Тогакуре рју Нинџутсу - викенд камп

Posted on Categories Почетна

На местото викано Заевац, на падините на мистичната планина Липац, викендов се одржа мини камп на кој учествуваа десетина членови од Буџинкан Македонија од сите возрасти.

Сместени во одлично организиран Нинџа логор, во шатори и во вреќи за спиење, со храна зготвена во котле и на отворен оган, учениците на доџото уживаа во атмосферата и во идилата на природата.

За време на настанот, учителот Довезенски предаваше техники со Кунаи, Сенбан и Шуко од школата Тогакуре рју Нинџутсу. Како и секогаш, кога станува збор за семинари организирани од страна на водачот на „Пат кон Сонцето“, катите беа разработувани до најситен детал. Некои од членовите на доџото, а особено тие кои за прв пат се сретнуваат со овие орудија, беа воодушевени од можноста и од нивната ефикасност.

На крајот на настанот, сите учесници толку многу се приврзаа за местото, што едноставно не им се напушташе. За среќа, за две недели ќе се одржи уште еден легендарен семинар – „Кенџутсу под ѕвездите на Липац“, така што сите Воини на доџото ќе имаат нова можност за повторно дружење и усовршување на своите вештини.

ИаиЏутсу семинар во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Семинар за брзо извлекување и симултано сечење со меч, се одржа минатата недела во дворот на Хомбу-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“.

Како и секогаш, оваа тема со радост беше прифатена од членовите на Буџинкан Македонија, а особено од редовните и од постарите практичари во доџото.

По семинарот, учителот Игор Довезенски го поздрави напредокот на своите ученици и изрази желба тие и понатаму да ги полираат своите вештини кои ги стекнале со макотрпна работа во Буџинкан Македонија.

Издадена првата Буџинкан Манга во светот

Posted on Categories Почетна
Вчера излезе од печат првата Буџинкан Манга (јапонски стрип) на планетата Земја, дело на  единствените автори на овој жанр во Македонија, учителот Игор Довезенски (автор) и неговиот ученик Таки Гаковски (илустратор).  Преку мангата со наслов „Такаматсу во Кина – Борбата со Чо Ширју“, тие ве водат на едно необично патување низ светот на последниот јапонски оперативен Нинџа – Тошитсугу Такаматсу.
Базирана на вистински настан раскажан од страна на учителот Масааки Хатсуми, авторот Довезенски потроши две години истражувајќи ги деталите околу приказната што се одвивала пред повеќе од сто години. Како резултат на тоа, македонската јавност ќе има можност да ужива читајќи за авантурите на нинџата Тошитсугу Такаматсу.
Колку за Ваша информација, уште пред да отпочне печатењето на овој стрип, неколку инвеститори и издавачки куќи од странство се јавија за да ги откупат издавачките права со барање тој воопшто да не се печати на македонски јазик поради неисплатливост. Воден од патриотизмот и љубовта кон својата земја, Довезенски ги одби понудите поради намерата стрипот најпрвин да биде издаден и понуден на читателите во неговата МАКЕДОНИЈА.
Истовремено беше склучен договор со издавачко-дистрибутерска куќа од Њу Јорк за превод, дистрибуирање и продажба на мангата на американскиот пазар, со што авторот Довезенски и илустраторот Гаковски се првите уметници кои излегле со своето дело надвор од границите на Македонија и тоа директно на пазарот во САД.
Со нарачка на овој стрип, Вие ги поддржувате авторите во неверојатната борба да ја издигнат мртвата стрип култура во Македонија, а истовремено да ја претставуваат нашата земја надвор од границите (секако, под уставното име).
Нарачки на телефонот 071 358 226.

Петтиот „Генин“ во Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

Семпаи Михаил Дракалски е петтиот „Генин“ во Буџинкан Македонија. Со ова високо признание се здоби во текот на вчерашниот ден, веднаш по завршувањето на семинарот за борба со Нагината.

Веќе сите знаете дека бронзените медали „Генин“ се доделуваат после десет години редовно и посветено вежбање, а како признание за залагањето и лојалноста кон доџото, соборците и учителот.

Од длабочините на нашите срца му честитаме на Михаил Дракалски и му посакуваме уште долги години на Патот.

