По неколкугодишна пауза предизвикана поради ковид-пандемијата и забраните за патување, учителот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски, заедно со својот син Петар, ги посетија јапонските учители и вежбаа во стожерот на Буџинкан во градот Нода.
Работната посета беше реализирана во периодот од 11 до 27 јуни, а освен многубројните тренинзи во Хомбу Доџото, беа остварени и многу важни средби и разговори со новите наследници на школите кои се изучуваат во Буџинкан.
За време на посетата, Игор и Петар Довезенски го освежија и надополнија своето знаење вежбајќи со учителите Тоширо Нагато, Јукио Ногучи, Хироши Нагасе, Исаму Шираиши, Тетсуџи Ишизука, Ватару Тезука и други. Речиси на сите тренинзи во Хомбу Доџото, Игор Довезенски имаше улога на Уке (личност што ја прима техниката односно што помага на учителот да ја покаже и предаде).
Малкуто слободно време што го имаа, Довезенски го искористија за посета на храмовите поврзани со создавањето на некои класични боречки вештини, како и на посета и чистење на гробовите на основачите на Теншин Шоден Катори Шинто рју и Оно ха Итто рју.