Одржана деветата во ред „Работилница за Самоодбрана за Жени®“

Posted on Categories Почетна

Сезоната на интензивни семинари за 2017-та година во Хомбу Доџо-то на Буџинкан Македонија заврши и подобро отколку што се очекуваше. Девојките кои земаа учество на деветата по ред „Работилница за Самоодбрана за Жени“, јуначки ги издржаа сите десет саати динамичен тренинг кој беше наметнат од страна на инструкторот Игор Довезенски.


На Работилницата се пријавија вкупно девет припаднички на поубавиот пол и тоа од сите возрасти. Дел од нив се членови кои редовно вежбаат во нашето доџо, дел се поранешни, а некои од нив за прв пат се пријавуваат на еден ваков настан со цел да научат техники за самообрана кои денес се и повеќе од непоходни за да се заштитиме од насилниците кои се движат околу нас.

За време на првиот ден, дамите имаа можност да научат како да се одбранат од разбојник кој напаѓа со влечење за делови од телото или од облеката, како и техники на одбрана од удари и соборување на земја. Веќе следниот ден, реперотарот беше проширен со техники за ослободување од разни зафати и обиди за силување на земја или кога жртвата е присилно притисната на ѕид.

Секако, слободното време беше искористено за прошетка низ преубавата природа околу Хомбу, а сето тоа беше проследено со многу хумор предизвикан од вицовите кои се раскажуваа меѓу учесничките.

Иако напорни и исцрпувачки, сепак научените техники за време на Работилницата, како и советите и искуството стекнати за време на двата дена, засекогаш ќе останат во спомените на сите девојки и жени кои не почестија со своето присуство за време на овој традиционален настан.

Сега започнува таканаречениот зимски период во кој Хомбу Доџо-то ќе мирува се до почетокот на март, кога повторно ќе ги отвори вратите за активностите на најдинамичниот клуб за традиционални јапонски боречки вештини во Европа, а можеби и пошироко.

Нинпо Иккан.