Успешно одржан четвриот летен “Детски Нинџа Камп“

Posted on Categories Почетна

Четвриот летен “Детски Нинџа Камп“, што се одржа во периодот од 28 јули до 3 август, беше одлично освежување за најмладите вежбачи на Буџинкан Македонија,после едногодишната камперска пауза предизвикана поради ковид пандемијата.

Со почитување на сите протоколи, дечињата уживаа во пребогатите секојдневни активности кои секогаш се дел од овој фанстастичен настан.

Презадоволни беа и родителите, кои го истакнаа своето задоволство од грижата и едукацијата на нивните деца, а сите овие пофалби ни се само мотив повеќе да ја продолжиме оваа успешна приказна.

Се гледаме повторно во 2022 година.

„Живот во Дивината VII“ - Последната Авантура

Posted on Categories Почетна

После двегодишна пауза предизвикана поради пандемијата со корона, викендов конечно го завршивме серијалот наречен „Живот во Дивината“. Со тоа, веќе од следната година, подготвени сме да започнеме нова авантура која ќе има за цел да ги усоврши членовите на Буџинкан Македонија во уште едно поле.

Седмиот и последен преживувачки семинар од овој серијал се одржа на ридот Богословец во Овче Поле. Локацијата беше избрана со цел да се долови степата, која всушност и беше тема на последниот „Живот во Дивината“. Иако во Македонија нема вистински степи, научниците пронашле некои сличности во областите Овче Поле и Долна Брегалница, па така целиот овој регион се нарекува полу односно псевдо-степа. Ние се уверивме дека навистина имале причина да го искористат ова име.

Уште еднаш и за последен пат да потсетиме дека семинарите „Живот во Дивината“ беа наследници на претходниот серијал „Преживување во Природа“, кој инаку беше познат и стана легендарен поради својата суровост.
Сценариото и задачата на „Живот во Дивината“ беше да ги научи учениците на учителот Игор Довезенски да ги совладуваат техниките за преживување во група и тоа на: пониски планини односно ридови, повисоки планини од 1000 метри, покрај река, во шума, во пустински услови, покрај езеро и на крајот во степа.

Мораме да го нагласиме задоволството што досега стотина членови на Буџинкан Македонија земале учество на настаните поврзани со техниките на преживување во природа, а истовремено да ја искажеме среќата што ја чувствуваме поради фактот дека многумина од нив успешно ги совладаа самите техники. Генерациите кои беа дел од овие настани ја имаа таа среќа да станат и дел од историјата на Буџинкан Македонија, со оглед на фактот што шиханот Довезенски планира постепено да ги намалува преживувачките семинари на сметка на некои други настани.

Овој извештај ќе го завршиме со информацијата дека Учителот подготви две дипломи за учениците Владимир Антовски и Таки Гаковски со кои ќе го награди нивниот труд, посветеноста, жртвувањето, како и знаењето стекнато за време на учеството во „Живот во Дивината“. Од вкупно седум семинари од овој серијал, Антовски учествуваше на шест, а Гаковски на пет. Со тоа, а секако и со зголеменото знаење, тие ја придобија довербата на нивниот учител кој секогаш го наградува трудот и залагањето на своите ученици.

Токму овие двајца, поради знаењето од областа на групното преживување на најразличен терен, ја заслужија дипломата која ќе биде признание и доказ за нивната стручност.

Од следната година почнува нов серијал кој ќе ги наследи и надгради претходните два, а неговото име ќе биде „Шиноби Кампо – Традиционална хербална медицина“.

Уште еден црн појас во Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

По успешното полагање за шодан (прв дан) што се одржа во неделата во Хомбу-то на „Пат кон Сонцето“, после една деценија вежбање во нашето Доџо, семпаи Таки Гаковски заслужено се закити со долгоочекуваниот „црн појас“.  Со тоа, Буџинкан Македонија доби уште еден Јуданша (носител на мајсторско звање) и уште еден Шидоши Хо (помлад инструктор).

Како што погоре споменавме, тестирањето (Шикен) се одржа во Хомбу-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“, при што овој редок чин беше прославен во прекрасна атмосфера.

По завршувањето на настанот, учителот Довезенски одржа краток говор, кој предизвика солзи радосници кај присутните. Ова и не е воопшто чудно, доколку се земе во предвид колку многу напор е потребно за да се достигне црниот појас во Буџинкан Македонија. Најмалку десет години редовен тренинг, но истовремено пролевање многу крв, пот и солзи на татамите.

Шидоши Хо Таки Гаковски е еден од најактивните членови во Буџинкан Македонија, одговорен за работата на детската група (Нинџа Клинци). Тој присуствувал на речиси сите семинари организирани од нашето Доџо и никогаш не пропушта ниту еден тренинг на редовните часови.

Му честитаме од срце и му посакуваме уште похрабро да чекори по Патот.

Буџутсу - талкање меѓу митот и реалноста II

Posted on Categories Почетна

Уште еден семинар со наслов „Буџутсу – талкање меѓу митот и реалноста“ се одржа во неделата во дворот на Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“.

Најпрвин преку Рандори (слободна борба), а потоа и преку предавање техники и куден, учителот Игор Довезенски ги соочи своите ученици со вистината околу реалната борба со оружје.

На крајот, учесниците повторно ја искажаа желбата овој настан да продолжи како традиционален и да се одржува барем еднаш во годината.

