Уписи во Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

Дваесет и четврта година по ред, Организацијата за изучување самурајски и нинџа вештини „Пат кон Сонцето“ ги отвора вратите на доџо-то за новите кандидати кои имаат желба да навлезат во светот на традиционалните јапонски боречки традиции.

Нашата организација е единствената институција во Република Македонија каде што на едно место можете да вежбате Буџутсу и Нинџутсу, на начин како што векови наназад се вежбале во Земјата на Изгрејсонцето.
Во состав на „Пат кон Сонцето“ се наоѓаат доџо-ата за нинџутсу „Буџинкан Македонија”, потоа „Корју Доџо“ во кое се изучува Даито рју Аикиџуџутсу, како и „Катори Македонија“ во кое што можете да ја вежбате најстарата документирана јапонска боречка вештина – Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу.

Иако „Буџинкан Македонија“ врши уписи во текот на целата година, сепак месецот септември е најповолен момент за да отворите една нова страница од Вашата животна историја.

Ве известуваме дека првиот час за почетниците ќе се одржи на 3-ти септември, а воедно Ве покануваме во текот на месецот да не посетите и да извежбате еден бесплатен односно пробен час, колку да ја почуствувате атмосферата што владее во нашето доџо.

За тие што се уште не се запознаени со нашата работа, Буџинкан Македонија е основана на 02 јули, 1995 година и засега е единствениот клуб во нашата држава признаен од страна на поглаварот на Буџинкан, соке Масааки Хатсуми.

Важиме за еден од најдинамичните клубови во Европа со многубројно и активно членство и со најмногу активности организирани во текот на целата година. Во рамките на доџо-то постојат повеќе секции за возрасни (од 13 до 113 години), но и за деца (од 5 до 12 години).

Повеќе информации за нас можете да добиете на следниот линк: www.koryu.mk

Ве молиме доколку имате прашања, не двоумете се да не контактирате преку daito_macedonia@yahoo.com или на 072 307 442

Заврши единаесетото издание на „Летниот Нинџа Камп“

Posted on Categories Почетна

Осумнаесет учесници го одбележаа единаесетото издание на „Летниот Нинџа Камп“, што се одржа како и секоја година во Хомбу Доџо-то на Организацијата за изучување на класични јапонски боречки вештини – Пат кон Сонцето.

Тема на овогодинешниот настан беа школите Гјокко рју Кошиџутсу, како и техниките со оружје (Кусари Фундо и Кјокетсу Шоге) од  школата Тогакуре рју Нинџутсу.

Легендарниот настан уште еднаш го оправда својот епитет дека важи за еден од најдинамичните и најжестоките семинари кои се организираат во Буџинкан Македонија, а истовремено ги зближува и поврзува сите членови на доџото.

На последниот ден од кампот, учителот Игор Довезенски ги обзнани темите за 2020 година – Такаги Јошин рју Џутаиџутсу (Окуден Гата) и Кукишинден рју Хаппо Бикенџутсу (Рокушаку Бо).

Летен Нинџа Камп. Легендарен настан кој останува врежан во секое Воинско срце!

Одржан третиот летен „Детски Нинџа Камп“

Posted on Categories Почетна

Третиот летен „Детски Нинџа Камп“ донесе нови авантури и уште повеќе го зголеми знаењето кај нашите најмлади вежбачи.

За време на седумдневниот велелепен настан, Нинџа Клинците на Буџинкан Македонија имаа можност да ја вежбаат школата Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу, како и техниките со средновековното јапонско оружје – Кусари Фундо.

Убавата атмосфера и одличниот тренинг беа надополнети со прекрасните дружења, екскурзии, како и неверојатната караоке забава која традиционално се одржува за време на последната вечер од настанот.

Се гледаме следната година на четвртото издание на кампот.

