За време на велигденските празници, инструкторите Игор Довезенски и Пино Дуранте одржаа одличен семинар во Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија.
На настанот присуствуваа дваесетина членови на организацијата „Пат кон Сонцето“ кои беа презадоволни од семинарот и неверојатната атмосфера која владееше за време на истиот.
Тема на семинарот беше самурајската школа Такаги Јошин рју Џутаиџутсу, при што Довезенски ги предаваше катите од првото ниво (шоден омоте и ура гата), додека Дуранте ги пренесуваше хенките (варијантите) според принципот Муто Дори кои се вежбаат во Хомбу Доџото на Буџинкан Доџо.
Инаку даи-шиханот Пино Дуранте е роден и живее во Германија, каде што во градот Лимбург има свое доџо. Во 2008 година тој за прв пат ја посети Македонија како учесник на семинарот со даи-шиханот Штефен Фролих, организиран од страна на Игор Довезенски. Оттогаш, па се до денес, германскиот и македонскиот инструктор го негуваат своето пријателство, вежбајќи и дружејќи се на семинарите ширум Европа, како и во Хомбу Доџото на соке Масааки Хатсуми.
Воодушевен од квалитетот на тренингот во Буџинкан Македонија, но и од убавините на нашата земја, на нашиот народ и на се останато врзано за нашата држава, инструкторот Пино Дуранте сигурно ќе го гледаме доста почесто.
На крајот од семинарот, даи-шиханот Пино Дуранте го покани учителот Игор Довезенски да одржи семинар во неговото доџо во Лимбург.
п.с. Изјавите на Пино Дуранте дадени за време на семинарот можете да ги прочитате на нашиот блог (клик на линкот).