Одржан 10-тиот Детски Нинџа Самит

Posted on Categories Почетна

Под водство на семпаи Таки Гаковски, минатата сабота во скопското доџо на Буџинкан Македонија се одржа 10-тиот по ред Детски Нинџа Самит.

Како и на секој детски семинар, атмосферата беше неверојатна, а динамиката постојано беше засилувана како што семинарот течеше од почеток кон крај.

Последниот детски самит за првото полугодие на 2025 година ќе се одржи во февруари, со надеж дека борбените извици на најмладите вежбачи ќе се слушнат уште подалеку.

Одржан „Начини на Зимско Преживување XV“

Posted on Categories Почетна

Со изучување на начините за зимско преживување, традиционално ја започнуваме секоја нова година, па така и оваа по 15 пат имавме можност да го збогатиме и усовршиме знаењето во оваа област.

На настанот кој се одржа во шумата Млака, во долината на Липац, учествуваа десетина воини на Буџинкан Македонија, кои неуморно работеа на сопствениот развој во текот на вчерашниот ден.

Истовремено, беше одржано и тестирање на знаењето за техниките на преживување во зима на Косара Довезенска, со што таа стана првата девојка во Буџинкан Македонија која била тестирана за овој тежок подвиг, но за жал не успеа да положи.

Неколку часа после настанот, водачот на Буџинкан Македонија напиша јавна порака по повод тестирањето на својата ќерка, која во целост ја пренесуваме тука:

„Оваа девојка е мојот херој на денот !

Денес Косара Довезенска беше првата девојка во Буџинкан Македонија што беше тестирана со тешкиот тест за „Преживување во зимски услови“, но за жал не успеа да го положи.

Тестот се состои од тоа што кандидатот е оставен сам во шума со нож и мало секирче, додека останатите од групата се оддалечуваат од него. Тој/таа треба да изгради живеалиште доволно силно за да издржи невреме, потоа да запали оган со кремен, како и многу други техники што нема потреба да се објаснуваат во детали.

За да нема привилегии и непотизам, бидејќи е ќерка на водачот на Буџинкан Македонија, за неа беше формирана комисија во која учествуваа сите Семпаи кои претходно успешно го положиле тестот.

Во 15.00 часот се упативме кон местото каде што беше оставена сама и кога ја видов целата во кал, премрзната, со скинати ракавици и покисната до гола кожа – како татко срцето ми се скина од жал, но како учител бев многу горд на неа, иако знаев дека нема да положи поради две грешки кои веднаш ги воочив.

Калосана во лицето, беше посебно симпатична, меѓутоа ништо не помогна во строгиот суд на Семпаите, кои ја оценија со истата строгост и праведност со која и јас ги оценував нив многу години порано.

Инаку, јас сум познат по својата строгост кога станува збор за напредување во Доџото, кое важи за едно од најдобрите на меѓународен план, а таа строгост од мене ја преземаа и моите најстари ученици (Семпаи). Тестот за зимско преживување е особено тежок, меѓутоа Косара ќе има шанса следната година да ги поправи своите грешки од оваа.

ТЕ САКАМ ТАТИНА!!! Се гордеам со тебе!!!

Никогаш не се предавај!!!“

Извештај за 2024 година

Posted on Categories Почетна

Осетно намалување на семинарите во однос на 2023та, кога прокниживме дури 44, но сепак мораме да бидеме задоволни и со 31 што оваа година успеавме да ги организираме и одржиме. Велиме задоволни, бидејќи многу од енергијата и од средствата потребни за организирање настани, од оваа година драстично почнавме да ги вложуваме во изградбата на проектот „Јапонска Зен Градина и Нинџа Село“ во дворот на Хомбу Доџото. Доколку и во иднина сакаме да го задржиме епитетот „најдинамично нинџутсу доџо во светот“, ќе треба да најдеме рамнотежа меѓу планираното активирање на првата Јапонската Зен Градина во Македонија и нејзиното отворање за јавност и редовното организирање на легендарните семинари на Буџинкан Македонија.