Одржан семинарот за Нагината

Posted on Categories Почетна

Десетина учесници уживаа во семинарот за Нагината што се одржа во неделата во Хомбу. Во прекрасна атмосфера, зачинета со техники од самурајското сечиво натакнато на долг стап, воините на Буџинкан Македонија за прв пат вежбаа кати со ова оружје од школата Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу.

Инаку, учениците на Доџото досега ги вежбале сите вештини од оваа школа, така што стигнаа до тоа ниво да ја изучат и последната – борбата со Нагината.

На крајот од настанот, во името на сите присутни, шидоши хо Марко Опачиќ побара ова оружје да биде ставено на листата на годишни семинари најмалку два пати.

Неговата желба ќе биде исполнета.

Чигирики семинар во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Под големиот орев во дворот на Хомбу Доџото на „Пат кон Сонцето“, во саботата се одржа семинар за Чигирики.

За тие кои не знаат, ова средновековно јапонско оружје се состои од стап со ланец на чиј крај им закачено метален тег.

Семинарите со Чигирики се секогаш забавни и интересни и иако не се многу напорни, знаат да предизвикаат болка во одредени делови на телото поради самата ефикасност на орудието.

Техники за преживување во природа за деца и родители

Posted on Categories Почетна

Со желба да ги научи дечињата на техники за преживување, а истовремено и да им ја доближи природата бидејќи тие претставуваат иднина на нашата земја, учителот Игор Довезенски одржа семинар кој беше наменет за најмладите и нивните родители.

Замислен како еднодневно семејно дружење и меѓусебно зближување, три македонски фамилии во шумата Млака во долината под планината Липац учеа како да изградат засолниште, да запалат оган на примитивен начин, да повикаат помош, како и да пружат прва помош во случај на повреда.

На крајот на настанот, родителите го продолжија дружењето под летниковецот во дворот на Доџото „Пат кон Сонцето“, додека дечињата си играа под сенките на големиот орев на Хомбу.
До следното дружење…

Уште еден „Генин“ во Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

На последниот час пред почетокот на корона пандемијата во март, 2020-тата година, семпаи Владимир Антовски го доби признанието „Генин“, при што не успеавме ниту да напишеме извештај за неговото достигнување, бидејќи бевме затечени со новата ситуација приморани да ги затвориме вратите на нашето Доџо.

Меѓутоа, овој пат сме сосема присебни и со големо задоволство сакаме да Ве информираме дека семпаи Благица Божиновска е четвртиот член на Буџинкан Македонија, што се здобил со признанието „Генин“.

Инаку, како посетување, бронзените медали „Генин“ се доделуваат после десет години редовно и посветено вежбање во „Пат кон Сонцето“, како признание за залагањето и лојалноста кон доџото, соборците и учителот.

На новиот „Генин“ му посакуваме уште долги години членување во „Пат кон Сонцето“, храбро чекорење по Патот, се до добивањето на златниот „Џонин“ медал.

Одржан Тоами (Нинџа мрежа) семинарот

Posted on Categories Почетна

Дванаесет Воини на Буџинкан Македонија во неделата ги вежбаа тајните на борба со Тоами. Семинарот се одржа во дворот на Хомбу Доџото на „Пат кон Сонцето“

При фантастични временски услови, нашите членови имаа можност да ги повторат техниките со ова необично нинџа орудие, додека тие кои за прв пат земаа учество на овој настан, со задоволство се запознаа со „мрежата“.

На крајот, сите учесници едногласно искажаа поддршка за секој следен Тоами семинар, бидејќи според нив – техниките се крајно забавни и корисни.

Семинар за лак и стрела (Јуми Ја)

Posted on Categories Почетна

Во дворот на Хомбу Доџото на Организацијата „Пат кон Сонцето“, во саботата се одржа семинар за гаѓање со лак и стрела (Јуми Ја).

На настанот учествуваа десетмина членови на Буџинкан Македонија, кои ги изучуваа вештините на употреба на Јуми Ја од школата Тогакуре рју. Техниките се увежбуваа на самоделски лак (Маруки Јуми), краток нинџа лак (Ханкју), како и на турски лак, со цел да се воочат и совладат разликите на орудијата.

Се гаѓаше од четири различни положби на телото, во мета одалечена десетина метри.

Веќе за следниот семинар, најавено е гаѓање со нови ханкју-лакови кои ќе бидат со далеку подобри перфоманси од сегашниве.