„Јас не се предавам“ – под ова мото се одржа овогодишната традиционална Работилница за самоодбрана за жени, организирана од Школото за класични јапонски борбени вештини Буџинкан Македонија.
Оваа година, настанот се одржа во Хомбу Доџо-то на Пат кон Сонцето, а учествуваа десетина девојки кои во текот на двата дена неуморно ги совладуваа техниките за самоодбрана во ситуација кога напаѓачот ќе ја собори жртвата на земја.
За време на Работилницата, инструкторот Игор Довезенски се обиде на најреален начин да ја доближи ситуацијата на напад, а воедно и да ги истакне најважните точки на дејствување за успешна одбрана. Тој посвети доволно време и на менталната подготовка која што е потребна при соочувањето со насилникот, а истовремено на учесничките им задаваше најразлични сценарија на напад кои што се случуваат при обид за силување и улично насилство.
Покрај исцрпувачкиот тренинг, слободното време беше искористено за дружење покрај каминот во доџо-то, како и за прошетки низ прекрасната природа во долината на планината Липац.
На крајот, девојките со тешко срце го прифатија фактот дека Работилницата заврши и дека до следната ќе мора да почекаат цела година.