Одржан семинарот „Суи Рен“

Posted on Categories Почетна
Шидоши хо Марко Опачиќ и овој пат го „напиша“ извештајот на веб-страницата преку споделувањето на импресиите од завчерашниот семинар на нашиот Форум.


„Знам за една приказна што ја кажа Сенсеи додека бил во Јапонија кога посетил едно свето место и одненадеж почнал неконтролирано да се смее од среќа. Зборувам за онаа насмевка, кога и душата и срцето Ви треперат како да сте доживеале нешто натприродно. Истото некако го чуствувам и јас. Можеби некои ќе помислат: ’Обична река, тренинг во вода и тоа е тоа’. Но Суи Рен го доживувам некако многу емотивно, а се уште неможам да откријам зошто е тоа така. Можеби затоа што се одржува точно после пет години од последниот, а тогаш бев помлад и се ми изгледаше некако нереално. Можеби затоа што Суи Рен е метод што нинџите го развиле до совршенство, па сето тоа можеби ме импресионира. Можеби затоа што е во вода, а сето тоа е предизвик да се издржи седум саати во таква средина. Многу од Вас нема никогаш да разберат дека во една обична река можат да се направат толку многу вежби. Да се ’измислат’ толку многу начини на криење. Неверојатни беа сите тие приказни што Сенсеи ни ги раскажа за време на семинарот, но и сите овие години додека сме минувале покрај таа легендарна река. Тоа што семинарот секоја година се одржува на различна локација, уште повеќе придонесува и внесува дополнителна возбуда. Младоста ја оставивме на таа река и горд сум и не се каам ниту една секунда за тоа – напротив. Му благодарам на Сенсеи што ме ’заглави’ оваа вечер да пишувам ’деншо’ со саати.

Техниките што ги вежбавме нема не ги ’откривам’ тука, затоа што сепак треба да се дојде и да се ’одвугне’ во водата и да се испробаат упорноста и трпеливоста кои се најважни за Суи Рен. Се надевам дека и следната година ќе ја имаме честа да присуствуваме на еден ваков настан, кој според мое мислење, треба да го одржуваме во живот и да грабаме колку што можеме повеќе од знаењето што Сенсеи го поседува, а кое е неверојатно огромно!“