По девети пат шидоши Игор Довезенски успешно го организираше и го одржа најголемиот и најпознатиот годишен настан познат под името „Летен Нинџа Камп“. И повторно, како и секоја година, тоа се случи со помош на членовите на Буџинкан Македонија кои со години несебично ја даваат својата подршка и доверба на водачот на „Пат кон Сонцето“.
Поврзаноста, лојалноста, семејниот дух меѓу Воините од доџото целосно се отсликува токму за време на летниот камп.

Оваа година за време на настанот се изучуваа јапонските вештини Такаги Јошин рју Џутаиџутсу и Тогакуре рју Нинџа Бикенџутсу. Покрај нив, како и секогаш се обработуваа и други теми, а се со цел да се пренесе колку што е можно повеќе знаење од ризниците на учителот – на учениците.
Навистина не постојат зборови што можат да ја опишат атмосферата која владее за време на летниот нинџа камп, така што секој обид би бил неуспешен.

Тоа што со сигурност можеме да го кажеме е дека настанот полека, но сигурно, станува ЛЕГЕНДАРЕН и дека идните генерации со денови ќе можат да раскажуваат додека ги гледат снимките и фотографиите од самиот камп.
Како и секоја година, така и оваа, на последниот ден од настанот шидоши Игор Довезенски ја обзнани темата за следната година, а за 2018-та таа е: Даито рју Аикиџуџутсу и Кукишинден рју Нагината.

Доколку досега не сте го почуствувале воинскиот дух во себе односно никогаш не сте учествувале на некои од нашите летни кампови, во Вашиот календар маркирајте го датумот од 4-12 август и бидете дел од овој величенствен момент.





Таа пракса да се предаваат сите необични вештини познати под името Нинџа Џухакеи, шидоши Довезенски ја продолжува и ден-денес, па така одвреме-навреме неговите ученици имаат можност да научат и да навлезат малку подлабоко во сржта на овој необичен метод на борба познат под името нинџутсу. За време на неделниот семинар, учесниците имаа можност да научат техники за тивко влегување во вода, како и начини на бешумно пливање низводно и узводно. Потоа се вежбаа и техники на поминување големи растојанија со стебло, камуфлирање и трчање во река, како и бешумно движење и следење на противникот кој се движи по самиот речен брег. Обуката во вода, освен на семинарите во природа, понекогаш се предава и на некои од летните кампови организирани во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“.
Според планот за работа, следната година предвидено е научените техники да се испробаат преку разни борбени сценарија, при што учесниците ќе бидат поделени во две групи.








