Одржан традиционалниот семинар „Силата на Јари IX“

Posted on Categories Почетна

Вчера во дворот на Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“ по девети пат се одржа традиционалниот семинар насловен како „Силата на Јари“.
Помладите членови на Буџинкан Македонија имаа можност да ги учат техниките на борба со копје и истовремено да го почувствуваат духот на минатото, додека напредните ги повторуваа веќе стекнатите знаења.

Иако првично беше предвидено семинарот да се одржи на ливадата лоцирана на ивицата на шумата Млака, поради дождот кој паѓаше речиси во текот на целиот ден, инструкторот Довезенски одлучи учесниците да вежбаат во дворот на Хомбу-то.

По завршувањето на настанот, на интерниот Форум, шидоши хо Марко Опачиќ ги охрабри помладите членови на доџо-то поредовно да учествуваат на семинарите во природа и во централното доџо на Буџинкан Македонија:

– Беше прекрасно да се вежба пред Хомбу Доџо-то. Копјето е неверојатно оружје со кое е навистина тешко да се ракува, иако во рацете на Сенсеи тоа изгледа лесно како да држи стапче од памук. Времето не ни се погоди, постојано врнеше ситен и ладен дожд и постојано газевме по кал, но без разлика на тоа, си поминавме прекрасно. Иако девет години по ред учествувам на овој семинар, секогаш откривам нови детали и секогаш Сенсеи кажува по некој нов куден. Какви се само преубави тие моменти поминати во Хомбу опкружен со прекрасни луѓе, соборци, браќа, сестри…

Следната сабота имаме Тоами Џутсу, а веќе наредниот ден и Џутте. Се гледаме повторно.