После двегодишна пауза предизвикана поради пандемијата со корона, викендов конечно го завршивме серијалот наречен „Живот во Дивината“. Со тоа, веќе од следната година, подготвени сме да започнеме нова авантура која ќе има за цел да ги усоврши членовите на Буџинкан Македонија во уште едно поле.
Седмиот и последен преживувачки семинар од овој серијал се одржа на ридот Богословец во Овче Поле. Локацијата беше избрана со цел да се долови степата, која всушност и беше тема на последниот „Живот во Дивината“. Иако во Македонија нема вистински степи, научниците пронашле некои сличности во областите Овче Поле и Долна Брегалница, па така целиот овој регион се нарекува полу односно псевдо-степа. Ние се уверивме дека навистина имале причина да го искористат ова име.
Уште еднаш и за последен пат да потсетиме дека семинарите „Живот во Дивината“ беа наследници на претходниот серијал „Преживување во Природа“, кој инаку беше познат и стана легендарен поради својата суровост.
Сценариото и задачата на „Живот во Дивината“ беше да ги научи учениците на учителот Игор Довезенски да ги совладуваат техниките за преживување во група и тоа на: пониски планини односно ридови, повисоки планини од 1000 метри, покрај река, во шума, во пустински услови, покрај езеро и на крајот во степа.
Мораме да го нагласиме задоволството што досега стотина членови на Буџинкан Македонија земале учество на настаните поврзани со техниките на преживување во природа, а истовремено да ја искажеме среќата што ја чувствуваме поради фактот дека многумина од нив успешно ги совладаа самите техники. Генерациите кои беа дел од овие настани ја имаа таа среќа да станат и дел од историјата на Буџинкан Македонија, со оглед на фактот што шиханот Довезенски планира постепено да ги намалува преживувачките семинари на сметка на некои други настани.
Овој извештај ќе го завршиме со информацијата дека Учителот подготви две дипломи за учениците Владимир Антовски и Таки Гаковски со кои ќе го награди нивниот труд, посветеноста, жртвувањето, како и знаењето стекнато за време на учеството во „Живот во Дивината“. Од вкупно седум семинари од овој серијал, Антовски учествуваше на шест, а Гаковски на пет. Со тоа, а секако и со зголеменото знаење, тие ја придобија довербата на нивниот учител кој секогаш го наградува трудот и залагањето на своите ученици.
Токму овие двајца, поради знаењето од областа на групното преживување на најразличен терен, ја заслужија дипломата која ќе биде признание и доказ за нивната стручност.
Од следната година почнува нов серијал кој ќе ги наследи и надгради претходните два, а неговото име ќе биде „Шиноби Кампо – Традиционална хербална медицина“.