Првото корју доџо во Македонија пуштено во употреба

Posted on Categories Почетна

27082012155023dojo.jpgДраги ученици,
роднини и пријатели,

дозволете ми да ја злоупотребам веб-страницата на нашата организација и директно
да Ви се обратам со една убава вест.

Сонот е остварен.

Го изградивме првото традиционално јапонско доџо во
Македонија, но и на Балканот. Го изградивме сами, од темел, без ничија помош,
на наша земја и со наши средства. Го изградивме нашиот сон, посакуван години
наназад, да имаме наше доџо во кое тренинзите и семинарите ќе ги организираме
како што ние сакаме и кога ние ќе посакаме.

Не беше лесно. Заложив се што имам. Се задолжив за следните 20 години.
Но тоа не е повеќе важно. Лошите мигови, страдањето и жртвувањето се само начин
да се постигне целта. Сега, кога таа е остварена, останува да се гледа напред.
Во иднината.

Доџо-то е изградено во еколошки чиста средина, одалечено 60 километри од
Скопје. Употребени се материјали кои ги исполнуваат највисоките стандарди за
градба. Се состои од 100 м2 површина за вежбање во приземјето (со татами) и 100
м2 за престој на првиот кат.
Дворот околу доџо-то целосно е уреден, а околу него се наоѓат неколку помошни
терени за тренинг.

Во Хомбу Доџо-то на организацијата „Пат кон Сонцето“, ќе се одржуваат редовни
тренинзи секој викенд. Добредојдени се сите наши членови и пријатели.

Како што веќе знаете, организацијата „Пат кон Сонцето“ е основач на доџо-ата
Буџинкан Македонија (во 1995) и на Даито рју Македонија Корју Доџо (во 2010).

Деновиве ќе започне со работа уште една наша веб-страница со адреса www.koryu.mk. Сите заинтересирани таму ќе можат да ги следат новостите поврзани со
работата на Хомбу-то.

Клубовите во Скопје си продолжуваат со работа на истите локации и во истите
термини.

Доколку постои заинтересираност, Хомбу Доџо-то е 27082012155035vnatre.jpgподготвено да организира
специјални подготвителни тренинзи за спортисти и натпреварувачи кои сакаат да
ги подобрат своите психофизички способности за кратко време  (во тие денови ќе функционираме како тренинг
камп).

Првиот официјален тренинг во Хомбу-то ќе се одржи на 1 септември, 2012 година.

Добредојдовте во првото традиционално доџо за јапонски традиционални борачки
вештини. Добредојдовте во првото корју доџо во Македонија.

Секогаш напред. Гамбате!!!                                                                            

Со почит,

шидоши Игор
Довезенски

Забелешка: од
„удирањето“ на темелите, па до пуштањето во употреба, поминаа точно 13 месеци.