Одржан „Живот во Дивината VI“

Posted on Categories Почетна

Викендов што измина се одржа предпоследниот семинар од серијата „Живот во Дивината“. Овој настан, заедно со „10.000 П.Н.Е.“ и „Начини на Зимско Преживување“ се единствените во моментов кои се специјализирани и посветени на сите членови на Буџинкан Македонија кои сакаат подлабоко да навлезат во тајните на Нинџутсу односно кажано попрецизно – на техниките на преживување во природа.


По шесте претходни „Живот во Дивината“ семинари, каде што учесниците ги совладуваа техниките за преживување на планини пониски или повисоки од 1000 метри, како и на организирано живеење покрај река, во шума и во пустински услови, шестото издание не донесе во дивиот предел на Преспанското Езеро поточно на самиот брег на селото Коњско.

Ги објавуваме импресиите на двајца од учесниците на овогодишниот настан.

„Преубав беше секој момент од семинарот. Од пристигнувањето на местото, па се до заминувањето. Само што стигнавме на брегот на езерото, веднаш се зафативме со подготовка на засолништето и на храната. Секој со своја задача, а сите за иста цел. Некои собираа суви гранки за оган, други го месеа тестото без квасец, трети ловеа жаби и риби. Добивме премногу лекции за тоа како можеме да ја искористиме природата за да организираме живот покрај езерото. Заедно со нас, постојано работеа и дечињата на Сенсеи: Косара, Ксенија и Петарче. Чуваа и стража и ниту еднаш не се пожалија. Иако се се уште деца, сепак и во нив гледам мали Воини.
Овој пат бидејќи бевме помала група, стража чуваше и Сенсеи. За мене беше голема чест Сенсеи да ме чува додека спијам. Кога легнав во вреќата, не можев да престанам да гледам кон ѕвездите. Тоа за мене беше поглед како од хотел од милион долари. Мислев дека на дофат ми беа сите тие небесни тела. Целиот универзум како да беше пред мене. Се беше магично“ – семпаи Михаил Дракалски.

„Многу пати сум пишувал за семинарите во кои се изучуваат техниките за преживување во природа и сум бил на многу од нив, но за време на последниов почуствував како да добив еден вид на лично просветлување. Не дека за мене имаше многу нови работи, туку едноставно овој пат како целосно да ги разбрав и со умот и со срцето. Сенсеи неколку пати го повтори правилото на ‘Петте Прсти’ кое го има кажувано и порано. Тие пет правила ни се потребни за да преживееме во било какви услови во природата. Но што правиме кога ќе се вратиме назад во цивилизацијата? Тука, сите овие пет основни работи за преживување се ‘загадени’. Сите овие пет основни работи кои се потребни за живот – ние бесповратно ги уништуваме“ – семпаи Владимир Антовски

На крајот, уште сега би сакале да го најавиме последниот „Живот во Дивината“ што ќе се одржи во 2020 година во полустепите на Овче Поле.

Буџинкан Македонија доби нов САНДАН (3 ДАН)

Posted on Categories Почетна

Шидоши хо Марко Опачиќ – еден од најверните и најпосветените ученици на учителот Игор Довезенски, успешно го положи тестот за 3 ДАН, со што Буџинкан Македонија стана побогата за уште еден мајстор со високо звање.

После 13 години вежбање во доџото, над 150 домашни и интернационални семинари, од кои 56 интензивни во Хомбу Доџо-то, Марко Опачиќ стана нов и засега единствен член со мајсторски степен САНДАН.

Му честитаме на успехот и се надеваме дека неговиот пример ќе биде патоказ на следните генерации за тоа како се сака и почитува доџото кое ти го покажало вистинскиот Пат.

Одржан третиот по ред „10.000 П.Н.Е.“

Posted on Categories Почетна

На една од планинските падини на Плачковица, во срцето на Козјачката клисура која е пресечена со истоимената река, викендов се одржа третиот по ред „10.000 П.Н.Е.“.
На сосема непознат терен, Воините на Буџинкан Македонија ги изучуваа техниките на преживување со минимална опрема, имитирајќи го животот кој се одвивал на нашите простори 10.000 години пред нашата ера.

