Одржан десеттиот по ред БуЈуКаи

Posted on Categories Почетна

Изминатиот викенд, во Македонија се одржа јубилејниот десетти по ред БуЈуКаи семинар, традиционален настан кој од година во година обединува сè поголем број љубители на традиционалните јапонски боречки вештини.

Иако првично беше најавено дека како и секогаш семинарот ќе го предводат долгогодишните пријатели и соработници Игор Довезенски и Ерџан Шарбат од Турција, поради оправдани причини Ерџан во последен момент беше спречен да допатува во Македонија.

Честа и одговорноста да го води семинарот овојпат целосно му припаднаа на учителот Игор Довезенски, кој за темата на десеттиот БуЈуКаи ги избра Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу и Иаиџутсу. Во текот на повеќечасовните тренинзи беа обработени принципите, катите и практичната примена на техниките од оваа древна школа, со посебен акцент на природното движење на телото, правилното користење на дистанцата и разбирањето на боречките концепти кои ја прават Шинден Фудо рју толку посебна меѓу класичните јапонски традиции.

Особено нè радува фактот што годинашниот БуЈуКаи постави нов рекорд по посетеност. На семинарот учествуваа вкупно 40 вежбачи, што претставува најголем број учесници во историјата на овој настан. Големиот интерес уште еднаш покажа дека идејата за БуЈуКаи како место за дружење, размена на знаења и заедничко усовршување продолжува успешно да живее и да се развива.

Како и секоја година, покрај тренинзите, значителен дел од времето беше посветен и на запознавање со културното и историското богатство на Македонија. Учесниците повторно го посетија Кратово, еден од најстарите и најживописни градови во нашата држава, каде имаа можност да ги разгледаат неговите препознатливи кули, мостови и стара архитектура.

Посебен впечаток остави и прошетката низ селото Довезенце, каде гостите се запознаа со повеќе историски и културни знаменитости од овој крај. Во пријатна атмосфера исполнета со дружење, разговори и споделување искуства, учесниците можеа подобро да ја почувствуваат традицијата и гостопримството по кои е препознатлива Македонија.

Десеттиот БуЈуКаи уште еднаш покажа дека вистинските вредности на боречките вештини не се ограничени само на тренинг-салата. Пријателството, заемната почит, желбата за учење и заедничките спомени остануваат најголемото богатство што секој учесник го носи со себе по завршувањето на семинарот.

Се гледаме повторно на следниот БуЈуКаи – во Истанбул.

Едно Доџо – Една Љубов. Нинпо Икан!

Одржан семинарот за Оно - големата самурајска секира

Posted on Categories Почетна

Придружени од пријатен пролетен дожд, вчера во дворот на Хомбу Доџото на организацијата „Пат кон Сонцето“, членовите на Буџинкан Македонија го одржаа редовниот семинар за Оно – големата самурајска секира.

На настанот учествуваа неколку членови на доџото, кои уживаа во техниките на оваа вештина, која е дел од школата Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу.

Веќе следната недела ќе се одржи десеттиот по ред меѓународен нинџутсу-семинар „БуЈуКаи“, за кој досега се пријавени 43 учесници, односно тројца повеќе од предвидениот максимум.

ХоЏутсу во јапонската градина во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Само еден ден по враќањето од Франција, каде што одржа серија предавања во два Аикидо клуба од Малцевил и Бленвил, учителот Игор Довезенски одржа ХоЏутсу семинар во јапонската градина во Хомбу за своите македонски ученици.

На настанот се вежбаа техники на гаѓање од осум различни положби, а учесниците за многу кратко време ги совладаа и покажаа одлични резултати.

Следниот семинар според редовната програма на Буџинкан Македонија е за Отсучи и за Оно.

Учителот Игор Довезенски одржа семинари во Франција

Posted on Categories Почетна

Во периодот од 26 април до 2 мај, учителот Игор Довезенски одржа серија семинари во регионот Лорејн (Гранд Ест) во Франција.

Предавањата беа од областа на школите Буџинкан нинџутсу, Даито-рју аикиџуџутсу, како и кенџутсу од Теншин Шоден Катори Шинто-рју.

Семинарите се одржаа во аикидо-клубовите во Малцевил (предградие на Нанси), како и во Бленвил, кој се наоѓа триесетина километри јужно од Нанси. Двете доџоа се дел од Француската аикидо федерација и преку неа од Аикикаи фондацијата од Јапонија.

Учесниците на настанот беа толку воодушевени од инструкторот Довезенски што го испратија со овации и аплауз, а веќе за следната година го поканија повторно да го сподели своето знаење со нив.

Од страна на македонскиот учител, поканите беа прифатени со особено задоволство, пред сè поради укажаната чест, но и поради изразите на воодушевување кои постојано се слушаа за време на подучувањето.

