Шидоши хо Марко Опачиќ положи за нидан (II дан)

Posted on Categories Почетна

Помладиот инструктор на Буџинкан Македонија, Марко Опачиќ, во саботата во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“ успешно положи за нидан (II дан). На свечениот чин присуствуваа околу 30-тина сегашни и поранешни членови на Буџинкан Македонија кои специјално допатуваа за да искажат почит кон овој истакнат и почитуван член на нашето доџо.

Под водство на својот учител, шидоши Игор Довезенски, Опачиќ го започна својот Пат на 27.02.2007 година. Досега учествувал на шест летни кампови, на 13 меѓународни семинари организирани од страна на Буџинкан Македонија, потоа на 47 семинари во природа на кои предавал инструкторот Довезенски, како и на два меѓународни семинари надвор од нашата земја на кои предавал шиханот за Катори Шинто рју Буџутсу – Нобутоши Отаке Сенсеи. Покрај ова, тој ги изучувал класичните јапонски боречки вештини и преку учество на 23 интензивни семинари во Хомбу Доџо-то на Буџинкан Македонија, како и преку 24 еднодневни семинари одржани под водство на својот учител. Опачиќ е одговорен и за подучувањето на новозапишаните членови во доџо-то, преку раководење на почетната група (шошинша), а истовремено е единствен член на „Пат кон Сонцето“ кој истовремено ги вежба сите корју традиции кои се предаваат во нашата Организација (Буџинкан Такаматсу-ден, Даито рју Аикибудо и Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу).

На Марко му честитаме со сето срце за досегашниот успех и посакуваме и понатаму да продолжи со уште поуспешното градење на својата личност и на својот карактер како воин. 

Одржан „Силата на Јари VII“

Posted on Categories Почетна

Семинарот што секоја година побудува огромен интерес кај членовите на Буџинкан Македонија, уште еднаш го оправда епитетот „легендарен“. Повторно местото „Слепо Коло“ на ридот Орљак одекнуваше од моќните извици на нашите воини кои со уживање ги изведуваа техниките на борење со копје.

Во текот на вчерашниот ден, за време на настанот, временските услови постојано се менуваа, па така во еден ден со соочивме и со

мартовското сонце, со темните облаци кои надвиснуваа над мистичната планина Липац, со ледениот дожд што на кратко заврна, како и со силниот ветер што постојано ја спушташе температурата на нашите тела. И како и секогаш, тоа ниту најмалку не ја расклати нашата самодоверба и желба за напорен и жесток тренинг со Јари (копје).

По завршувањето на семинарот, воините на Буџинкан Македонија веднаш ги споделија импресиите на нашиот Форум, па еве пренесуваме сосем мал дел од нив:

– „Прекрасен викенд! Дефинитивно! Ми се допадна тоа што бевме – пола почетници и пола напредни ученици. „Слепо Коло“ е едно прекрасно место. Од таму се гледаат и Еленац и мистичната планина Липац. Тоа е ’слика од милион долари’. А кога сме веќе кај настанот, би сакал да го цитирам шидоши хо Марко кога кажа една реченица пред две години: ’Нема таква сила што може да ме спречи да не учествувам на семинарот со копје’. Времето постојано се менуваше, а бидејќи ние како воини треба да гледаме позитивно во се, беше супер да научиме да се бориме и во услови на ветер, дожд, сонце и така натаму. Веќе три години учествувам на овој настан. И со секој нареден се повеќе ми се зголемува љубовта и интересот за ова оружје. Честитки за најмладите ученици од ’Нинџа Клинци’. Косара во ниту еден момент не покажа дека и е досадно или дека и е ладно. Дете со воински дух. Браво и за Даворче и Давид. Добро се снајдоа и двајцата. Сенсеи ми кажа да внимавам на нив постојано, дали се јадени, дали се пресоблечени или се испотени и слично. Па затоа нека ми простат доколку бев на моменти строг со нив. Тоа е затоа што се грижев да не се разболат или да не им се случи нешто. Имаме одлична младина. Браво и за Саше од почетничката група. Беше на зимскиот тренинг, па на ’Харагеи’ и сега на копје. Само нека продолжи со редовноста на тренинзите и на семинарите. Браво и за Тамара и за Мила, како и за господинот ’еден и единствен’ – Дамјан. Тој е пример за ’трудот пред талентот’. Мислам дека ќе се расплачеше за малку кога Сенсеи му го подари рачно изработениот шурикен. Пофалбите од учителот се од огромна вредност во нашево доџо. Само напред. Огромна благодарност до Сенсеи и до неговото семејство за се. Постојано барам начин како да му се заблагодарам, затоа што со зборови можам многу малку да го искажам и покажам тоа. А спиењето во Хомбу е неописливо. Кога се разбудив во неделата, чувствував некоја тежина на душата од претходниот ден. Телото не сакаше да функционира, се беше закочено. Ама кога излегов од вреќата се препородив. Бев полн со живот во мене, со позитивна енергија и се чувствував прекрасно. Затоа спиењето во Хомбу е прекрасно и толку магично“. – Таки Гаковски