По завршувањето на семинарот, дел од учесниците ги споделија своите импресии:

„Не знам точно колку семинари во природа до сега се одржале во Буџинкан Македонија, меѓутоа знам дека бројката е многу голема. Среќен сум што сум учествувал на доста од нив и можам да кажам дека секој семинар си имал своја посебна убавина. Семинарите не ги прават локациите кои ги посетуваме, дури и покрај тоа што тие се прекрасни, живописни и волшебни. Семинарите ги прават членовите на Буџинкан Македонија, заедно со нашиот Сенсеи. Знам дека ако ги посетам истите локации со мои другари, познаници или тотално непознати луѓе, нема да го доживеам тоа што го чувствувам додека сум со луѓето од нашето доџо.
Сенсеи има кажано дека Буџинкан Македонија секогаш привлекува малку ’чудни луѓе’ кои во ’нормална’ средина се разликуваат од останатите. Токму тоа ’чудното’ во нас ја прави магијата кога сме заедно. На семинарите во природа учиме и од самата природа која знае да биде толку прекрасна, а истовремено и бескрајно сурова и безмилосна. Токму тука се соочуваме со тие две страни, а што ќе победи на крајот, зависи само од нас“ – семпаи Владимир Антовски

„Буџинкан Македонија е голема книга со воински сказни, каде секоја страница се разликува од претходните.
Првата година бевме на незаборавниот Цоцев Камен, потоа престојувавме под водопадот Длабочица, а сега во кањонот на Козјачка река.
Патувавме по мозаикот од камења на бистрата река. Како што се качувавме погоре, звукот на слаповите беше толку гласен што речиси не се слушавме меѓусебе. Откако го одбравме местото за престој и го подготвивме леглото, Сенсеи ни подели задачи на секого, па така за кратко обезбедивме храна. Имавме добар улов од риба, по некоја жаба, диви кајсии, јајца од мравки.
Во делови од реката, природата исклесала кади како ’џакузи’ во кои кога ќе седнеш, во главата те удира водата која паѓа од карпите.
Се сеќавам кога пред некоја година Сенсеи го најави првиот ваков семинар, го прашав што ќе се изучува, а тој ми одговори ’ќе учиме за животот’. Пополека почнувам да разбирам тоа што Сенсеи тогаш го кажа.
Во неделата, утрото го дочекав на стража со Косара и Ксенија, кои веќе ги сметам за мои помали боречки сестрички. Сакам да го споменам и ритуалот Мисоги, кој Сенсеи ни го демонстрираше. Чувството беше неверојатно. За миг се почувствував празен, но за жал тоа траеше премногу кратко.
На крајот, сакам да ја пофалам Ксенија. Ова и беше прв дводневен семинар и за дете од 11 години се покажа фантастично. Постојано вредно работеше, не покажа слабост и го издржа целиот семинар. И секако, му се заблагодарувам на Саше за големото гостопримство во неговиот дом откако завршивме со семинарот. Како и секогаш, последната благодарност ја упатувам до Сенсеи, што несебично ни го споделува сето свое знаење и се грижи за нас водејќи не по вистинскиот Пат“ – семпаи Таки Гаковски

„Какво семинариште! Оваа година ’10.000 години би-си’ се одржа по трет пат и несомнено може да се каже дека и овој настан полека, но сигурно, се претвора во традиционален. Со секој изминат семинар, се чувствувам како емоциите и вредностите што сум ги стекнал, да се исклесуваат на мојата душа. Среќен сум што по трет пат ја доживеав оваа магична приказна. Благодарение на овој настан, успеав да проценам дали тоа што не научил Сенсеи добро сум го разбрал и дали сум станал подобра личност. Дефинитивно ваквите семинари во природа ќе ви дадат одговор на многу прашања, а ќе дознаете кои се вашите слабости и каде треба да се подобрите. Со огромна возбуда, уште сега едвај чекам догодина пак да го доживеам следниот ’10.000 П.Н.Е.

