Семинарот го завршивме со тренинг на отворено каде што вежбавме со реквизити кои нудат огромна можност за зголемување на издржливоста и силата. Тука особено внимание посветивме на правилниот начин на движење при самата изведба.
Одржан есенскиот семинар за Нинџа Клинци-те
Нинџа Клинци-те успешно ја завршија есенската „инвазија“ на Хомбу Доџо-то на Буџинкан Македонија, земајќи си со себе прекрасни спомени кои засекогаш ќе останат врежани во нивните срца.
Во неделата, најмладите членови на нашето доџо повторно имаа можност да бидат дел од прекрасната природа што го опкружува Хомбу-то и да го поминат денот во игра, вежбање и дружење меѓу себе.
Тренинзите се одржаа под водство на семпаи Тодор Ангеловски и на кохаи Таки Гаговски, а темата беше: Основите на боречките вештини Гјокко рју Кошиџутсу и на Даито рју Аикиџуџутсу.
Бидејќи семинарите за Нинџа Клинците се одржуваат два пати годишно односно на пролет и на есен, ги известуваме нашите најмлади членови дека следниот ваков настан ќе се одржи во мај, 2017 година.
Специјален еднодневен семинар за CEED EDU
Во Хомбу Доџо-то на Организацијата за изучување традиционални јапонски борбени вештини „Пат кон Сонцето“, во саботата се одржа специјален еднодневен семинар, на кој инструкторот Игор Довезенски ги подучуваше учесниците околу начините за стекнување трпение, дисциплина, дефинирање на целта, за успехот и неуспехот, како и за придобивките од тимската работа.
Настанот беше организиран на барање на кординаторите од CEED Macedonia кои процениле дека токму Довезенски е личноста од која младите што учествуваат во нивната програма ќе можат да научат нови техники кои ќе им помогнат понатаму да ги развијат своите претприемачки вештини.
Всушност, ЦЕЕД Едукација (ЦЕЕД ЕДУ) е програма која го доближува претприемачкиот дух до децата и младите преку пренесување, доживување и практикување успешни приказни од светот на бизнисот притоа хранејќи ги нивните уметнички и духовни потреби. Тоа е програма која е изградена врз основа на знаењата и искуствата на експерти од областа на едукацијата, како и на искуствата од разните претприемачи и менаџери.
Одржан „Патот на Шугенџа VIII - Оживување“
Осмото издание на легендарниот семинар познат под името „Патот на Шугенџа“, создаде уште еден подвиг кој засекогаш ќе биде
запаметен и раскажуван од страна на следните генерации воини на Буџинкан Македонија. За 20 саати непрекинато марширање по различен терен, двајца од учесниците на настанот успеава да изодат пат од 100 километри.
Стартната точка почнуваше пред ТЦ Бисер во населбата Аеродром, додека крајната цел беше да се пристигне во Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ во долината под планината Липац.
На семинарот беа пријавени вкупно 10 членови на Буџинкан Македонија, кои под водство на инструкторот Игор Довезенски точно во 07.00 часот го започнаа своето патешествие.
Првите 35 километри беа поминати речиси рутински, благодарение на добрата кондиција што членовите на доџо-то ја поседуваат, а секако постигната поради силните психо-физички тренинзи во текот на целата година.
При искачувањето на ридовите над селото Винце, кај неколкумина учесници почнаа да се појавуваат првите знаци на криза, а предизвикани најмногу поради недостатокот на вода за пиење.
За да биде појасно, станува збор за област која што е доста сува и безводна, а главната препрека до Хомбу Доџо-то е предизвикана од Градиштанската Планина која што е широка околу девет, а долга околу 30 километри. Познавачите на теренот во кумановската област, знаат дека иако станува збор за ниски планини, сепак искачувањето на нив е доста напорно поради терасестите ридови од кои што се составени планинските масиви. Или поедноставно кажано, зад секој изоден рид, се појавува нов, со редовно длабок и непрооден дол, а сето тоа исполнето со густа, ниска и боцкава непроодна вегетација, која што многу често предизвикува движење на сите четири екстремитети.
