Одржан семинарот „Силата на Јари XVII“

Posted on Categories Почетна

Ладното време не им попречи на членовите на Буџинкан Македонија успешно да го реализираат 17-тиот редовен семинар посветен на техниките на борба со копје, познат под името – „Силата на Јари“.

Настанот повторно се одржа во шумата Млака, при што учество зедоа повеќе од 20 практиканти од различни возрасни групи.

Особено инспиративно беше да се види посветеноста и ентузијазмот на помладите ученици, кои активно се запознаваа и ги продлабочуваа своите знаења за СоЏутсу (вештина на борба со копје) од школата Шинден Фудо рју ДакенТаиџутсу. Под водство на учителот Игор Довезенски, учесниците имаа можност да учат од неговото богато искуство и пристап, кој несебично го споделува со сите присутни.

Според годишната програма на Буџинкан Македонија, следниот семинар ќе биде посветен на темите Хоџутсу и ЈумиЈа.

Одржан 18-тиот традиционален семинар за Шурикени

Posted on Categories Почетна

Во саботата што измина, во дворот на Хомбу Доџото на Организацијата „Пат кон Сонцето“, се реализираше семинар посветен на техниките на гаѓање со Шурикени. На настанот присуствуваа 23 ученици на Буџинкан Македонија.

Активностите започнаа со практичен тренинг, каде учесниците гаѓаа на три различни цели. Под водство на инструкторот Игор Довезенски беа обработени повеќе техники на фрлање, со посебен акцент на прецизноста, контролата и правилната изведба. Секој од присутните имаше можност да ги повтори техниките и да добие насоки за подобрување.

По официјалниот дел, учесниците продолжија со дружење покрај каминот во Доџото, проследено со заедничка вечера и друштвени игри.

Овој настан како и секогаш внесе нова енергија и мотивација кај членовите, овозможувајќи им да стекнат дополнителни вештини, но и да создадат убави спомени заедно.

Всушност, со семинарот за Шурикени и официјално ја отворивме сезоната 2026-та во Хомбу Доџото на „Пат кон Сонцето“.

Учителот Игор Довезенски на заеднички тренинг со соборците од Катори Шинто рју во Амстердам

Posted on Categories Почетна

Водачот на Организацијата „Пат кон Сонцето“, Игор Довезенски, оствари четиридневна посета на Амстердам, Холандија, каде што се сретна со соборците од клубот на својот починат учител и ментор по Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу.

Посетата беше во знакот на заедничко сеќавање и почит, бидејќи Довезенски активно учествуваше на тренинзите организирани во чест на роденденот на нивниот учител, Ерик Лоув. Средбата беше исполнета со силни емоции, особено при повторното обединување со поранешните ученици на Лоув Сенсеи — луѓе со кои Довезенски делел години на усовршување во Јапонија, но и заеднички искуства при нивните посети на Хомбу Доџото на „Пат кон Сонцето“ во Македонија.

Во миговите на тишина и лична рефлексија, Довезенски ги посети местата кои ги имаа обележано неговите први чекори во оваа дисциплина за време на неговиот тринеделен престој во 2013 година, заедно со својот учител. Тоа беше патување низ спомени, но и потсетник на патот кој продолжува.

Како природно продолжение на оваа средба, беше воспоставен договор за понатамошна соработка со наследникот на Лоув Сенсеи, Марсел Бреедвелд. Соработката ќе се реализира преку редовни заеднички тренинзи, семинари и меѓусебни посети на доџоата во Македонија и Холандија — како жив мост помеѓу традицијата, пријателството и заедничката посветеност кон патот.