода бил постар инструктор во Бикеншин Рју Кенџутсу, школа која ја изучувале шогуните од Токугава и која тој ја предавал на воената академија во Накано.

Откако ја совладал Шинденфудо Рју, Тода го изучувал системот Кото Рју, а потоа и Тогакуре Рју. Во тоа време, Тода пишувал книга за воената стратегија и поради тоа бил повикан да држи предавања на Царската воена школа. Подоцна, Тода и Такаматсу заедно издаваат воен прирачник (сеуште нема докази дека е пронајден). Војската ги прифатила техниките од прирачникот во сопствениот образовен систем.

Во 1900 година, кога Такаматсу имал 13 години, го напушта средното образование и се запишува во англиското школо на Џорџ Бундов и во Кинеското класично школо во својот роден град Кобе. По некое време се приклучува на школата Такаги Јошин Рју, каде учителот Мизута Јошитаро Тадафуса бил 15-ти соке. Вредно тренирал во неговото доџо секој ден и кога наполнил 17 години Мизута му дал Менкјо Каиден (лиценца) за Такаги Јошин Рју.

Од учителот Ишитани Матсутаро Такекаге (роднина од татковата страна), Такаматсу ја научил вештината Куки Хаппо Бикен но Џутсу (вештина на скриеното оружје против деветте демони во осум правци – Кукишинден Рју). Покрај оваа школа, Ишитани вежбал и нинџутсу од различни аспекти, а го подучувал и Такаматсу на други вештини каде што исто така бил соке. Тоа биле Хон Таи Такаги Јошин Рју (Такаматсу тоа веке го научил кај Мизута), Гикан Рју Коппоџутсу и Шинден Мусо Рју.

По смрта на својот дедо Тода, Такаматсу заминал во Кина. Една од причините за неговото заминување била желбата да го испроба своето знаење, бидејќи тоа веќе не било можно во Јапонија, каде биле донесени строги забрани за употреба на вештините на старите школи. Така, тој заминал да работи во Кина кај воинствените војсководци распрскани низ оваа голема земја.

На патот за Кина, поминувајќи низ Кореа, Такаматсу учел кај учителот Ким Кеи-меи. Подоцна, мајсторирал уште 18 кинески и корејски боречки вештини. Тој минал низ пределите Тенсеин, Монголија и Манџурија, каде служел кај многу господари и се задржал цели 10 години. Додека талкал низ Кина, Такаматсу бил предизвикан на двобој во неколку борби. За да преживее, тој подучувал боречки вештини. Во еден момент од животот во Кина, Такаматсу предавал во англиско училиште каде што имал околу 1000 ученици. Многу стари мајстори по боречки вештини доаѓале да го предизвикаат на борба младиот Такаматсу. Тоа било време кога единствен начин да се задржи кредибилитетот како боречки мајстор и учител било да се прифати секој предизвик за борба. Тој се борел против сите предизвикувачи и не загубил ниту една борба, иако имал неколку нерешени. Во дневникот на Такаматсу е запишано дека во 12 борби тој морал да се бори до смрт и дека имал 7 организирани и официјални натпреварувачки дуели. Сето ова се случувало до периодот кога Такаматсу наближувал до својата 30-та година. Поради начинот на кој се борел, Такаматсу во Кина бил познат под прекарот Монголски Тигар.

Во 1919 година, Такаматсу се врака во Јапонија. По кратко време заминува во храмот Тендаи на планината Хиеи во Кјото, каде се замонашува. Иако велел дека не е премногу религиозен, поради неговиот прилагодлив дух тој изучувал три различни религии. До крајот на својот живот се молел за луѓето кои ги убил во дуелите и велел дека често грешел во својата младост.

Кога подостарел, Такаматсу отворил чајџилница и хотел во градот Кашивара, во провинцијата Нара во Јапонија. Таму отворил и доџо кое го нарекол Сакушин.

Такаматсу бил ангажиран и како советник и координатор за боречки вештини во филмот Шиноби но Моно, при што ги учел глумците техники од нинџутсу школите.

Во 1950 година, кај Такаматсу доаѓа да учи 26 годишниот Масааки Хатсуми. Дотогаш Хатсуми учел кобудо (класични боречки вештини) кај учителот Уено Такаши, кој, пак, бил ученик кај Такаматсу сенсеи. Еден ден Уено му кажал на Хатсуми дека повеќе нема што да го подучува и дека ако сака повеќе да научи тоа може само од учителот Такаматсу. Тогаш Хатсуми заминува во Нара да го пронајде легендарниот Монголски Тигар. Хатсуми веќе имал високи (дан) степени во неколку боречки вештини како што се Карате и Аикидо, а најдобар бил во Џудо (4 дан), поради што и одржувал тренинзи во американската база во Зама.

