Успешно одржан семинарот „Силата на Јари-то“

Posted on Categories Почетна

13022011224856jari37.jpgНа местото викано Слепо
Коло, на ридот Орљак, се одржа семинарот на тема: „Силата на Јари-то“. На
настанот учествуваа 11 членови на Буџинкан Македонија, кои во текот на целиот ден
ги учеа начините на борба со копје, но и техниките на формациско борење со ова
оружје.

Како и секогаш,
инструкторот Довезенски навлегуваше во најситните детаљи во техниките, а учениците
упорно ги вежбаа и совладуваа. За нив особено беше интересен начинот на
формациско борење, каде што група вооружена со мечеви се обидуваше да ја помине
линијата поставена од копјаници. Со употреба на разни тактики (какехики),
сите напади успешно беа спречени, а напаѓачите совладани за кратко време.
Посебен впечаток остави начинот на формирање на 13022011224914jari38.jpgтаканаречените „круг на
одбрана“ и „опасната стоногалка“ кои учесниците на семинарот за кратко време ги
совладаа.

На крајот на семинарот
сите учесници имаа можност да ги вежбаат научените техники на мета (вреќи
набиени со слама), при што уште подобро ја разбраа идејата и силината на
јари-то (копје), но и важноста од кондициската подготвеност при вежбање со ова ефикасно
оружје.

Ново доџо на Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

10022011140312Plakat_Dojo_Web.jpg

Сакаме да Ве информираме дека нашето школо за класични јапонски борбени вештини ќе отвори уште едно доџо во скопската населба Тафталиџе (кај млечниот ресторан).

Тренинзите ќе ги одржуваат семпаи Марјан Прошев и семпаи Марко Опачиќ, во деновите вторник, четврток и сабота од 18.30 до 20.00 часот.

Со ова, инструкторот на Буџинкан Македонија, Игор Довезенски, се повлекува од активно подучување на почетници и ќе вежба само со напредните ученици во централното доџо (Хомбу). На овој начин основачот на Буџинкан во Македонија и човекот што ги донесе класичните јапонски борбени вештини во нашата земја, Игор Довезенски, уште повеќе ќе се посвети на својот тренинг и на понатамошното усовршување во корју буџутсу (класични јапонски борбени школи).

Сите заинтересирани за упис во новото доџо можат да добијат дополнителни иформации на телефонот 071 277 457.

Буџинкан Македонија во „Лајф Магазин“

Posted on Categories Почетна

05022011123858lajf1.jpgВисокотиражниот месечник „Лајф Магазин“ во најновиот (февруарски) број објави репортажа за последниот семинар во природа на Буџинкан Македонија. Текстот со наслов: „Зимски тренинг на македонските самураи“ е напишан од новинарката Катарина Стојанова, а фотографиите се на фоторепортерот Андреј Гиновски.

Како и секогаш, Школото за јапонски класични борбени вештини „Буџинкан Македонија“ во најдобро светло ја претстави организацијата предводена од соке Масааки Хатсуми, а нашите настани постојано предизвикуваат огромен интерес во јавноста.

Екипата на „Лајф Магазин“ изрази желба да направи репортажа и за нашиот традиционален летен семинар на тема „Преживување“, каде што нашите членови вежбаат два дена на температура од +40 целзиусови, без храна и вода.

Семинар во природа: Силата на Јари-то

Posted on Categories Почетна

02022011074641Jari4523.jpg„Школото Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу
ги користи следниве оружја: Јари (копје), Оно (воена секира), О Тсучи (голем
чекан), Тачи (меч) и Нагината. Куденот вели дека една вечер демонот (Тенгу) му
дошол на сон на основачот на вештината и го научил како да се бори со Јари.
Овие техники и ден-денес се сметат за најголема тајна на школата.„

На 13 февруари, инструкторот Игор
Довезенски ќе одржи семинар во природа на тема: „Силата на Јари-то“.

На семинарот можат да учествуваат сите ученици на
доџо-то Буџинкан Македонија / Пат кон Сонцето.

Потребна опрема за вежбање: бокен и
јари

Тема: Силата на Јари-то

Ден: 13.02.2011 (недела)

Место: Слепо Коло

Програма:
08.00 часот – поаѓање од Скопје
09.00 часот – пристигнување
10.00 -16.00 часот –
теоретски и практичен дел
17.00 враќање назад 

Одржан зимскиот семинар

Posted on Categories Почетна

16012011203120zima3.jpgПрецизните мерења извршени
од страна на надалеку познатата селска кооперација Дацко 56 ™, покажаа дека за
време на одржувањето на зимскиот семинар, температурата на воздухот изнесувала
од 1 до 5 степени целзиусови. Минималната температура била за време на двете преминувања
на реката, додека максималната била измерена околу 13.00 часот.