– „Незнам што да кажам нај искрено. А тоа не ми се случува често. Се уште седам со подзината муцка ко говедо. За време на овој семинар ги дожиевав најубавите саати што сум ги поминал во мојот живот. Документарниот филм што го гледавме во доџо-то, шегите, најавените настани што наскоро треба да дојдат…
Хомбу е неверојатно место за преспивање. Веќе еден месец ме боли грбот поради повреда при паѓање, но по една ноќ на татамите – ми е како нов. Копје е неверојатно оружје заради неговата едноставност и огромната адаптибилност. Овозможува играње со умот на противникот, а тоа од секогаш била најдобрата тактика. Морам да се заблагодарам на сите кохаи, семпаи, шидошиховци, шошинци и на сенсеи што не се откажуваат од мене ’паднатиотубуреракијакомал’. Незнам од каде им е целото тоа трпение затоа што јас дефинитивно го немам. Кога се вративме од семинарот во Хомбу Доџо-то, Косара дојде и ми кажа дека сенсеи ме викал. Очекував дека нешто сум згрешил, ко и обично, па можеби му треба подвижна мета за шурикени. Тоа што ми го кажа сенсеи нема да го повторам затоа што неможам, но останав со подзината уста. Шурикенот што го добив како подарок ќе си го чувам, а на него ќе му се заблагодарам со тоа што ќе се подобрувам. За идната година сакам да ми подари катана, па затоа од утре ќе почнам и ’по куќа’ да му чистам, а можеби и џипот ќе му го гланцам :))). Фала му на кохаи Таки за горенапишаното и се надевам дека еден ден ќе го достигнам вашето ниво. А ако аздисувам со шегите понекогаш, се извинувам најмногу. Слободни сте да ми врзете ’по една’ и кога ќе се разбудам, ќе бидам бајаги потивок. Се надевам дека ќе бидам во Буџикан Македонија уште многу години. И да учествувам на уште илјада семинари, овој нема никогаш да го заборавам“. – Дамјан Серафимовски

– „Кога треба да ги споделам импресиите од некој семинар, секогаш ми е тешко. Тешко ми е бидејки кога си таму во Хомбу Доџо и кога крадеш од убавините на селото каде што се наоѓа – се е поинаку, се е поубаво. Никогаш не можам да го доловам тоа исто чувство што го добивам додека сум таму, затоа што е единствено и не се опишува. Овој викенд ќе се памети засекогаш по три неверојатни работи. Најпрво по семинарот со шурикени. Неверојатно е чувстото кога ќе се допре тоа убиствено парче метал кое може да има разни неверојатни форми. Кога ќе се слушне таа ’музика’ што ја создава додека лета низ воздухот…прекрасно е. Иако раката ми ’откажа љубов’ за време на гаѓањето, сепак уживав додека ги гледав моите соборци како вешто ги забодуваат шурикените во метите. Потоа со нетрпение го дочекавме и полагањето за нидан на нашиот единствен шидоши шо Марко кој вешто си ја заврши работата.