Со заедничка желба и ентузијазам, домаќините и Довезенски се разделија со пораката: „Се гледаме следната година.“

Нов Сандан и нов Генин во Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

Веднаш по одржувањето на семинарот за Лак и Стрела. во саботата се одржа и полагање за Сандан (3 дан), при што семпаи Таки Гаковски успешно го совлада тешкиот тест за овој степен.

За време на полагањето, кандидатот требаше да демонстрира по три кати од сите нивоа на школата Кото рју Коппоџутсу, а потоа да има рандори (слободна борба) со тројца напаѓачи, при што едниот е вооружен со нож.

Пред самото полагање, на кохаи Марко Петрушевски му беше доделена бронзена медаља “Генин’ за десет години редовно вежбање и членување во Буџинкан Македонија. Им честитаме и на двајцата!

Одржан семинарот за Лак и Стрела

Posted on Categories Почетна

Традиционалниот семинар за лак и стрела, што секоја година се одржува во текот на месецот јуни, во саботата собра над 20 членови на Буџинкан Македонија во шумата Млака во долината под планината Липац.

За време на семинарот, учителот Довезенски предаваше техники на гаѓање од различни положби на телото, како и техники на држење и контролирање на лакот.

Учениците кои редовно доаѓаат на овој семинар, покажаа одлични резултати при гаѓањето.

Реализирано уште едно Муша Шугјо во Јапонија

Posted on Categories Почетна

Учителот Игор Довезенски, заедно со својот ученик Таки Гаковски, во периодот од 11 до 22 април го посетија Хомбу-то на Буџинкан Доџо во Нода (Јапонија) поради усовршување на своето знаење.

За време на посетата, тие имаа тренинзи со јапонските даи-шихани и наследници на школите (соке) кои се изучуваат во Буџинкан и тоа со Норио Сакасаи, Исаму Шираиши, Јукио Ногучи, Тоширо Нагато, Хироши Нагасе, Ватару Тезука и други.

За разлика од претходните посети на Довезенски, кога целото време воглавно беше посветено на тренинзи со учителите, со цел да му овозможи да ја почуствува јапонската култура и традиција на својот ученик кој за прв пат ја посетува Јапонија, овојпат покрај тренинзите беа посетени и неколку различни градови, потоа јапонски градини и древни храмови, како и замоци и други историски места поврзани со самурајската традиција.

За време на посетата беа остварени и неколку средби со јапонските учители на кои се разговараше за идни планови поврзани со работата на Буџинкан Македонија.

Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу тренинг семинар во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Водачот на „Пат кон Сонцето“, во саботата одржа тренинг семинар за Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу во Хомбу Доџото на организацијата.

За време на тренингот, учителот Игор Довезенски предаваше четири кати на симултано извлекување на мечот (ИаиЏутсу/БаттоЏутсу), а учениците вредно ги повторуваа техниките кои им беа предавани од страна на учителот.

Интересот за најстарата документирана самурајска школа повторно расте, така што Довезенски се обврза редовно да ја стави во програмата за семинари во нашето доџо.

Одржан семинарот „Силата на Јари XVII“

Posted on Categories Почетна

Ладното време не им попречи на членовите на Буџинкан Македонија успешно да го реализираат 17-тиот редовен семинар посветен на техниките на борба со копје, познат под името – „Силата на Јари“.

Настанот повторно се одржа во шумата Млака, при што учество зедоа повеќе од 20 практиканти од различни возрасни групи.

Особено инспиративно беше да се види посветеноста и ентузијазмот на помладите ученици, кои активно се запознаваа и ги продлабочуваа своите знаења за СоЏутсу (вештина на борба со копје) од школата Шинден Фудо рју ДакенТаиџутсу. Под водство на учителот Игор Довезенски, учесниците имаа можност да учат од неговото богато искуство и пристап, кој несебично го споделува со сите присутни.

Според годишната програма на Буџинкан Македонија, следниот семинар ќе биде посветен на темите Хоџутсу и ЈумиЈа.

Одржан 18-тиот традиционален семинар за Шурикени

Posted on Categories Почетна

Во саботата што измина, во дворот на Хомбу Доџото на Организацијата „Пат кон Сонцето“, се реализираше семинар посветен на техниките на гаѓање со Шурикени. На настанот присуствуваа 23 ученици на Буџинкан Македонија.

Активностите започнаа со практичен тренинг, каде учесниците гаѓаа на три различни цели. Под водство на инструкторот Игор Довезенски беа обработени повеќе техники на фрлање, со посебен акцент на прецизноста, контролата и правилната изведба. Секој од присутните имаше можност да ги повтори техниките и да добие насоки за подобрување.

По официјалниот дел, учесниците продолжија со дружење покрај каминот во Доџото, проследено со заедничка вечера и друштвени игри.

Овој настан како и секогаш внесе нова енергија и мотивација кај членовите, овозможувајќи им да стекнат дополнителни вештини, но и да создадат убави спомени заедно.

Всушност, со семинарот за Шурикени и официјално ја отворивме сезоната 2026-та во Хомбу Доџото на „Пат кон Сонцето“.