Летен Нинџа Камп VI

Posted on Categories Почетна

Одбројувањето започна. За пет дена стартува шестиот по ред Летен Нинџа Камп во организација на доџото за класични јапонски борбени вештини – Буџинкан Македонија. 

Како и секоја година, кампот ќе се одржи во периодот од 4-ти до 12-ти август, во хомбу доџо-то на организацијата Пат кон Сонцето, а сместено во долината под планината Липац. 

Додека некои наши членови го користат август како единствен месец за одмор од напорните тренинзи, други му дават приоритет на Летниот Нинџа Камп на Буџинкан Македонија. Така, тренинзите продолжуваат со уште посилно темпо, „засилени“ со неверојатно добра забава и дружење.  

Настанот е отворен за сите, без разлика на стилот или степенот во одредена боречка вештина. Ова е шанса одблизу да се запознаете со нашата работа и да се дружите со членовите на Буџинкан Македонија. 

Остануваат уште неколку дена за пријавување.

Повеќе информации тука: http://hombu.koryu.mk/article/show/468



Одржан семинарот „Живот во Дивината“

Posted on Categories Почетна

Со одржувањето на настанот „Живот во Дивината“, започна испишувањето на новата страница на историјата на Буџинкан Македонија, а која се однесува на семинарите во природа. 

Како што и претходно беше најавено, предвидено е овој настан да се одржува во текот на следните седум години, при што членовите на доџо-то ќе можат да научат како да се живее во заедница и во хармонија со природата, а според сценариото за некаква природна катастрофа или ситуација која бара од нас да се повлечеме далеку од цивилизацијата односно во дивината. 
Секоја година, семинарот ќе се одржува на различна локација која ќе овозможи учење на техники за живот во дивината во различни услови. Така, оваа година настанот се одржа во услови кои овозможуваат да се осети суровоста, но и благодетите кои ги нуди планината, додека следната година веќе е договорено да се изучуваат техниките на живеење во група – покрај река.
Но да се вратиме на семинарот што се одржа викендов. 
Уште во раните утрински часови, по пристигнувањето на локацијата во близина на врвот на планината Липац, учесниците на семинарот почнаа со изградба на камп. Инструкторот Игор Довезенски веднаш почна со предавање на техниките за преживување на поголема група луѓе, како и на организирање живот во дивината на подолг временски период.
Инаку, за тие што не знаат, шидоши Довезенски досега има одржано над 300 семинари во природа, така што неговото искуство на ова поле е навистина големо. Техниките на преживување во природа во најголем дел ги има научено од својот дедо, кој бил учесник во втората светска војна и одликуван со повеќе заслуги, меѓу кои и за ослободување на градот Скопје. За време на војната и после неа, тој бил извидник во тенковска единица и техниките на преживување во природа му помогнале да преживее во многу опасни ситуации. 
Во текот на саботата, шидоши Довезенски успешно ги предаде сите техники предвидени за првиот ден од семинарот и се течеше според планот, но во текот на ноќтта, точно во 03:50 часот, се случи природна непогода која како да сакаше да ја провери ефикасноста на техниките што се изучуваа во текот на денот. 
Речиси наеднаш, облаците ги прекрија ѕвездите и од сите страни на планината започнаа да удираат громови, а молњите стравично блескаа наоколу. Започна да врне пороен дожд, засилен со силен ветер, кој мократа облека уште повеќе ја лепеше врз телата на учесниците и им ја спушташе температурата на телото. Во такви услови, кога беше јасно дека кампот нема никакви шанси да го издржи овој налет, инструкторот Довезенски нареди итна евакуација од местото и барање на ново засолниште кое ќе овозможи подобра заштита. Веднаш се започна со спуштање во пониските делови на планината. Поради густата темнина и непроодниот терен, членовите на Буџинкан Македонија тешко се пробиваа низ густата вегетација, но по педесет минути, успејава да пронајдат стара руина од 18 век, која имаше зачувано еден дел од тремот што овозможи заштита од дождот. 
По пристигнувањето, инструкторот Довезенски кажа дека од овој момент почнува „војничка дисциплина“ која е непоходна за да можат сите здрави да си заминат дома. Потоа, нареди сите членови да ја соблечат мократа облека од себе, за веднаш потоа да се запали оган за затоплување и сушење на облеката. И покрај големата влажност, искуството на инструкторот се покажа како непроценливо бидејќи оганот беше брзо запален, а со тоа беше овозможено и загревање на телата. По неколку часа, веќе и облеката беше засушена, така што во текот на вториот ден, семинарот продолжи според предвидената програма. 

Ви пренесуваме мали делови од импресиите на учесниците, кои во целост ги објавија на нашиот Форум:

Зоран Тодоровски – Наеднаш ме разбуди една голема капка дожд која ме погоди во капакот на окото. Како да сакаше да предупреди дека оваа ноќ нема да биде обична како и секоја друга. Го свртев погледот околу себе, насекаде молњи и татнежи. Во тие моменти само на кратко ми се сретна погледот со Сенсеи Довезенски. Тој веќе беше буден. Од очите си прочитавме само едно нешто. Дека мораме веднаш да го напуштиме местото. 