Истовремено сакам да кажам дека многу сум горд на моите соборци. Тоа се едни прекрасни души, пред се Воини, со неверојатни срца! Ви благодарам на сите што со својот придонес помогнавте да запишеме уште една неверојатна бајка која ќе биде дел од нашиот живот. Напишавме уште една неповторлива приказна, оставивме нов запис, на кој што ќе се потсетуваме до крајот на нашите животи. Настан кој ќе ни служи како референтна вредност за мерење на човечките вредности“ – кохаи Саше Гацев

Одржано полагањето за ученички степени

Posted on Categories Почетна

Јунскиот Шикен односно полагањето за ученички степени се одржа вчера во скопското доџо на Буџинкан Македонија.

Во свечена атмосфера каква што впрочем и доликува на еден ваков настан, следниве ученици се здобија со повисоко звање:

10 кју
– Марија Салтиров, Никола Атанасоски, Владо Мартиноски, Елеонора Симоновска, Љубомир Павловски

9 кју (обоен појас и мон – амблем)
– Благоја Неделковски

8 кју
– Ена Митковска

5 кју (нафуда каке)
– Константин Анастасијевиќ

4 кју
– Саше Гацев

3 кју
– Косара Довезенска, Давор Стојчевски, Никола Салтиров

Им честитаме на сите и им посакуваме уште поголем успех во иднината што им претстои.

Отсучи 大槌 - одржан семинарот за големиот самурајски воен чекан

Posted on Categories Почетна

Вчера во дворот на Хомбу Доџото на Организацијата за изучување на класични јапонски боречки вештини – Пат кон Сонцето, се одржа семинар посветен на борбените техники со голем самурајски воен чекан (Отсучи).

Инаку, ова необично и за жал помалку заборавено орудие се вежба во состав на јапонската класична школа Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу. Учителот Игор Довезенски смета дека членовите на доџото веќе ја имаат потребната подготовка и искуство за да започнат едно ново поглавје на проучување и изучување на техниките на големиот самурајски воен чекан.

Следната авантура за Воините на Буџинкан Македонија ќе се одржи за две недели, при што ќе се посети кањонот на штипска Брегалница, во склоп на семинарот 10.000 години П.Н.Е.

Интервју со Игор Довезенски за denesen.mk

Posted on Categories Почетна

„Првата половина од животот ја минав како земја и оган. Стабилен и незапирлив. Втората половина продолжувам како вода и ветер. Прилагодлив и неодреден“.

„Се надевам дека по заминувањето од овоземниот свет ќе го достигнам и Петтиот Елемент – ПРАЗНИНА.
Според филозофијата на Петте Елементи 五大 односно ГоДаи во јапонскиот будизам, петиот елемент Ку (Празнина) е тој што ги обединува сите претходни (Земја, Вода, Оган и Ветер). Преку него се заокружува природниот циклус на земјата“.

——————————————–

Ова е најавата за најновото интервју на водачот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски, дадено за denesen.mk, кое истовремено е архивирано и на нашиот blog.koryu.mk

Линкот до интервјуто на denesen.mk

Предавање во Центарот за култура „Асном“ во Гостивар

Posted on Categories Почетна

Една недела по одржаната демонстрација и предавање во Младинскиот Културен Центар во Скопје, учителот на Буџинкан  Македонија, Игор Довезенски, одржа уште една, овој пат во Центарот за култура „Асном“ во Гостивар.

Колку за потсетување, Довезенски беше ангажиран од страна на продуцентската куќа „Катавеј“ како технички консултант и предавач за потребите на промоцијата на данскиот долгометражен цртан филм – „Кариран Нинџа“.

На предавањето во Гостивар, беа присутни десетина дечиња кои заедно со своите родители внимателно го следеа предавањето за историјата, традицијата и специфичностите на класичните јапонски боречки вештини.

По завршувањето на настанот, Довезенски се заблагодари на своите ученици Марко Опачиќ, Владимир Антовски, Михаил Дракалски и Таки Гаковски за помошта што несебично ја пружаат при секој ангажман на доџото „Пат кон Сонцето“.