Да почнеме со меѓународните семинари. Оваа година водачот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски, предаваше на три интернационални настани. Првиот се одржа во Македонија, каде што заедно со својот пријател од Турција (Ерџан Шарбат), предаваше на добропознатиот БуЈуКаи. По ова се одржа и предавањето на БуЈуКаи Србија односно во Нови Бечеј, а потоа следуваше и гостувањето во Истанбул каде што учителот Довезенски го споделуваше своето знаење со членовите на Буџинкан Турција.

Во годината што измина, учителот Игор Довезенски успеа да отиде два пати на редовното усовршување во Јапонија, при што вториот пат со себе ги понесе и своите ќерки Косара и Ксенија, со што тие добија можност да вежбаат и да го почуствуваат духот на јапонските нинџутсу учители. Двонеделните престои и успесите постигнати во Хомбу Доџото во Нода (Јапонија) е невозможно да се опишат во ваков краток извештај, па затоа ќе ги оставиме да бидат прераскажувани во иднина.

За време на летото, ги одржавме и нашите легендарни Летни Нинџа Кампови, како за децата, така и за возрасните. Тука треба да се спомене дека на шестнаесетото издание на кампот за возрасни, се постигна нов рекорд од 32 души, па така за 2025-та година бројката на дозволени учесници ја зголемуваме на 35 учесници.

Од другите настани, ќе ги споменеме: промоцијата на двете Буџинкан манги во градската библиотека во Нови Бечеј во Република Србија, организирана од страна на општината во рамките на манифестацијата „Здивот на јапонија“, потоа интернационалната и домашната проекција на филмот „Убиј ги прво децата“, во кој учителот Довезенски учествуваше како кореограф додека неговата ќерка Косара како дублер во боречките сцени, следува напредувањето односно сертифицирањето на Константин Анастасијевиќ за Шиноби Таисо (Шоден), како и интервјуто на водачот на Буџинкан Македонија за единствениот македонски портал за боречки вештини Ипон.мк. На Нафуда Каке во Хомбу Доџо имаме три нови имиња: Марина Јованова, Сара Гилеска и Љубомир Павловски.
Можеби најважниот настан за 2024-та година, покрај многубројните семинари, беше посетата на Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија од страна на еминетниот професор од јапонскиот Универзитет во Мие и воедно водечки истражувач за историјата на легендарните Нинџа воини и нивната вештина Нинџутсу, д-р Јуџи Јамада.

За целосно да го сумираме резултатот на семинари во 2024та година, ќе дадеме краток преглед со бројки: 7 одржани нинџутсу семинари во скопското Доџо, 12 во Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија и во природа, три меѓународни, два летни кампови, две двонеделни посети во Јапонија, пет Даито рју Аикиџуџутсу семинари од кои четири во Скопје и еден во Хомбу.

На крајот, сакаме да се заблагодариме на сите членови на Буџинкан Македонија, Даито рју Македонија и на Организацијата „Пат кон Сонцето“ кои со својата макотрпна работа овозможија и оваа година да уживаме во прекрасното патување низ светот на традиционалните јапонски боречки традиции. Повеќе не ветуваме дека следната година ќе постигнеме подобри резултати, но можеме да гарантираме дека се додека телото се држи на нозе, нема да ја намалиме љубовта кон борбените класични вештини наследени од генерациите пред нас.

Темата за првото полугодие на 2025 година ќе биде Кото рју Коппоџутсу.

Едно Доџо – Една Љубов! Буџинкан Македонија – лојалност, посветеност, чест.

Најубавата приказна која трае и не завршува!

Нинпо Иккан!!!

Декемвриско полагање (Шикен) во Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

Како и секоја година, на крајот на декември се одржува полагањето за ученички степени и звања во Буџинкан Македонија, а потоа и прослава (БоненКаи) по повод успешната сезона на тренинзи.

Им честитаме на сите дечиња од детските групи кои успешно го положија тестот, како и на возрасните членови на Буџинкан Македонија за новите степени и звања.

Следната година да бидеме уште посилни!