Одржан семинарот: „Борба и одбрана од нож“

Posted on Categories Почетна
Под водство на водачот на Буџинкан Македонија, денес во скопското доџо беше одржан семинар за борба и одбрана од нож.
Шидоши Игор Довезенски, на кого ова му беше 419-ти семинар на кој подучува, како и секогаш несебично го сподели своето огромно знаење со своите ученици кои навистина уживаа во секој момент од настанот.

Веднаш после семинарот, шидоши хо Марко Опачиќ ги сподели импресиите на интерниот Форум на доџо-то, кои интегрално ви ги пренесуваме.

„Ова беше 30-тиот семинар за оваа година во ‘Пат кон Сонцето’ и морам да истакнам дека уште денес успеавме да го урнавме рекордот од минатата година кога реализиравме вкупно 29. Но дали знаете на каков начин го соборивме рекордот?
Сенсеи најпрвин ни објасни кои се најчестите напади, но и како да се одбраниме од истите. Ни предаде многу ситници поврзани со психологијата, а како што кажав техниките беа разработени до најситен детаљ. Истовремено тој побара од напаѓачите да удираат и да сечат брзо со повлекување на ножот и повторен напад, со цел да научиме правилно и течно да го движиме нашето тело. За време на семинарот, многу пати движењата на Сенсеи изгледаа како забрзана снимка од холивудски филм.


Иако динамиката беше жестока, сите беа расположени за тренинг и воопшто не згрешивме што овој есенски и дождлив ден не го поминавме лежејќи дома, туку во доџо. Некои од техниките беа навистина тешки и на многу високо ниво, а морам да напоменам за тие што не беа дека цели 4 часа вежбавме одбрана од нож при ситуации кога и ние сме вооружен со истото оружје. Ова беше уште еден одличен семинар и мора да кажам дека тие кои не присуствуваа – многу пропуштија“.

 

Интервју со Игор Довезенски посветено на Шиноби Таисо®

Posted on Categories Почетна

Најчитаниот интернет портал за бизнис во Македонија, bi.mk (БизнисИнфо), реализираше интервју со шидоши Игор Довезенски посветено на системот Шиноби Таисо.

Ви го пренесуваме во целост директно преку линкот —–>тука

Одржана деветата во ред „Работилница за Самоодбрана за Жени®“

Posted on Categories Почетна

Сезоната на интензивни семинари за 2017-та година во Хомбу Доџо-то на Буџинкан Македонија заврши и подобро отколку што се очекуваше. Девојките кои земаа учество на деветата по ред „Работилница за Самоодбрана за Жени“, јуначки ги издржаа сите десет саати динамичен тренинг кој беше наметнат од страна на инструкторот Игор Довезенски.


На Работилницата се пријавија вкупно девет припаднички на поубавиот пол и тоа од сите возрасти. Дел од нив се членови кои редовно вежбаат во нашето доџо, дел се поранешни, а некои од нив за прв пат се пријавуваат на еден ваков настан со цел да научат техники за самообрана кои денес се и повеќе од непоходни за да се заштитиме од насилниците кои се движат околу нас.

За време на првиот ден, дамите имаа можност да научат како да се одбранат од разбојник кој напаѓа со влечење за делови од телото или од облеката, како и техники на одбрана од удари и соборување на земја. Веќе следниот ден, реперотарот беше проширен со техники за ослободување од разни зафати и обиди за силување на земја или кога жртвата е присилно притисната на ѕид.

Секако, слободното време беше искористено за прошетка низ преубавата природа околу Хомбу, а сето тоа беше проследено со многу хумор предизвикан од вицовите кои се раскажуваа меѓу учесничките.

Иако напорни и исцрпувачки, сепак научените техники за време на Работилницата, како и советите и искуството стекнати за време на двата дена, засекогаш ќе останат во спомените на сите девојки и жени кои не почестија со своето присуство за време на овој традиционален настан.

Сега започнува таканаречениот зимски период во кој Хомбу Доџо-то ќе мирува се до почетокот на март, кога повторно ќе ги отвори вратите за активностите на најдинамичниот клуб за традиционални јапонски боречки вештини во Европа, а можеби и пошироко.

Нинпо Иккан.

Нинџа Клинци-те на Буџинкан Македонија по петти пат го окупираа Хомбу Доџо-то

Posted on Categories Почетна

Уште една успешна окупација на Нинџа Клинците врз Хомбу Доџо-то на Буџинкан Македонија.

Есенската инвазија донесе 20 дечиња жедни за нови знаења и подготвени да навлезат во тајните на бестрашните нинџа воини.

Самоодбрана од напад преку употребата на класичните јапонски боречки вештини, но и предавање за историјата на Јапонија преку слики и снимки – ова беше само мал дел од сето тоа што децата го изучуваа во текот на дождливиот, но убав есенски ден.