Секако, поради желбата
да се совладат вештините на преживување во зимски услови, учесниците на
денешниот семинар воопшто не почуствуваа криза пораду суровите временски
услови.

На семинарот учествуваа
15 ученици на Буџинкан Македонија, а за нашата работа интерес покажа и познатиот
„Лајф Магазин“ кој испрати една новинарка и еден фоторепортер со нас, со цел да
објави репортажа за февруарскиот број. Во оваа прилика им честитаме на новинарите
поради тоа што издржаа повеќе од три часа (од вкупно осум) следејќи не по различни
терени во природата.

Семинарот започна со
совладување на техниката за преминување на надојдени води. Крива Река во оваа
прилика си ги покажа своите заби. Реката која извира од високите и со снег
покриени паланечки планини, беше толку ладна, што по неколку метра нозете веќе
неможеа да се чуствуваат.16012011203142zima2.jpg

По ова, учесниците на
семинарот ги научија начините за изградба на зимски засолништа и палење на оган
со кремен. Колибата беше изградена за дваесетина минути, а и огнот успешно
запален и покрај големата влажност на земјата и воздухот. 

Откако ја совладаа и
оваа техника, членовите на Буџинкан Македонија се упатија кон местото викано
См’кнено, каде што инструкторот Довезенски одржа уште едно кратко предавање за начините
на обезбедување вода за пиење во зимски услови. Потоа следуваше тренинг
таиџутсу (борба без оружје), буки мамори буки (оружје против оружје), како и
техники на формациско борење со копје и меч.

По завршувањето на настанот,
сите учесници беа видно задоволни од наученото, а според нивните изјави, едвај
чекаат да дојде следниот февруарски семинар во природа на тема: јариџутсу
(техники на борење со копје).  

Зимски нинџа тренинг „Начини на преживување во природа“

Posted on Categories Почетна

07012011010746zima2.jpgИнструкторот на Буџинкан Македонија, Игор Довезенски, ќе го одржи првиот од семинарите предвидени за во природа за 2011 година.
Како што самиот наслов кажува, на семинарот ќе се изучуваат начините на преживување во зимски услови односно на ниска температура и сурово опкружување. Самиот датум кога ќе се одржи настанот (16 јануари) е одбран со цел да се испробаат техниките и во практична смисла на зборот.

На семинарот ќе се изучуваат следниве вештини:
– преминување надојдени реки со јаже и без јаже

– обезбедување храна и вода

– изградба на засолниште и логор

– борба во зимски услови

– користење на природата како оружје за борба итн.

На семинарот можат да учествуваат сите психофизички здрави ученици на Буџинкан Македонија (секако на сопствен ризик).

Потребна опрема за на терен:

– војнички панталони (под нив ѕиври), маици, војничка кошула и џемпер, јакна, капа, шал, чизми, три пара гаќи и оружје за тренинг.

Предупредување: температурите најверојатно ќе бидат во минус. Теренот е отворен и ветровит. Присуство на диви животни во овој период од годината е нормална појава. Најмалку седум часа без престан ќе се вежба на екстремно ладно време. Преминување голи во замрзната река задолжително.

Ден: 16.01.2011 (недела)

Место: См’кнено

Програма:

08.00 часот – поаѓање од Скопје

09.00 часот – пристигнување

09.00 -16.00 часот – теоретски и практичен дел

17.00 враќање назад

Со среќа!

Тема за 2011 / Среќни празници

Posted on Categories Почетна

Според насоките
на соке Масааки Хатсуми, тема за 2011-та година ќе биде Кихон Хаппо.
Среќни сме што организацијата Буџинкан ќе почне да посветува внимание на
основите на боречките вештини. Тоа е нешто што во нашето доџо постојано се
истакнува како најважно.

Како и секоја
година, Буџинкан Македонија има и своја интерна тема, која што се разработува
во текот на дванаесетте месеци. Во 2011-та одлучивме да се концентрираме на школото Такаги Јошин рју Џутаиџутсу (Школото на духот на врбата).

Програмата
за 2011-та на Буџинкан Македонија е веќе поставена на нашата
веб-страница.

********************************************************

Ве известуваме дека во текот на претстојните празници Школото за борбени вештини Пат кон Сонцето заедно со двете доџо-а Буџинкан Македонија и Даито рју Македонија нема да работат во деновите:

-Буџинкан Македонија 31 декември (2010) и 7 јануари (2011 Божиќ) / прв тренинг на 3 јануари (2011)
-Даито рју Македонија 1 јануари (2011) / прв тренинг на 8 јануари (2011)

На сите наши членови и пријатели им посакуваме се најубаво во новата 2011
година. Нека ни е честит Божиќ !

Akemashite Omedeto Gozaimasu!