Морам да признам дека колку и да се воздржував, солзите радосници по првиот аплауз почнаа да течат како Живуша. Срцето ми беше полно. Можеби не го знам предолго, но верувајте, чест и задоволство ми е што го познавам и што секој вторник и четврток душата, а и срцето ги остава во доџо-то. Уште еднаш му честитам и му посакувам уште многу, многу успеси да реди и уште подолго да чекори по Патот кон Сонцето! Вечерта беше проследена со еден интересен документарец, а подоцна бевме почестени со малку хумор од шидоши хо Зоки – онака за добра ноќ. Секогаш ќе тврдам дека спиењето таму на татамите ми е најубаво, а овој пат ми беше уште подобро од најубавото. Утрото бевме сите спремни со копјето в рака и јуришавме кон „Слепо Коло“. Иако ни се сменија сите четири годишни времиња, го задржавме истиот воински дух и без престан ги работевме техниките. Копје е интересно оруже со кое се манипулира со противникот, а ние манипулиравме и со времето. И секако, еден од најубавите моменти е и најслаткиот оброк со семејството ’Буџинкан Македонија’. Верувајте и сол и леб да јадете, ќе ви биде послатко од било кога, затоа што атмосфера прави сето тоа да делува магично.
Да не должам многу, сакам да му се заблагодарам пред се на Сенсеи, кој ни ја овозможува оваа душевна убавина и ни го пренесува своето знаење. Тука се и шидоши хо Марко и шидоши хо Зоки кои секогаш ни помагаат. Многу ми е убаво и многу сум среќна што сум дел од ова семејство. Љубов до сите“. – Тамара Ѓоргиевска

„Шурикен Џутсу“ во Хомбу Доџо-то на Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

Поделени во две групи од по осум луѓе, членовите на Буџинкан Македонија во саботата имаа можност да ја усовршат својата вештина во гаѓање со шурикени. Двете мети кои беа поставени во дворот на Хомбу Доџо-то беа целосно издупчени од моќните фрлања на нашите воини. 

Покрај ветераните од напредната група, овој пат учество земаа и многу членови од „почетничката“, како и четири дечиња од „Нинџа Клинци“.   

Семинарот започна во 10:00 часот, со основната техника на гаѓање „Гјаку Наге“, по што следуваа уште шест други техники кои учесниците имаа можност да ги вежбаат во текот на целиот ден.

За време на настанот, се користеа сенбан и ига (шакен) шурикени, како и џуџи шурикен од школата Јагју Шинкаге рју. 

Поради повредата на десната рака односно скинатите лигаменти на рамото, инструкторот Игор Довезенски подучуваше односно ги исфрлуваше сечилата со левата рака, а потоа постарите членови на доџо-то ја демонстрираа покажаната техника со полна силина. 

Секако, огромниот интерес ни дава за право овој семинар и понатаму да продолжи да се одржува барем еднаш во текот на годината. 

Силата на Јари VII

Posted on Categories Почетна

Одиме по седми пат со традиционалниот семинар насловен како „Силата на Јари“. Повторно можност за сите членови на Буџинкан Македонија да ги повторат и да ги научат техниките на борба со копје и истовремено да го почувствуваат духот на минатото. 

Овој настан секоја година привлекува голем број учесници, така што нема причина да се сомневаме дека и овој пат падините на ридот Орљак ќе ечат од силните борбени извици на воините на Буџинкан Македонија.    

„Школото Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу ги користи следниве оружја: Јари (копје), Оно (воена секира), О Тсучи (голем чекан), Тачи (меч) и Нагината. Легендата вели дека една вечер демон (Тенгу) му дошол на сон на основачот на вештината и го научил како да се бори со Јари. Овие техники и ден-денес се сметат за најголема тајна на школата.“

На семинарот можат да учествуваат сите заинтересирани ученици на доџо-то Буџинкан Македонија / Пат кон Сонцето, без разлика на искуството или звањето.
Потребна опрема за вежбање: бокуто и јари (хакама за јуданши)
Тема: Силата на Јари
Ден: 27.03.2016 (недела)
Место: Слепо Коло
Програма:
08.00 часот – поаѓање од Скопје
09.00 часот – пристигнување
10.00 -16.00 часот – теоретски и практичен дел 
17.00 враќање назад
Претходниот ден (сабота), за сите заинтересирани ќе се одржи тренинг во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“ на тема: шурикен џутсу.
Во 16:00 часот, ќе се одржи и полагање за нидан за шидоши хо Марко Опачиќ.  
Пријавување и информации преку инбокс, телефон или на Форум.