После овој детски семинар, тие си заминаа со многу нови спомени и научени животни лекции.

До следната Хомбу авантура на пролет – Нинпо Иккан!

Успешно помината маршрутата на „Патот на Шугенџа IX“

Posted on Categories Почетна

Сите деветмина Воини на Буџинкан Македонија, кои во неделата рано наутро тргнаа на легендарниот подвиг, познат под името „Патот на Шугенџа“, вечерта пристигнаа на целта поминувајќи во текот на денот 52 километри за единаесет ипол саати.

Првиот дел од маршутата се движеше по текот на рекичката Живуша, се до еден момент кога шидоши Игор Довезенски не ја измени со тоа што нареди да се скршне по стрмните карпести вулкански ридови кои се протегаат меѓу селата Стрезовце и западниот на Бељаковце. По средбата со дивиот елен кој уште повеќе ја засили љубопитноста за теренот, учесниците на подвигот навлегоа во атарот на селото Руѓинце, од каде што се спуштија во селото Сув Орах, по што почна искачувањето кон планината Козјак и крајната цел – Мокро Езеро.
Пред самиот финиш, беше направена и единствената мала пауза за ручек и за разгледување на Карпинскиот Манастир кој со својата неверојатна убавина ги освои срцата на Воините.
Средбата со Мокро Езеро исто така беше волшебна, а особено кога стадото од речиси 200 слободно пуштени крави се спушти од блиската шума за да се напои со вода.
Враќањето се одвиваше во спротивен лак од првичната рута, односно овој пат групата се движеше полукружно од запад кон исток, при тоа навлегувајќи во селото Облавце, од каде што преку западниот дел на Стрезовце се скршна кон исток и во паралелна линија со ридот Орљак се навлезе во Бељаковце. При самото спуштање кон северната страна на Орљак, кај неколкумина членови се појави и првата и единствена криза, која вклучуваше болки во задниот дел на коленото, меѓутоа истата набргу ја снема како што се ближеше целта.


На пет километри пред Хомбу, инструкторот Довезенски нареди да се направат традиционалните 20 склекови со полна „борбена опрема“, со цел да се демонстрира силината на духот на Воините на Буџинкан Македонија.

По пристигнувањето во Хомбу односно на почетната точка, само кај неколкумина учесници се јави мало покачување на телесната температура проследено со блага треска, што е вообичаен одговор на имунолошкиот систем кога телото е изложено на екстремни напори.

До следното патешествие!

Одржан интензивен семинар за третото ниво на Шиноби Таисо (Ки Ундо)

Posted on Categories Почетна

Семинарот што викендов се одржа под водство на шидоши Игор Довезенски, на многумина кои не се длабоко навлезени во јапонските борбени традиции, би им изгледал чуден односно нереален.

Меѓутоа, членовите на Буџинкан Македонија многу добро знаат колкава голема поврзаност постои меѓу човекот и меѓу Природата односно Универзумот, па така со задоволство се одзваа и на овој необичен настан.

За време на семинарот, Довезенски одржа серија предавања за првите три модули од системот Шиноби Таисо, при што учесниците имаа можност да научат неколку техники на дишење (кокју хо), потоа пет основни техники на медитација (мокусо), како и совети за правилниот и здрав начин на исхрана (еијо).

Сега ќе следува една поголема неколкумесечна пауза, за кое време, членовите кои на некој начин се специјализираат за овој систем, ќе треба да ги применат и совладат научените техники, а на пролет ќе имаат можност да ги научат и останатите три модули на Ки Ундо.

Одржан уште еден интензивен семинар за првото ниво на Шиноби Таисо (Џунан Таисо)

Posted on Categories Почетна

Новиот циклус семинари посветени на Шиноби Таисо започна токму викендов што измина, а уште двајца членови на Буџинкан Македонија си дадоа задача да го совладат овој систем.

За време на настанот, шидоши Игор Довезенски ги подучуваше учесниците како да ги препознат симптомите настани од мускулна нерамнотежа на телото, а потоа и како да ги остранат истите.

Предавањата беа многу детални, а при тоа се користеа и анатомски атласи со цел подобро да се долови работата на човечкото тело, но и последиците кои настануваат благодарение на неправилниот животен стил односно професијата која секојдневно ја извршуваме.

Веќе за три недели закажан е уште еден Шиноби Таисо семинар на кој ќе се изучуваат првите три модули од третото ниво Ки Ундо.

Уписи во Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

Дваесет и втора година по ред, Организацијата за изучување самурајски и нинџа вештини „Пат кон Сонцето“ ги отвора вратите на доџо-то за новите кандидати кои имаат желба да навлезат во светот на традиционалните јапонски боречки традиции.