*******************************************************

30122010083359polaganje_2010-2.jpgВчера,
во Хомбу Доџо-то на Буџинкан Македонија се одржа полагање за ученички степени.

За
9 кју положија Тоше А., Христина С. и Фросина Н.,
додека со 7 кју заслужено се закитија Филип А., Горјан С., Косара П. и Искра Б.

За
5 кју положија учениците Маја И., Антон П., Тина Д. и Катерина Д.

Заслужено, за 3 кју положија Дарко Б., Благица С., Зоран Т. и
Мануела Д., а за први кју Марјан П. и Марко О.

За својот труд, упорност, верност, редовност
и љубов кон вештината и школото, пофалници добија учениците Антон П., Косара П. и Филип А. Антон беше прогласен за најредовен
ученик на Буџинкан Македонија од отворањето на самото доџо па до сега. Имено,
од 1 јануари па заклучно со вчерашниот ден, тој нема пропуштено ниту еден
тренинг.

Оваа
година благодарница за подршка при развојот на Буџинкан Нинџутсу во Македонија добија Александар В. и Дарко Б. (сите
имиња се напишани скратено поради почитување на приватноста на нашите членови)

Извештај за 2010

Posted on Categories Почетна

07012011183804bo131.jpgГодината што остана зад нас
можеме да ја оцениме како доста успешна. Според насоките на соке Масааки
Хатсуми, 2010-та беше посветена на Роккон Шоџо. Со цел да се обидеме да
дознаеме повеќе за тоа, организиравме два меѓународни семинари. Првиот беше под
водство на еден од најдобрите светски мајстори, Свенерик Богсатер, а вториот го
водеше нашиот одличен пријател, Штефен Фролих, шихан од највисок ранг во
Германија.

Интерна тема на нашето доџо за
оваа година беше школата Кото рју Коппоџутсу. Дванаесет месеци ги вежбавме
техниките, но и катите од сите нивоа на оваа моќна вештина. Слободно можеме да
кажеме дека нашите ученици уживаа во неа.

Во 2010-та година, инструкторот
на Буџинкан Македонија одржа седум семинари во природа на различни теми. Меѓу
нив се издвојуваат „Преживување“ и „Патот на Шугенџа“ кои се веќе заштитен знак
на нашето доџо. За прв пат беше одржан дводневен семинар во природа посветен на
школата Оно ха Итто рју Кенџутсу, а со наслов „Кенџутсу под ѕвездите на Липац“.
Поради одличниот одзив и преубавото искуство, беше договорено овој семинар да
се одржува традиционално секоја година во мај.

Изминатава година инструкторот
Довезенски одржа и неколку дводневни семинари во сала. Беше поканет да подучува
во Кавадарци и во Градско. Како и секогаш, интересот беше голем, салата
преполна, а дружењето прекрасно. На семинарот во Кавадарци учествуваа над 50
учесници кои имаа можност да се запознат со основите на Гјокко рју и Кото рју.

Во Градско отворивме наша
секција која брои десет ученици. Ќе ја следиме нивната работа и несебично ќе им
помагаме. Ги очекува тешка работа додека да го постигнат стандардот на Буџинкан
Македонија. Години натопени со многу крв и пот за да прераснат во вистинско
доџо. Но нема друг начин, освен напорен тренинг. Со чесност и лојалност до
целта.

Посетивме и неколку меѓународни
семинари како од Буџинкан, така и од други боречки вештини, се со цел подобро
да ги разбереме школите кои ги вежбаме во нашето доџо. Тука особено треба да се
истакне подолгиот престој на инструкторот Довезенски во Хомбу доџо-то на
Европската организација за Даито рју Аикибудо во Италија, каде макотрпно
вежбаше како учи деши на единствениот нејапонски шихан за Даито рју
Аикиџуџутсу, учителот Антонино Черта.

Во моментов нашето доџо брои 40
редовни ученици. Ова е истата бројка како и минатата година. Немавме ниту една сериозна
кампања за упис на нови членови, но најголем дел од старите ученици остануваат
посветени и лојални на Буџинкан Македонија. Тоа се вистински ученици, кои
храбро чекорат по Патот и трпеливо вежбаат со една цел – да се самоусовршат на
секое поле во животот. Нив не ги интересира политиката во Буџинкан, ниту пак
брзото напредување. Тие веруваат во правилото на нашето доџо: со најмалку пет
години крвав тренинг без пропуштени часови до црн појас. И сите се среќни
поради тоа.

Оваа година отворивме уште едно
доџо за две јапонски традиционални самурајски вештини: Даито рју Аикиџуџутсу и
Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда ден). Со тоа, ние сме единствено доџо за овие
две школи на територијата на цела Југоисточна Европа. Таа привилегија за нас
претставува огромна обврска да ја оправдаме довербата дадена од страна на
нашиот учител Антонино Черта. Плановите на ова поле се огромни, но за тоа
повеќе во 2011 година.