Третиот семинар за Харагеи успешно одржан

Posted on Categories Почетна

Во неделата, инструкоторот на Буџинкан Македонија, Игор Довезенски, по трет пат го одржа семинарот за Харагеи. На овој настан, членовите на доџо-то имаат можност да ги изучуваат езотеричните аспекти на вештината нинџутсу односно да воспостават контакт со природата преку разни техники на дишење, медитација и зголемување на чувствителноста на сетилата. Крајната цел на сето ова е себеспознавање и подигнување на свеста за околината што не опкружува. 

Веднаш по семинарот, членовите на Буџинкан Македонија ги споделија своите импресии на нашиот интерен Форум.

Сања Симонова – „Харагеи по втор пат. Секогаш кога ќе се одржува, секогаш ќе се пријавувам. Сенсеи го ’отвори’ семинарот со вовед за тоа што значи харагеи и ни даде детално објаснување како преку дишењето да ја хармонизираме енергијата во телото. Ако се земе предвид фактот, колку кратко време може да се издржи без здив, заклучуваме дека наша најпримарна ’храна’ е токму тоа што го вдишуваме. На семинарот токму тоа го учиме – како да го искористиме целиот наш капацитет. Дишењето ’со стомак’ е навистина многу моќна техника која го смирува телото и го исклучува умот. Во вежбите кои ни служат за да ја зголемиме брзината на реакцијата, посебно може да се почувствува како преку правилно дишење телото се опушта и реакцијата е побрза и попрецизна. Многу ми се допаѓаат оние медитативни вежби и вежби со визуелиазција. Посебно осмостранот. Преку таква пракса, мислам дека си ги поместуваме сопствените границите, менталните рамки во кои секојдневно егзистираме, а тоа е многу важно за нас, постојаното да ги покачуваме стандардите и континуирано да се усовршување. Денот ни се погоди, имавме прекрасно зајдисонце, прекрасно дружење и заокруживме уште еден многу посебен семинар на кои научивме и повторивме техники кои ни се многу важни за понатамошниот развој. Владеејќи го знаењето кое Сенсеи ни го предаде на Харагеи, многу полесно ќе се совлада или усоврши останатото знаење кое ќе го стекнеме на Патот кон Сонцето.“

Таки Гаковски – „Би сакал да се надоврзам само на тоа дека намерата на уке е премногу важна. И конечно разбрав дека ’претчутството’ на спуштањето на мечот кон мојата глава за мене сеуште е научна фантастика. Премногу е далеку од местото каде што сум сега. Но тоа не ме разочарува, туку напротив, ме мотивира да ги совладам сите нешта кои треба да се совладаат. Треба постојано да се учи и да се усовршува. Семинарите можат само да се доживеат, затоа што многу моменти и настани тешко можат да се опишат. Сенсеи, ви благодарам за се“.
Марко Опачиќ – „ На првиот семинар, всушност само се запознаваме со вежбите што ни се предаваат. Нешто ни е јасно, повеќето не ни е јасно и остануваме со прашалници до наредниот настан. Вториот семинар веќе имаме едно чувство како да се зближуваме со техниките, како да навлегуваме во нив, но сепак сеуште постои една бариера која не ни дава да успееме во целост да ги направиме. Веќе на третиот, почнуваме да чувствуваме дека стануваме дел од нив. Сенсеи како и секогаш не почести со неколку нови вежби, кои искрено многу ми се допаднаа и ми отворија нови прашања за следниот настан. На почетокот не воведе со одличен куден за Харагеи, а потоа ни објасни во детали за начинот на правилно дишење што би требало да го применуваме сите ние, особено ако се занимаваме со корју. Секако, голема благодарност до Сенсеи што не удостои со нови знаења и нови незаборавни моменти од светот на класичните јапонски боречки вештини“.