Огромниот интерес и големата посетеност на зимскиот нинџа тренинг, посветен на техниките на преживување во природа во сурови услови, гарантираат дека овој настан уште долго време ќе биде дел од редовната годишна програма на семинари организирани од страна на Буџинкан Македонија.
Масовноста на настанот е причина учителот Игор Довезенски со задоволство да го пренесува своето знаење на учениците кои со нетрпение секоја година го очекуваат вториот викенд на јануари – терминот кога се одржува овој семинар.
Оваа година, семинарот повторно се врати во шумата Млака во долината на мистичната планина Липац. Иако конфигурацијата и богатсвото на теренот односно локацијата овозможуваат поголеми изгледи за успешно преживување во зима, сепак температурата на воздухот, која постојано беше во минус, ги предупредуваше учесниците дека за време на најладните месеци никогаш не смее да се дозволи потценување на природата.
На овој семинар, учителот Игор Довезенски одлучи да се изградат две различни засолништа. Истовремено на друга локација, беше тестирано знаењето на шидоши хо Владимир Антовски околу техниките на зимско преживување. Откако Довезенски внимателно го разгледа засолништето изградено од страна на својот ученик, донесе заклучок дека кандидатот успешно ги совладал основите на преживување во зима, за што ќе добие и посебен сетификат.