Што се однесува до јавниот
интерес за нашата работа, ние и понатаму ги одбиваме повеќето покани за
гостување во медиумите (а ги има многу). Тоа го правиме бидејќи сметаме дека
традиционалните боречки вештини се наменети за одбрани луѓе кои треба самите да
не пронајдат. Од многубројните молби за интервјуа во весниците и телевизиите,
прифативме само три. Така, Буџинкан Македонија се појави во месечникот „Лајф
Магазин“, каде што на два пати со фотографии покажавме неколку практични начини
за самоодбрана на жени. Потоа се појавивме во неделникот „Теа Модерна“, како и
во телевизиската емисија „Во Тренд“ на националната Канал 5.

По повод 15 години од отворањето
на нашето доџо, во јули организиравме голема забава на која присуствуваа
сегашни и минати ученици. Како добро си поминавме. Неверојатно.

Во август го одржавме нашиот
Летен Нинџа Камп. Имавме 18 учесници кои девет дена деноноќно дишеа и впиваа знаења
од корју буџутсу.
Како и секоја година, така и оваа одржавме неколку хуманитарни акции.
Од останатите поинтересни работи ги издвојуваме приватните часови на
инструкторот Довезенски со двајца натпреварувачи во Мешаните боречки вештини
(ММА / УФЦ), како и пуштањето на новата веб-страница посветена на вештините во
Даито рју Аикибудо (http://daito.koryu.mk).

Како најголемо достигнување
можеме да го истакнеме купувањето на земјиште во долината под планината Липац.
Со ова, „Пат кон Сонцето“ има свој личен простор каде што можеме да ги
одржуваме нашите тренинзи во природа кога и да посакаме. Нашата желба е на тоа
место да изградиме прекрасно доџо кое што ќе работи во текот на викендите преку
целата година.

На крајот, неколку статистички
податоци за нашата веб-страница. Од 1 јануари 2010, па заклучно со денес, нашата веб-страница ја посетиле над
14.000 души, од
вкупно 84
држави, а оваа година најредовните посетители се од САД, Србија,
Германија и Хрватска
(подредени според бројот на посети, не сметајќи ја Македонија од каде што
секогаш имаме најмногу „удари“). Тоа
воопшто не е некоја голема бројка за фалење, но со оглед на тоа што не се
рекламираме на ниту еден друг начин и не е така лошо.

Во 2011-та година очекуваме уште подобри резултати. Како и секогаш. Гамбате! 

Одржан кенџутсу семинарот во природа

Posted on Categories Почетна

21112010191728Koto54.jpgНа крајот од
шумата во месноста Млака, на самиот брег на Крива Река, се одржа кенџутсу
семинар на кој учествуваа шестмина ученици на Буџинкан Македонија. Како и
секогаш, се вежбаше сериозно и напорно, а секој од учесниците се потруди да
впие колку што е можно повеќе знаење. Инструкторот Довезенски навлегуваше во крајно
ситни детаљи, објаснувајќи ја не само техниката, туку и идејата и принципот што
таа го содржи. Токму таквото високо ниво на објаснување, но и динамичноста на
самите техники, на моменти доведуваше до замор кај учениците. Сепак, ниту големата концентрација која беше потребна за следење на лекциите, ниту менталниот напор, не можеше да ја сокрие воодушевеноста од семинарот.

Се вежбаа разни положби
на телото (камае), начини на 21112010191752Koto67.jpgсечење (кири ваза), движење (таи сабаки и таихен),
но и петнаесет кати кои помогнаа во уште подобро разбирање на самиот начин на
мечување.

Сончевиот и мирен
ноемвриски ден, не можеше поубаво да заврши со мала церемонија на која што беше
прославен роденденот на нашата ученичка Искра Б., на која инструкторот
Довезенски и подари калиграфија поради нејзиниот борбен дух и желбата за
споделување на радосниот ден со останатите членови на Буџинкан Македонија.   

Нова веб-страница за Даито рју Аикибудо

Posted on Categories Почетна

Со голема радост сакам да Ве известам дека од денес имаме уште една веб-страница посветена на класичните јапонски боречки вештини: Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда ден).

http://daito.koryu.mk/index.php

Му благодарам на мојот ученик Дарко Божиновски за одлично завршената работа во врска со дизајнот и изработката на страницата. Сите пофалби упатувајте ги кон него.

Со долгогодишна и макотрпна работа, прераснавме во институција која ги негува класичните јапонски боречки вештини на највисоко ниво.

Пат кон Сонцето нема да застане тука. Нашата посветеност ќе доведе до нови успеси во иднина.

Fugenjikko! Акцијата е посилна од зборовите!