Токму за време на искачувањето на претпоследниот рид во атарот на селото Колицко, при совладани 43 километри, кај еден од учесниците се појавија грчеви на мускулатурата, по што движењето на групата беше доста успорено. Во тој момент, водачот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски, мораше да донесе навидум необична одлука односно да го смени движењето на запад или поточно во широк лак да се врати назад кон најблиското село каде што има превоз до најблискиот град.
По кратко информирање за причината за ваквата одлука, групата се спушти до селото Пчиња, од каде што патот го продолжија тројца учесници: Игор Довезенски, Сања Симонова и Таки Гаковски. Со силен марш, за неколку саати тие пристигнаа во Куманово, каде што Симонова мораше да го откаже понатамошното патување поради силните болки во мускулите и треската предизвикана од огромниот напор.
Во 03.00 часот наутро, изнемоштени, но со ведар дух, по 20 часа непрекинато пешачење, на целта пред вратата на Хомбу Доџо-то пристигнаа Игор Довезенски и неговиот близок ученик Таки Гаковски. Истовремено тие го срушија претходниот рекорд од поминати 80 километри, поставен за време на „Патот на Шугенџа III“ во 2009 година.
На крајот, сакаме да им честитаме на сите учесници на семинарот, без разлика што не го завршија до крај, за храброста да се пријават односно да бидат дел од еден ваков необичен настан, кој е речиси неверојатен за поголемиот дел од популацијата на земјината топка.
Патот на Шугенџа VIII (Оживување)
На барање на членовите на Буџинкан Македонија, по тригодишна пауза, водачот на доџо-то Игор Довезенски одлучи да го оживее легендарниот подвиг „Патот на Шугенџа“.
Настанот ќе се одржи на 24 септември, а маршрутата е веќе определена:
Скопје – Хомбу Доџо „Пат кон Сонцето“
Должина: 62 км (сметано според должината на патот наменет за патнички сообраќај)
Тргнување: сабота во 07:00 часот.
Пристигнување: само Господ знае 🙂
Важно: пред учество секој од учеснициите во сопствена режија треба да си направи соодветни лекарски прегледи.
Повеќе за настанот: http://hombu.koryu.mk/
Почеток на второто полугодие и уписи во Буџинкан Македонија
Веќе 21-ва година по ред Организацијата „Пат кон Сонцето“ ги отвора вратите на доџо-то за новите кандидати кои имаат желба да навлезат во светот на јапонските нинџи и самураи.
Иако Доџо-то за класични јапонски самурајски и нинџа вештини „Буџинкан Македонија“, врши уписи во текот на целата година, сепак месецот септември е најповолен момент за да отворите една нова страница од Вашата животна историја.
Одржан Летниот Корју Камп VIII
Според зборовите искажани од страна на учесниците на Летниот Корју Камп, се добива впечаток дека секој следен настан, од година на година, станува се поинтересен и се подобро организиран. Тоа е само поттик и понатаму да го одржуваме и да го подигнуваме нивото на квалитетот на овој величенствен настан.
Оваа година тринаесет учесници повторно го почуствуваа на своја кожа динамичниот тренинг карактеристичен за Буџинкан Македонија и за Организацијата „Пат кон Сонцето“, а двајца од нив, допатуваа дури од Романија, со цел барем на кратко да го осетат жестокиот ритам што го наментуваме за време на Летниот Камп.
Темата на овогодинешниот настан беше самурајската боречка школа Такаги Јошин рју Џутаиџутсу, како и најстарата документирана јапонска борбена вештина Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу. Можеме слободно да кажеме дека учесниците на кампот целосно се предадоа и уживаа во откривањето на тајните на двете рју-ха, но и во личната телесна транформација предизвикана од силниот Шиноби Таисо тренинг, организиран од страна на водачот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски.