Освен Хатсуми, Такаматсу имал и други уценици: Акимото Фумио, Уено Такаши, Такеучи Кикакусаи, Ханаока Нангаку, Сато Кинбеи, Коба Коширо и др.

Еден ден, Такаматсу и Хатсуми седеле во собата за гости и Такаматсу му рекол на Хатсуми да ги затвори очите и да медитира. Хатсуми слушнал како Такаматсу ја напушта собата и се симнува по скалите, меѓутоа не слушнал кога Такаматсу повторно влегол во собата, бидејки тој ги користел нинџа методите на тивко движење и влегување (шиноби ири). Тогаш, Такаматсу го нападнал Хатсуми од зад грб со катана изведувајки ја техниката џумонџи кири. Носен од некоја невидлива сила, Хатсуми се извлекол на страна и го избегнал нападот. Тогаш, Такаматсу му рекол дека го положил сакки тестот. По ова, стариот воин на Хатсуми му дава менкјо каиден со што Хатсуми станува поглавар на девет традиционални боречки школи.

На останатите свои ученици, Такаматсу им соопштил дека одлучил Хатсуми да ја пренесува традицијата и го прогласил за соке на девет ратнички вештини.

Откако Хатсуми и официјално станува соке, ја создава организацијата Буџинкан во која се вклучени сите девет традиции односно школи кои му ги пренел Такаматсу Сенсеи. Така, новиот соке создал свое доџо со свои правила.

Во 1972 година, на 85 годишна возраст, Такаматсу сенсеи умира. Иако прекинува со тренинзите на 80 години, тој и понатаму продолжил да ја надгледува работата на Хатсуми кого го чувствувал како свој син.

Такаматсу бил член на Шобу Буреау, бил поранешен претседател на Ниппон Минкоку Сеинен Ботоку Каи (Организација на боречки вештини на јапонската младина) и бил познат во Јапонија како учител по Џуџутсу и Буџутсу. Од деветте школи, во Јапонија бил најпознат како учител за Кукишинден Рју. Се зборува дека кога умрел неговите соседи биле шокирани од сознанието дека покојниот бил голем учител на последната древна школа на нинџутсу – Тогакуре Рју.

Такаматсу Тошитсугу бил голем човек и жив пример за вистински боречки мајстор. Поради брзиот начин наживот и големите промени што се случуваат денес, тој бил можеби последниот од големите Самураи. Еден ден неговите приказни за борбите и за духовните мудрости ке станат дел од историјата и ќе се проучуваат на училиштата исто како што денес се учат лекциите за Мијамото Мусаши.

Учениците на Буџинкан се срекни што можат да ги вежбаат вештините што Такаматсу ги оставил зад себе, живеејки го својот живот според принципите на Будо-то.

Масааки Хатсуми

Posted on Categories Буџинкан

Масааки Хатсуми е роден на 2 Декември 1931 година во градот Нода-ши, во областа Чиба-кен, во Јапонија. Со боречки вештини започнува да се занимава на возраст од 7 години и тоа со Кендо. Подоцна изучувал Аикиџутсу, Џудо и Шито Рју Карате-до (Зен-Беи Бутокукаи). Кај Јаширо сенсеи вежбал Шинден Рју Џуџутсу, а од учителот Уено Такеши ги научил вештините Шиндо Теншин Рју, Асајама Ичиден Рју и Кобуџутсу Џухаппан (Уено патувал во Нода само за да го подучува Хатсуми) за кои добил мајсторски титули. За време на студентските денови, Хатсуми ги испробал западните спортови како што се бокс, гимнастика и фудбал. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности (кабуки театар) и на Факултетот за медицинска остеопатија на Меиџи универзитетот во Токио. По завршувањето на студиите, продолжил со изучување на ориенталната медицина и киропрактиката, а подоцна отвара сопствена Клиника за киропрактика во родниот град Нода.

