Одржан семинарот: „Борба и одбрана од нож“

Posted on Categories Почетна
Под водство на водачот на Буџинкан Македонија, денес во скопското доџо беше одржан семинар за борба и одбрана од нож.
Шидоши Игор Довезенски, на кого ова му беше 419-ти семинар на кој подучува, како и секогаш несебично го сподели своето огромно знаење со своите ученици кои навистина уживаа во секој момент од настанот.

Веднаш после семинарот, шидоши хо Марко Опачиќ ги сподели импресиите на интерниот Форум на доџо-то, кои интегрално ви ги пренесуваме.

„Ова беше 30-тиот семинар за оваа година во ‘Пат кон Сонцето’ и морам да истакнам дека уште денес успеавме да го урнавме рекордот од минатата година кога реализиравме вкупно 29. Но дали знаете на каков начин го соборивме рекордот?
Сенсеи најпрвин ни објасни кои се најчестите напади, но и како да се одбраниме од истите. Ни предаде многу ситници поврзани со психологијата, а како што кажав техниките беа разработени до најситен детаљ. Истовремено тој побара од напаѓачите да удираат и да сечат брзо со повлекување на ножот и повторен напад, со цел да научиме правилно и течно да го движиме нашето тело. За време на семинарот, многу пати движењата на Сенсеи изгледаа како забрзана снимка од холивудски филм.


Иако динамиката беше жестока, сите беа расположени за тренинг и воопшто не згрешивме што овој есенски и дождлив ден не го поминавме лежејќи дома, туку во доџо. Некои од техниките беа навистина тешки и на многу високо ниво, а морам да напоменам за тие што не беа дека цели 4 часа вежбавме одбрана од нож при ситуации кога и ние сме вооружен со истото оружје. Ова беше уште еден одличен семинар и мора да кажам дека тие кои не присуствуваа – многу пропуштија“.