Слободното време кое едвај го имаше беше искористено за капење во блиската река, како и за истражувачки експедиции на златните ридови на Орљак. Дружењето и меѓусебното поврзување на членовите на доџо-то секогаш е дополнителен мотив за учество на Летниот Камп, бидејќи ништо толку добро не придонесува за зацрвстувањето на врските помеѓу учесниците како заедничкиот деветодневен тренинг во долината под планината Липац.
Следната година ветуваме уште подобра организација и уште поквалитетни тренинзи. Темата е веќе позната, а за тие кои сакаат да дознаат повеќе, можат да ја посетат нашата веб-страница www.koryu.mk
Летен Корју Камп VIII
За тие што не знаат, шидоши Игор Довезенски е човекот кој во 1995 година го отвори првото и се уште единствено доџо во Македонија за класични јапонски борбени вештини и со самото тоа буквално ги „донесе“ во нашата држава. Благодарение на него, илјадници наши сограѓани досега се запознале со боречките вештини кои некогаш биле практикувани и применувани од страна на легендарните јапонски самураи и нинџа воини.
Кампот ќе се одржи во периодот од 4-ти до 12-ти август, во хомбу доџо-то на организацијата „Пат кон Сонцето“, а сместено во долината под планината Липац.
Одржан семинарот „Живот во Дивината III“
Откако претходно ги совладавме техниките на организирано живеење во заедница на ниски планини и покрај реки, оваа година се посветивме на изучување на вештините за преживување на поголема група луѓе во шума. А викендов што измина, докажа дека некои од членовите на Буџинкан Македонија незапирливо го впиваат сето знаење што со години се таложело во инструкторот Игор Довезенски, а кој секогаш несебично се обидува колку што може повеќе да пренесе дел од сопственото искуство и на своите ученици.
Семинарот се одржа во шумата Млака, во долината под планината Липац и тоа на две различни локации. За чувството да се биде дел од овој настан, ќе споделиме дел од импресиите на некои од учесниците.
Живот во Дивината III
По двата одржани семинари на тема „Живот во Дивината“, на кои членовите на Буџинкан Македонија ги изучуваа техниките на организирано живеење во заедница во дивина, време е за третиот.На првите два настани инструкторот Довезенски ги подучуваше своите ученици како можат подолг период да преживеат во група доколку се засолнат на планина пониска од 1000 метри, како и на организирано живеење покрај река.
За време на „Живот во Дивината III“, членовите на Буџинкан Македонија ќе имат можност да ги научат техниките на групно преживување во шума.
Како што и беше најавено уште на првиот семинар, воините од доџо-то секоја година ќе се соочуваат со различен терен односно со разнобразни географски услови за живот.
Семинарот ќе се раководи според сценарио на природна катастрофа или друга несреќа која бара повлекување на некое непристапно место и организирање живот на подолго време за одредена група на луѓе. Со совладувањето на новите вештини, членовите на доџо-то ќе бидат способни да го згрижат своето семејство и да му обезбедат основни услови за живеење во дивина во случај на опасност.
Пред минатата година почнавме да го пишуваме новото поглавје на историјата, а оваа продолжуваме со третата глава. Не пропуштајте ја можноста да ги научите техниките на живеење во природа, кои во случај на природна катастрофа или друга незгода ќе ви бидат повеќе од потребни.
На семинарот можат да учествуваат сите членови на доџо-то Буџинкан Македонија / Пат кон Сонцето, без разлика на нивното звање или знаење.
Потребна опрема: се што може да послужи за преживување во природа и што ќе го собере во вашиот ранец.
Ден: 23/24 јули (2016)
Место: Млака – во долината под Липац
Програма:
сабота: 07.00 часот – тргнување од Скопје
недела: 18.00 часот – враќање назад
Пријавување и информации преку инбокс, телефон или на Форум.
п.с. Престојувањето во природа носи одредени опасности. Сите учесници доаѓаат на сопствен ризик. Направете ги потребните лекарски испитување пред да се пријавите за учеството.