Нашата организација е единствената институција во Република Македонија каде што на едно место можете да вежбате буџутсу и нинџутсу, на начин како што векови наназад се вежбале во Земјата на Изгрејсонцето.

Во состав на „Пат кон Сонцето“ се наоѓаат доџо-ата за нинџутсу „Буџинкан Македонија”, потоа „Корју Доџо“ во кое се изучува Даито рју Аикиџуџутсу, како и „Катори Македонија“ во кое што можете да ја вежбате најстарата документирана јапонска боречка вештина – Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу.

Иако „Буџинкан Македонија“ врши уписи во текот на целата година, сепак месецот септември е најповолен момент за да отворите една нова страница од Вашата животна историја.

Ве известуваме дека првиот час за почетниците ќе се одржи на 2-ри септември, а воедно Ве покануваме во текот на месецот да не посетите и да извежбате еден бесплатен односно пробен час, колку да ја почуствувате атмосферата која владее во нашето доџо.

За тие што се уште не се запознаени со нашата работа, Буџинкан Македонија е основана на 02 јули, 1995 година и засега е единствениот клуб во нашата држава признаен од страна на поглаварот на Буџинкан, соке Масааки Хатсуми.

Важиме за еден од најдинамичните клубови во Европа со многубројно и активно членство и со најмногу активности организирани во текот на целата година. Во рамките на доџо-то постојат повеќе секции за возрасни (од 13 до 113 години), но и за деца (од 5 до 12 години).

Повеќе информации за нас можете да добиете на следниот линк: Организација

За инструкторот на Буџинкан Македонија: Игор Довезенски

За термините и за локацијата Каде и кога

Ве молиме доколку имате прашања, не двоумете се да не контактирате преку daito_macedonia@yahoo.com или на 075 564 011.

Одржан „Летниот Нинџа Камп IX“

Posted on Categories Почетна

По девети пат шидоши Игор Довезенски успешно го организираше и го одржа најголемиот и најпознатиот годишен настан познат под името „Летен Нинџа Камп“. И повторно, како и секоја година, тоа се случи со помош на членовите на Буџинкан Македонија кои со години несебично ја даваат својата подршка и доверба на водачот на „Пат кон Сонцето“.
Поврзаноста, лојалноста, семејниот дух меѓу Воините од доџото целосно се отсликува токму за време на летниот камп.

Оваа година за време на настанот се изучуваа јапонските вештини Такаги Јошин рју Џутаиџутсу и Тогакуре рју Нинџа Бикенџутсу. Покрај нив, како и секогаш се обработуваа и други теми, а се со цел да се пренесе колку што е можно повеќе знаење од ризниците на учителот – на учениците.

Навистина не постојат зборови што можат да ја опишат атмосферата која владее за време на летниот нинџа камп, така што секој обид би бил неуспешен.

Тоа што со сигурност можеме да го кажеме е дека настанот полека, но сигурно, станува ЛЕГЕНДАРЕН и дека идните генерации со денови ќе можат да раскажуваат додека ги гледат снимките и фотографиите од самиот камп.

Како и секоја година, така и оваа, на последниот ден од настанот шидоши Игор Довезенски ја обзнани темата за следната година, а за 2018-та таа е: Даито рју Аикиџуџутсу и Кукишинден рју Нагината.

Доколку досега не сте го почуствувале воинскиот дух во себе односно никогаш не сте учествувале на некои од нашите летни кампови, во Вашиот календар маркирајте го датумот од 4-12 август и бидете дел од овој величенствен момент.

Одржан првиот „Детски Нинџа Камп“ во Македонија

Posted on Categories Почетна

Во организација на Буџинкан Македонија, оваа година за прв пат беше одржан “Детскиот Нинџа Камп“, кој предизвика многу позитивни реакции како кај најмладите членови на нашето доџо, така и кај нивните родители.

Иако Буџинкан Македонија има големо искуство во организирање на вакви настани, сепак досега не биле организирани кампови за најмладите воинчиња од секцијата „Нинџа Клинци“.

Кампот се одржа од 27 јули до 03 август, во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“ и на него учествуваа 16 дечиња на возраст меѓу 5 и 12 години. Тие ги изучуваа основите на јапонските боречки вештини Кото рју Копоџутсу и Кукишинден рју Ханбоџутсу, но секако, тука беа и незибежните ноќни нинџа игри, како и предавањата на најразлични теми, а се со цел најмладите да стекнат знаења, вештини и самодоверба потребни за понатамошниот живот и иднината која ги чека.

Да споменеме и уште тренинзите за време на кампот беа водени од страна на шидоши Игор Довезенски, семпаи Таки Гаковски и кохаи Тамара Ѓоргиевска.

Следната година очекуваме уште поголем одзив, а од наша страна ветуваме уште подобра организација на настанот.