Семинар за Танбо (кратка палка) во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Семинар за борба со кратка палка (ТанбоЏутсу) се одржа во саботата во дворот на Хомбу Доџото на Организацијата „Пат кон Сонцето“.

На настанот учествуваа неколку ученици на Буџинкан Македонија, кои за прв пат се сретнаа со ова едноставно, но сепак корисно орудие.

На крајот на семинарот, учесниците изразија желба да го продолжат своето знаење во оваа вештина преку организирање на уште еден настан во текот на втората половина на годината.

Тогакуре рју Нинџутсу - викенд камп

Posted on Categories Почетна

На местото викано Заевац, на падините на мистичната планина Липац, викендов се одржа мини камп на кој учествуваа десетина членови од Буџинкан Македонија од сите возрасти.

Сместени во одлично организиран Нинџа логор, во шатори и во вреќи за спиење, со храна зготвена во котле и на отворен оган, учениците на доџото уживаа во атмосферата и во идилата на природата.

За време на настанот, учителот Довезенски предаваше техники со Кунаи, Сенбан и Шуко од школата Тогакуре рју Нинџутсу. Како и секогаш, кога станува збор за семинари организирани од страна на водачот на „Пат кон Сонцето“, катите беа разработувани до најситен детал. Некои од членовите на доџото, а особено тие кои за прв пат се сретнуваат со овие орудија, беа воодушевени од можноста и од нивната ефикасност.

На крајот на настанот, сите учесници толку многу се приврзаа за местото, што едноставно не им се напушташе. За среќа, за две недели ќе се одржи уште еден легендарен семинар – „Кенџутсу под ѕвездите на Липац“, така што сите Воини на доџото ќе имаат нова можност за повторно дружење и усовршување на своите вештини.

ИаиЏутсу семинар во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Семинар за брзо извлекување и симултано сечење со меч, се одржа минатата недела во дворот на Хомбу-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“.

Како и секогаш, оваа тема со радост беше прифатена од членовите на Буџинкан Македонија, а особено од редовните и од постарите практичари во доџото.

По семинарот, учителот Игор Довезенски го поздрави напредокот на своите ученици и изрази желба тие и понатаму да ги полираат своите вештини кои ги стекнале со макотрпна работа во Буџинкан Македонија.

Издадена првата Буџинкан Манга во светот

Posted on Categories Почетна
Вчера излезе од печат првата Буџинкан Манга (јапонски стрип) на планетата Земја, дело на  единствените автори на овој жанр во Македонија, учителот Игор Довезенски (автор) и неговиот ученик Таки Гаковски (илустратор).  Преку мангата со наслов „Такаматсу во Кина – Борбата со Чо Ширју“, тие ве водат на едно необично патување низ светот на последниот јапонски оперативен Нинџа – Тошитсугу Такаматсу.
Базирана на вистински настан раскажан од страна на учителот Масааки Хатсуми, авторот Довезенски потроши две години истражувајќи ги деталите околу приказната што се одвивала пред повеќе од сто години. Како резултат на тоа, македонската јавност ќе има можност да ужива читајќи за авантурите на нинџата Тошитсугу Такаматсу.
Колку за Ваша информација, уште пред да отпочне печатењето на овој стрип, неколку инвеститори и издавачки куќи од странство се јавија за да ги откупат издавачките права со барање тој воопшто да не се печати на македонски јазик поради неисплатливост. Воден од патриотизмот и љубовта кон својата земја, Довезенски ги одби понудите поради намерата стрипот најпрвин да биде издаден и понуден на читателите во неговата МАКЕДОНИЈА.
Истовремено беше склучен договор со издавачко-дистрибутерска куќа од Њу Јорк за превод, дистрибуирање и продажба на мангата на американскиот пазар, со што авторот Довезенски и илустраторот Гаковски се првите уметници кои излегле со своето дело надвор од границите на Македонија и тоа директно на пазарот во САД.
Со нарачка на овој стрип, Вие ги поддржувате авторите во неверојатната борба да ја издигнат мртвата стрип култура во Македонија, а истовремено да ја претставуваат нашата земја надвор од границите (секако, под уставното име).
Нарачки на телефонот 071 358 226.

Петтиот „Генин“ во Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

Семпаи Михаил Дракалски е петтиот „Генин“ во Буџинкан Македонија. Со ова високо признание се здоби во текот на вчерашниот ден, веднаш по завршувањето на семинарот за борба со Нагината.

Веќе сите знаете дека бронзените медали „Генин“ се доделуваат после десет години редовно и посветено вежбање, а како признание за залагањето и лојалноста кон доџото, соборците и учителот.

Од длабочините на нашите срца му честитаме на Михаил Дракалски и му посакуваме уште долги години на Патот.

Одржан семинарот за Нагината

Posted on Categories Почетна

Десетина учесници уживаа во семинарот за Нагината што се одржа во неделата во Хомбу. Во прекрасна атмосфера, зачинета со техники од самурајското сечиво натакнато на долг стап, воините на Буџинкан Македонија за прв пат вежбаа кати со ова оружје од школата Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу.

Инаку, учениците на Доџото досега ги вежбале сите вештини од оваа школа, така што стигнаа до тоа ниво да ја изучат и последната – борбата со Нагината.

На крајот од настанот, во името на сите присутни, шидоши хо Марко Опачиќ побара ова оружје да биде ставено на листата на годишни семинари најмалку два пати.

Неговата желба ќе биде исполнета.