Нинџа Клинци-те по втор пат го освоија Хомбу Доџо-то

Posted on Categories Почетна

Нинџа Клинци-те на Буџинкан Македонија, во саботата по втор пат го освоија Хомбу Доџо-то на Организацијата за изучување класични јапонски боречки вештини „Пат кон Сонцето“.

Во освојувачката мисија овој пат учествуваа 22 дечиња од подмладокот на единствениот клуб во нашата земја каде што се негуваат традиционалните боречки уметности кои потекнуваат од Земјата на Изгрејсонцето. 

За време на настанот, што се одржува два пати годишно односно на пролет и на есен, најмладите ученици на Буџинкан Македонија имаа најразлични активности во текот на целиот ден. Под водство на инструкторите Тодор, Таки и Сања, им беше одржан час по вештината Гјокко рју при што се вежбаше Саншин но Ката-та, а слушаа и неколку предавања на тема: „Тогакуре рју Нинџутсу“.

Главниот инструктор на Буџинкан Македонија, Игор Довезенски им одржа час за кенџутсу (јапонско мечување), а претходно дечињата имаа можност детално да го разгледаат Хомбу Доџо-то кое истовремено претставува и мал музеј каде што можат да се видат најразлични предмети односно орудија кои биле користени од страна на средновековните јапонски нинџи и самураи.

За најмладите исто така беше организирана посета на фарма со овци, а беше подготвен и вкусен домашен ручек со свежи продукти директно од градината што се наоѓа веднаш до доџо-то. 

Слободното време беше искористено за најразлични игри, но и за јадење вишни кои клинците ги береа директно од дрвцата кои растаат насекаде во дворот на Хомбу-то. 

На крајот уште да споменеме дека за време на престојот, дечињата цело време беа под будното око на лекар што беше ангажиран од страна на Организацијата „Пат кон Сонцето“.

Следната освојувачка мисија на Нинџа Клинци-те во Хомбу Доџо-то ќе се одржи на есен.