Во 1957 година, на 26 годишна возраст, преку учителот Уено Такеши, Хатсуми го запознава Тошитсугу Такаматсу, легендарниот учител на Нинпо Таиџутсу познат под името Монголски Тигар. Такаматсу го зема Хатсуми за личен ученик и во наредните 15 години Хатсуми секој викенд патувал по 15 часа долж целиот остров Хоншу за да стигне до градот Кашивабара и трошел илјадници јена, само за да учи од големиот учител. За тренингот со Такаматсу, Хатсуми велел дека бил неверојатен и дека секогаш се чувствувал како да чекори под сечивото на катаната. Откако го поминал сакки тестот (убиствениот тест), Такаматсу Соке на Хатсуми му дава Менкјо Каиден (мајсторска лиценца) за девет школи на борбени вештини. Една година пред својата смрт (1972 г.), Такаматсу на Хатсуми му рекол дека го научил се што знае.

Така, после 15 години подучување, Такаматсу одлучил Хатсуми да биде следниот Соке (поглавар и наследник на традицијата) на девет традиционални борбени школи.

Во чест на својот учител, Хатсуми основа организација која ја нарекува Буџинкан Доџо што во превод значи „Место каде што вежба божествениот воин“.

Во 1961 година, Хатсуми одржува предавања и демонстрации пред Јапонскиот Цар (Тенно) Акихито, при што го запознава со традиционалните нинџа оружја и техники.

Во 1981 година, Хатсуми за прв пат патува надвор од Јапонија за да држи предавања за нинџутсу, а во 1986 година добива награда од најтиражното списание за боречки вештини „Black Belt“ кое го прогласува за најдобар учител на годината.

Во 1987 година, го одржува првиот Таи Каи (борбен собор) во Европа (Лондон), а потоа продолжува да држи Таи Каи семинари низ целиот свет: САД, Шпанија, Шведска, Австралија, Германија, Нов Зеланд, Франција, Аргентина, Италија, Холандија, Португалија и Норвешка.

Буџинден Хонбу Доџо (главното доџо-стожерот) се наоѓа во градот Нода-ши и во него доаѓат ученици од целиот свет, сите со една единствена цел-да ја изучуваат легендарната вештина на нинџа воините. После 20 години патување низ целиот свет по неколку пати во текот на една година за да држи Таи Каи, денес Соке Хатсуми одржува семинари и тренинзи само во Јапонија (Таи Каи Даи Комјо Саи).

За својата работа и подучување, д-р Масааки Хатсуми добил бројни признанија и награди од воени (US Marines, SAS, US Navy Seal, US Delta и др.), полициски (почесен член на Аризона и Тексас Ренџерс, FBI, DEA, NSA, CIA, SWAT и др.) и државни институции (Пентагон, Белата Куќа и др.).

Почесен граѓанин е на многу светски градови (меѓу кои и на Лос Ангелес, Атланта, Даблин).

Добил признанија од големи државници и владетели: Роналд Реган, Џералд Форд, Џими Картер, Бил Клинтон, Маргарет Тачер, Џон Мејџер, Принцот Чарлс, Далај Лама, Нелсон Мендела и многу други.

Во 1995 година, од страна на претседателот на „Зен Ниппон Тодо Ренмеи“ (Јапонската федерација за мечување), Наказава Тоши, на Хатсуми му е доделена титулата Тодо Ханши (велемајстор за вештина со меч).

За својата работа тој добил признание и благослов од Папата Иван Павле II (единствен практикант на боречки вештини во светот што добил вакво признание), а исто така, примил ордени и одликувања од јапонскиот Цар и јапонската влада (Секаи Бунка Таишо, Шакаи, Бунка Корошо, Кокусаи Бунка Еијошо).

Масааки Хатсуми учествувал како советник во филмовите со нинџа тематика:„ Шиноби но моно“ и „Само двапати се живее“ (Џемс Бонд). Како глумец учествувал во серијалот „Сутеки но мама и Џираја (во 50 епизоди го глуми ликот на Јамаџи Тетсузан).

Соке Хатсуми е доктор по остеопатија, има почесен докторат за природни науки од Американскиот Универзитет, почесен докторат од Институтот за електронски истражувања при Вашингтонскиот Универзитет, почесен докторат за остеопатија при Манчестерскиот Универзитет. Тој е уметник на нихонга (јапонски стил на сликање) кој имал свои изложби во Гинза-Нагаи галеријата.

Хатсуми е музичар и пеач, но и писател (Претседател и Директор на Интернационалниот оддел во Клубот на Јапонските литературни уметници 1990-1994 г.)

Има издадено десетина книги и преку шеесетина видео касети и ДВД со тема Нинпо Будо Таиџутсу-Нинџутсу.

Денес, Масааки Хатсуми Соке важи за еден од најдобрите мајстори за боречки вештини во светот, а јапонската влада го смета за национално богатство и поради тоа го одликувала за неговата работа и допринос во развојот на јапонската култура и боречките вештини.