Извештај за 2025 година

Posted on Categories Почетна

Годината 2025-та беше година на стабилизација, продлабочување и квалитетна надградба на сето она што со години се гради во Организацијата „Пат кон Сонцето“ односно во доџоата на Буџинкан Македонија и Даито рју Македонија. Иако фокусот и понатаму беше поделен меѓу редовните семинари и континуираниот развој на Хомбу Доџото, годината донесе доволен број настани, значајни меѓународни активности и важни достигнувања кои ја потврдуваат посветеноста на сите членови.

Во текот на годината беа организирани повеќе тематски семинари во скопското Доџо и во Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија, при што главен акцент беше ставен на практичната примена на традиционалните техники, оружја и телесната подготовка. Семинарите за СоЏутсу, КусариГама, КјокетсуШоге, Чигирики, ЈумиЈа, ХоЏутсу, како и специјализираниот семинар за Тогакуре рју Шурикенџутсу, беа посетени со голем интерес и придонесоа за продлабочување на разбирањето на Нинџутсу.

Од меѓународните настани, најзначаен беше деветтото издание на интернационалниот БуЈуКаи, одржан во Истанбул, каде што водачот на Буџинкан Македонија, Игор Довезенски, предаваше заедно со својот долгогодишен пријател и соработник Ерџан Шарбат. Настанот повторно ја потврди силната врска и континуираната соработка меѓу македонското и турското Буџинкан доџо.

И во 2025 година беа одржани летните нинџа кампови, како за деца, така и за возрасни. Камповите ја задржаа својата препознатлива форма, со интензивни тренинзи, работа во природа и силен акцент на дисциплината, заедништвото и традицијата. Двата кампа привлекоа рекордно голем број учесници, вклучувајќи и практиканти од странство, што дополнително го зацврсти меѓународниот карактер на настанот.

Во рамките на Даито рју Македонија – Корју Доџо, во текот на годината беа одржани пет семинари за Аикиџуџутсу. Меѓу нив се издвојува јануарскиот семинар кој беше одржан по покана на Македонската Аикидо Федерација, а посветен на корените на аикидо принципите, како и мартовскиот семинар со полагање за јуданша (Таки Гаковски), при што беше забележан значаен успех на домашно ниво. Семинарите во јуни, ноември и декември овозможија континуитет и систематска работа според класичната методологија на школата.

Ако направиме краток преглед со бројки, во 2025 година беа одржани вкупно 31, од кои 26 нинџутсу семинари, меѓу кои два меѓународни БуЈуКаи, два летни нинџа кампови (детски и за возрасни), како и пет семинари по Даито рју Аикиџуџутсу. Учителот Игор Довезенски предаваше на четири меѓународни настани и тоа во Турција, Чешка, Германија и САД.

Исто така вреди да се спомене дека двајца членови добија Генин медали (Тодор Ангеловски и Константин Анастасијевиќ), додека тројца семпаи положија за Нидан (II дан) и еден (Марко Опачиќ) за Јондан (IV дан). Секако, да не го заборавиме јубилејот – 30 години од основањето на „Пат кон Сонцето“ и на Буџинкан Македонија, што резултираше со неверојатно добра забава во Довезенце.

На крајот, сакаме да изразиме искрена благодарност до сите членови на Буџинкан Македонија, Даито рју Македонија и Организацијата „Пат кон Сонцето“, кои со својата посветеност, трпение и континуирана работа придонесоа и 2025 година да биде уште едно значајно поглавје во нашата заедничка приказна. Не ветуваме повеќе, но сигурни сме дека додека постои здравје во нас – Патот ќе продолжи.

Темата за 2026 година во Буџинкан Македонија ќе биде Шинден Фудо рју ДакенТаиџутсу.

Едно Доџо – Една Љубов.
Буџинкан Македонија – лојалност, посветеност, чест.
Најубавата приказна која трае и не завршува.

Нинпо Иккан!

Декемвриско полагање (Шикен) за ученички (кју) степени

Posted on Categories Почетна

Како и секоја година, на крајот од декември во Буџинкан Македонија традиционално се одржа редовното полагање за ученички степени и звања, по што следуваше и БоненКаи – заедничка прослава по повод успешно завршената сезона на тренинзи.

На полагањето учествуваа децата од детските групи, како и возрасните членови на Буџинкан Македонија, кои со својата посветеност, дисциплина и континуирана работа во текот на годината го заслужија напредувањето. Процесот на тестирање уште еднаш покажа дека систематскиот пристап, редовните тренинзи и почитта кон традицијата носат стабилни резултати.

Им честитаме на сите дечиња кои успешно го положија тестот, како и на возрасните членови за новите степени и звања. Им посакуваме понатамошен напредок, здравје и уште многу години посветена работа во духот на традиционалното нинџутсу.

БоненКаи прославата беше убава можност годината да се заокружи во пријателска атмосфера, со благодарност за вложениот труд и со поглед кон предизвиците што не очекуваат во наредната тренинг сезона.

Шиноби Таисо - Шоден семинар

Posted on Categories Почетна

Под водство на учителот Игор Довезенски, денес се одржа прекрасен семинар за Шиноби Таисо, на кој учествуваа 17 учесници.

На настанот се обработуваа вежби за растегнување и балансирање на телото од првото ниво (Шоден), при што Довезенски се потруди до најситни детали да им го пренесе своето знаење на сите ученици.

На крајот, беше договорено наскоро да се одржи уште еден Шиноби Таисо семинар, на кој заинтересираните ќе можат да почнат да ги изучуваат и вежбите од второто ниво (Чуден).

Детски Нинџа Предизвик II

Posted on Categories Почетна

Во саботата, по втор пат за оваа година, се одржа семинарот Нинџа Предизвик – наменет за најмладите членови на Буџинкан Македонија.

Настанот истовремено послужи и како забава за Нинџа Клинци-те по повод новогодишните празници, а за да ги направиме најсреќни, организиравме и посета на Нинџа Дедо Мраз како и лотарија со најразновидни подароци. Треба да напоменеме дека на овој семинар се случи рекордна посетеност, кога станува збор за детски настани, со вкупно 40 дечиња-учесници.

Беше прекрасно да се видат сите детски насмевки и да се биде дел од нивната радост на која и немаше крај.

Останува уште полагањето за повисоки степени што ќе се одржи во четврток, а потоа следува неколкудневна пауза по повод новогодишните празници.