Викендов, во скопското доџо на Буџинкан Македонија, се одржа дводневен семинар посветен на темата Наге Ваза / Каеши Ваза, односно на техниките на фрлање и контратехниките со кои се неутрализираат истите.

Семинарот се одржа под водство на учителот Игор Довезенски, за кого овој настан имаше посебно значење, бидејќи претставуваше негов 700-ти семинар во досегашната учителска кариера.

На семинарот учествуваа неколку ученици на Буџинкан Македонија, кои во текот на двата дена имаа можност да се запознаат со разновидни техники на фрлање, како и со нивните соодветни контратехники. Преку детална и систематизирана работа, учесниците ги изучуваа принципите на изведување на техниките, правилното поставување на телото, одржувањето на рамнотежата и навременото препознавање на противничкото движење. Она што особено го одбележа семинарот беше начинот на кој учителот Довезенски го пренесуваше своето знаење. Предавањето беше исклучително детално и прецизно, а истовремено јасно, разбирливо и лесно за следење. Секоја техника беше објаснета и демонстрирана со посебно внимание, овозможувајќи им на учениците постепено да ги совладуваат нејзините суштински принципи и да ги разберат можностите за нејзино практично применување.

Семинарот уште еднаш ја потврди важноста на континуираното изучување, усовршување и продлабочување на знаењето во традиционалните јапонски боречки вештини.

Следниот семинар ќе се одржи за седум дена, а ќе биде посветен на древната самурајска боречка школа Даито рју Аикиџуџутсу. Сите заинтересирани се добредојдени да земат учество, без оглед на нивото на претходно искуство или степенот на звање – од почетници до поискусни практиканти.

Ве очекуваме заедно да продолжиме да го изучуваме, практикуваме и негуваме богатото наследство на традиционалните јапонски боречки вештини!






