-Станувај, облекувај чизми и земете го со вас само неопходното, си одиме одовде! Ајде, ајде, СТАНУВАЈ, викаше сенсеи.
Беше 03:50 часот. Во истиот момент почна дожд и ветер со невиден интензитет. Почна да беснее жестока бура. Формиравме колона, светнаа неколку батерии и тргнавме да бараме засолниште. Се нурнавме во темнината. Бевме сите одлучни да го сториме тоа. Напред беше Сенсеи.Тргнавме. Осуммина луѓе се најдоа токму во центарот на невремето, а молњите и громовите како да го стегаа обрачот околу нас и маваа се поблиску и поблиску! Како некое чудовиште да ни се приближуваше, рикајќи на нас.
Марко Опачиќ – Ова беше семинар на кој на виделина излезе целиот труд што Сенсеи го вложуваше во нас во текот на изминативе години, особено на „преживувањата“ (зимски и летни). Дојде моментот кога сите тие показни вежби и техники требаше да ги искористиме сега, за да преживееме. Се разбира, сето тоа беше успешно изведено. Не се ни сомневав дека утрото кога не зафати невреме ќе најдеме некакво засолниште. Имав потполна доверба во Сенсеи каде не носи и прашање на време беше кога ќе стасаме на сигурно.
Научиме дека Учител не подразбира само покажување техника во доџо, туку многу повеќе. Учител е тој што секогаш гледа прво за вас, тој што со сигурност ќе ве води низ цело патешествие и кој ниту една секунда нема да се посомнева во тоа што го прави. Тој што ќе ви посочи каде грешите и каде треба да се подобрите. Тој што има големо познавање од многу области и кој несебично го пренесува на учениците. Тој што не смее да покаже никаква слабост и емоција пред нив, а полн е со чувства за секој од нас.
Таки Гаковски – Прв пат чував стража. Првите 30 минути ми беа исполнети со страв, мислејќи дека во секој момент може да ме нападне нешто. Но потоа се навикнав и веќе се беше друго. Последните половина час, бев под голем замор, па почнав дури и да халуцинирам.
Небото кое беше полно со ѕвезди за кратко се прекри со многу облаци. Само што си легнав, за кратко време ме разбудија и тука започна ново доживување. Започна евакуација, а со тоа и вистинското преживување. Брзо се одалечивме од местото каде престојувавме и почнавме да трагаме по некоја напуштена куќа. Паѓаше силен дожд, придружуван со молњи и громови. Тие беа нашите непријатели од кои бегавме за да си ги спасиме животите. После долгото пешачење низ калта, најдовме засолниште.
Владимир Антовски – Прекрасен семинар исполнет со прекрасни лекции и прекрасни луѓе. Додека го пишувам ова, ми се враќаат слики од предходните два дена и сеуште не ми се верува за колку кратко време, колку многу работи ни се случија и колку многу проживеавме. 
Ноќта беше толку мистична и полна со изненадувања. Ни се случи брза евакуација бидејќи бевме соочени со големо невреме, проследено со грмотевици. Во тие мигови од нас извираше се што е скриено длабоко и не соочи со вистината за тоа какви луѓе сме. 
Велат, несреќата ги зближува луѓето. Тоа е точно, а истовремено и многу жално. Среќен сум што во Буџинкан Македонија, ние сме зближени и пред и после несреќата.
Додека голи, по гаќи, ги сушевме алиштата, се смеевме на ситуацијата и знаевме дека сите заедно сме многу посилни и дека може да поминеме преку се.
Сања Симонова – По преспиениот ден, можам да заклучам дека „Живот во Дивината“ беше едно исклучително важно искуство, полно со лекции кои ќе останат вградени засекогаш во мене. Се што Сенсеи ни покажа беше многу корисно и јасно расчленето до детали. Пред се мислам на опремата што треба да се понесе во вакви околности, начинот на кој што се прави логор и колку е важна одлучноста кога ќе се случи нешто непредвидено.
Се што разговаравме и правевме во текот на првиот ден, поради невремето, практично го применивме во текот на вториот. Има ли поголемо школо од тоа кога ќе ти се случи нешто, кога најмалку очекуваш? Кога мора да се соочиш самиот со себе и нема бегање од тоа, освен да преживееш?
Голем дел од тоа што Сенсеи не подучуваше го гледав со изненадување и воодушевување. 
Луѓето кои те опкружуваат на семинарот се твое семејство и секој за секого се би направил. Кој и да те замоли за било што, чест е да му помогнеш, колку и да си ментално или физички на работ. 
Довербата што ја имаме во Учителот е бескрајна и се надевам дека ќе можеме да му возвратиме со барем половина од тоа што тој за нас го прави. Никогаш нема да заборавам на наредбата „ЛИНИЈА“ кога стапнавме во таа стара куќа и како се организиравме потоа…
Ви благодарам на сите за се. Уште сега знам дека ќе го чекам со нетрпение следниот „Живот во Дивината“, а ќе се потрудам до тогаш да не пропуштам ниту еден семинар во природа.