Одржана напредна Шиноби Таисо работилница за инструктори

Posted on Categories Почетна

Учителот Игор Довезенски денес одржа специјална работилница за Џунан Таисо наменета за лиценцираните инструктори од Шиноби Таисо групата.

За време на настанот, учесниците изучуваа техники со таканаречените „јога цигли“, при што за секоја положба мораа најдетално да се запознаат и со очекуваните резултати.

На крајот беше закажана и следната Работилница која што ќе се одржи во јануари, а на која ќе се изучуваат нови техники  со споменатите реквизити.

Одржан БуЈу Каи семинарот во Турција

Posted on Categories Почетна

На покана на Буџинкан Турција, учителот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски одржа семинар во Истанбул на кој предаваше заедно со неговиот пријател Ерџан Шарбат – инструктор и претставник на Буџинкан во оваа земја.

На прекрасно организираниот настан, Довезенски ја подучуваше школата Гјокко рју Кошиџутсу, додека неговиот колега од Истанбул предаваше борбени техники со танто, како и голорака одбрана од истите.

Полното Доџо и пофалните зборови на крајот на семинарот, како и поканата упатена кон Довезенски за повторно да предава во Турција, се само потврда повеќе за квалитетот кој Буџинкан Македонија одамна го поседува.

На крајот уште да споменеме дека со учителот Довезенски, допатуваа и неговите ученици Марко Опачиќ, Владимир Антовски, Михаил Дракалски, Таки Гаковски, Косара Довезенска и Ксенија Довезенска. Сите тие покажаа одлично знаење и честопати беа повикувани од страна на својот учител да помогнат при подучувањето на катите.

Инструкторот Довезенски одржа семинар во Бил - Швајцарија

Posted on Categories Почетна

Водачот на Организацијата „Пат кон Сонцето“, инструкторот Игор Довезенски, викендов што измина одржа семинар за класични јапонски боречки вештини во швајцарскиот град Бил.

На покана на својот сонародник Борис Лескаровски, инаку врвен карате мајстор кој долги години живее и работи во Швајцарија, Довезенски предаваше традиционални техники на Буџутсу, Аикиџуџутсу и Нинџутсу.

На настанот присуствуваа петнаесетина учесници од Швајцарија и Македонија, кои во текот на двата дена уживаа во катите кои учителот од Македонија несебично ги споделуваше.

Инаку, иако во Швајцарија егзистираат многу клубови за боречки спортови и вештини, сепак Кобудо-то е речиси непознато за повеќето жители на оваа европска земја.
Една од целите на мајсторот Лескаровски е токму неговиот карате клуб „Кашивакан“ да биде собиралиште каде што заинтересираните ќе можат два пати годишно да вежбаат со инструкторот Довезенски и да се запознаат со корените на јапонските боречки вештини. За таа цел, веќе за напролет е закажан следниот „Кобудо Гашуку“ семинар, кој сигурно ќе биде уште по посетен, со оглед на тоа што првиот повеќе имаше за цел да ги запознае членовите на Кашивакан Доџо-то со Корју вештините кои се претходница на модерното Будо.

Нинџа Клинци на ТВ24

Posted on Categories Почетна

Учителот на детската група на Буџинкан Македонија – Таки Гаковски, заедно со Ксенија Довезенска, Марко Поповиќ и Матеј Спировски од Нинџа Клинци, утрово беа гости на ТВ24.

За време на интервјуто, тие зборуваа за активностите на Доџо-то, но и за плановите и целите кои не очекуваат во иднина.

Како претставници на Буџинкан Доџо предводено од страна на соке Масааки Хатсуми, наша обврска е да објасниме на јавноста дека Нинџутсу е уметност која пропагира хармонично живеење и мир помеѓу луѓето во светот. Под влијание на ефтините филмови од Хонг Конг и Холивуд, некои луѓе се уште сметаат дека Нинџутсу е боречка вештина која се користела исклучиво само за борба.

Оно - семинар за самурајска борбена секира

Posted on Categories Почетна

Дворот на Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ во неделата беше вистинско бојно поле на кое наместо беспоштедна борба, членовите на Буџинкан Македонија за прв имаа можност да ги изучуваат техниките со самурајска борбена секира – Оно.

Според легендата, школото Шинден Фудо рју ДакенТаиџутсу ги користи следниве оружја: Јари (копје), Оно (воена секира), ОТсучи (голем чекан), Тачи (меч) и Нагината.

Од реакциите и жестината со која учесниците ги вежбаа покажаните техники, може да се заклучи дека навистина уживаа во катите кои учителот Довезенски несебично ги споделуваше со своите најблиски.

Следниот Оно семинар е закажан за пролет, 2020 година. Заокружете го датумот на време.

Отсучи - семинар за големиот самурајски чекан

Posted on Categories Почетна

Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ беше домаќин на уште еден неверојатен семинар посветен на големиот самурајски чекан – Отсучи.

Неделниот сончев ден беше како создаден за еден ваков настан. Топлото време невообичајно за овој период од годината го надополни уживањето за време на тренингот со нековенционалното самурајско орудие.

Учителот Игор Довезенски за време на семинарот ги предаваше положбите на борба со Отсучи, а потоа несебично ги сподели и борбените техники кои учесниците со најголемо задоволство ги воспримија.

 

Тоами - семинар за нинџа мрежа

Posted on Categories Почетна

Уште еден семинар за ракување со нинџа мрежа – Тоами, се одржа во саботата во дворот на Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“.

