Целодневниот дожд проследен со ниска температура воопшто не не’ поколеба да се откажеме од нашиот традиционален семинар на кој ги проучуваме техниките за зимско преживување.
После пет години усовршување во шумски терени, а потоа и пет години совладување на преживувачките методи во ридските области, оваа година почнуваме нов предизвик на проучување на техниките – и тоа на карпесто-долински терен. За таа цел, го одбравме Смкнено, место кое се наоѓа на почетните ридови кои се составен дел од планината Липац.
Намокрени и измрзнати поради целодневниот дожд, успешно ги повторивме и реализиравме петте основни правила за преживување во зимски услови. Иако за многумина невозможно, на примитивен начин и со голема леснотија успеавме да запалиме оган и да се стоплиме околу него.
Поради (намерно одбраниот) суров терен, оваа година претставивме начин на градење на едноставно и примитивно засолниште, наречено дувло.
Со искрена радост констатираме дека учениците се полесно се снаоѓаат на секакаква почва. За пофалба се и децата на инструкторот Игор Довезенски кои како вистински јунаци без двоумење ги поднесоа ниските температури. Тие редовно ги посетуваат речиси сите семинари во природа, кои се заштитен знак на Буџинкан Македонија.
Ова беше првиот семинар за оваа година, а ние сакаме да веруваме дека наскоро се ќе се врати во нормала и дека со уште поголема жестина ќе продолжиме со нашата работа.