Извештај за 2017-та година

Posted on Categories Почетна

Минатогодишниот Извештај го завршивме со прашањето: Дали и во 2017-та година ќе можеме да го одржиме епитетот „најдинамично европско доџо“, а истовремено по стоти пат ветивме и дека се додека нашите стапала ја газат оваа македонска земја, нашата љубов кон борбените јапонски класични вештини постојано ќе расте.

За ветувањето секако дека немаше никаква сомнеж дека ќе биде исполнето, бидејќи Воинскиот збор вреди повеќе од се на светот. А што се однесува до прашањето, со задоволство можеме да кажеме дека го добивме одговорот. И при тоа јасно и гласно сакаме да кажеме на цел глас: Го оправдавме епитетот!!! И не само тоа, туку постигнавме и нов рекорд!!!

Покрај секојдневните редовни тренинзи, дополнително организиравме, предававме и учевме на вкупно 38 семинари во текот на годината!!! Поедноставно кажано, во текот на месецот, најмалку три викенди ни биле предвидени и успешно реализирани за семинари.

Да одиме со ред и да Ви презентираме мал дел од тоа што сработивме во текот на изминатата година.

Поради предвидениот пат во Јапонија на шидоши Игор Довезенски во 2018-та, оваа година одлучивме да не организираме меѓународни семинари, туку ние да посетиме некои од нив. Така, во мај, инструкторот Довезенски заедно со својот асистент Опачиќ, учествуваа на тридневниот семинар што се одржа во главниот италијански град – Рим. На семинарот предаваше нашиот учител за Даито рју Аикиџуџутсу, шиханот Антонино Черта, при што ни пренесе нови техники од четвртиот каталог од оваа древна самурајска традиција.
Во декември, шидоши Довезенски замина за Белград (Србија) каде што учествуваше на специјален семинар со познатиот инструктор Марио Тополшек. За време на семинарот, Тополшек предаваше разни техники на дишење, на стимулирање на енергијата преку разни движења, потоа начини на канализирање на енергијата, како и техники на акупресура.

Што се однесува до семинарите на кои предаваше инструкторот Довезенски, листата изгледа вака: десет семинари за Даито рју Аикиџуџутсу, од кои шест во Хомбу и четири во доџото во Скопје. Седум еднодневни, како и девет интензивни Нинџутсу семинари во Хомбу. Десет во природа, од кои два сосема нови: „Најдолгиот Ден“ и „10.000 п.н.е.“

Покрај сите овие настани, вредат да се споменат и следниве: Водачот на Буџинкан Македонија им додели на шидоши хо Зоран Тодоровски и на шидоши хо Марко Опачиќ бронзени медали „Генин“, како признание за нивното десетгодишно редовно вежбање во доџо-то на Буџинкан Македонија; беше организиран првиот „Детски Нинџа Камп“ што отсега редовно ќе се одржува за нашите нај млади вежбачи; на декемвриското полагање добивме двајца нови носители на кафеав појас (1 кју – Михаил Дракалски и Таки Гаковски).

Мора да се спомене и најголемиот настан кој низ текот на годините се здоби со легендарен статус, а тоа е нашиот надалеку прочуен „Летен Нинџа Камп“, на кој инструкторот Довезенски, меѓу другите вештини предаваше и Каџутсу. Истовремено Довезенски вети дека на секој следен камп ќе предава по некоја тајна нинџутсу вештина од школата Тогакуре рју.


Што се однесува до јавните настапи на медиумите, оваа година Довезенски повторно беше интервјуиран од најпосетениот бизнис портал во Македонија (www.bi.mk)

На крајот, како и секоја година, упатуваме огромна благодарност до сите членови на Организацијата „Пат кон Сонцето“, а особено кон нашите ученици од Буџинкан Македонија, кои со своето неуморно залагање овозможија повторно да уживаме во зачудувачкото патување низ светот на традиционалните јапонски боречки традиции (Корју Буџутсу).

Не ветуваме и не најавуваме ништо за 2018-та, бидејќи сме повеќе од сигурни дека што и да ветиме во однос на Нинџутсу или Буџутсу – ќе оствариме.

Пат кон Сонцето. Легендарно Доџо – сложно семејство. Буџинкан Македонија. Во крвта – засекогаш!!!

Нинпо Иккан!!!