На настанот учество земаа шестмина членови на Буџинкан Македонија кои цели шест ипол саати ги вежбаа основните техники на фрлање на мрежата, како и борбените сценарија (Кати) со ова необично нинџа орудие.

Прекрасниот сончев ден беше како создаден за тренинг, а есента знае да биде посебно убава во дворот на Хомбу-то.

На крајот на семинарот, беше договорено следниот да се одржи на пролет и да биде дводневен, со цел уште подобро да се усовршат техниките со Тоами.

Патот на Шугенџа XI

Posted on Categories Почетна

Постојат многу причини поради кои ќе се памети единаесетото издание на „Патот на Шугенџа“. Според „скалата за тешкотија“, може да се каже дека после легендарниот марш Скопје-Хомбу и Хомбу-Кокино-Хомбу, ова беше трет на листата кога станува збор за напорот и случувањата по патот.

Инструкторот Игор Довезенски одлучи да ги сподели своите чувства во врска со овој епски семинар.

„Во 07.45 го напуштивме дворот на Хомбу Доџо-то и се упативме кон најдалечната точка од маршот – селото Кокошиње. Патот до Мургаш, а потоа и до врвот на Липац го изминавме рутински, без никаков замор. Ги искачивме и следните два рида на Манговица и се спуштивме во селото Пезово каде што имавме прекрасна средба со срна која излета како стрела од ниската дабова шума. По ова, со брз чекор поминавме и низ селото Кшање, од каде се упативме кон Кокошиње.

Веќе се наоѓавме на целосно непознат терен и движењето се одвиваше исклучиво според чувството за ориентација. Патот меѓу овие две села беше преку огромни ораници, без ниту една сенка, во време кога температурата беше највисока и сонцето најсилно печеше. Кај некои од моите ученици почна да се губи силата, а резервите со вода почнаа да исчезнуваат поради обилното потење предизвикано од напорот и топлината. И токму кога стигнавме во Кокошиње и кога требаше да ги надополниме резервите, дознавме дека единствената селска чешма речиси секнала поради сушата и негрижата на малиот број селани кои останале да живеат во овој суров предел.

Часовникот означи 14.00 часот, а нам ни преостануваше најдолгата и најтешката рута. Требаше да се поминат околу 20 километри до селото Коњух, преку ненаселен планински терен, исцртан со многу карпести долови, покриен со дабова шума и нискостеблести бодликави грмушки кои многу го успоруваат движењето. По десетина изминати километри, почнав да согледувам дека со успореното темпо поради теренот, тешко ќе успееме да стигнеме до патот во селото Коњух пред да не стемни. Му кажав на Саше Гацев дека попатната станица во селото Татомир ќе мора да ја скокнеме, од причина што тоа село се наоѓа на голема надморска височина, која што откако ќе ја искачиме, ќе треба повторно да се вратиме по истиот пат, при што ќе загубиме многу време. Во тие моменти помислив дека ако продолжиме, сепак можеби ќе имаме шанси да стигнеме пред ноќта да не зетекне во дивината. Со спуштивме во долот низ кој на моменти протекуваше мало поточе, кое од време на време се губеше низ песокливата површина. Се движевме брзо, меѓутоа неколкумина од моите ученици веќе почнаа да заостануваат. Колку и да се обидував да ги ’влечам’ со мојот брз чекор, сепак разликата меѓу мене и нив стануваше се поголема. Тука веќе знаев дека тешко ќе успееме да стигнеме до патот во селото Коњух и дека најверојатно ќе не стемни. Сепак, одлучив да дадам се од себе и да се обидам да ги донесам моите луѓе до целта на време.

18.30 часот. Според проценките до крајот на долот имаше уште околу 4 километри. Со темпото со кое ние се движевме по речните камења, ќе изминевме најмногу три до спуштањето на темнината. Тоа значеше дека ќе мора да залогориме на единственото место каде што има вода и каде што дивите животни ќе се спуштат во ноќта за да ја изгаснат својата жед. А веќе во главата почна да ми одзвонува звукот на волчјото виење кое доаѓаше од коријата додека се движевме меѓу селата Кокошиње и Татомир.
Донесов одлука да се искачиме на десната страна од долот, од страната на Шопско Рударе и по сртот на планината да се обидеме да најдеме некаков колски пат кој би можеле да го следиме и за време на ноќта. Тргнавме нагоре по стрмните ридови  и по непроодливата шума. Пред нас се појавија козји патеки направени од животни кои се движат по планината. Насекаде гледав измет од диви животни, скелети од тревопасци, трагови на земјата од диви свињи. Гледав и молчев, за да не ги исплашам моите ученици.

Наеднаш едно од патчињата пред нас почна да се шири, а теренот да се расчистува. И тоа токму кога сонцето почна да заоѓа. Видов капка надеж и помислив дека ако имаме среќа, можеби тоа мало патче ќе не однесе до некое поголемо. Почнав да трчам напред и дадов наредба сите да ме следат. Заморот за миг исчезна, а болката во нозете ја снема. Трчав и гласно ги бодрев луѓето зад мене да ме следат. На семпаи Таки и на семпаи Благица им кажав да бидат ’посредници’ меѓу мене и останатите и да се движат на растојание од околу 20 метри меѓу нас. Но и покрај се, далечината меѓу мене и останатите се зголемуваше. Луѓето беа преморени, жедни, истоштени. Ми остана последната тактика за да ги натерам побрзо да ме следат. Да ги налутам. Да им го повредам егото. Да предизвикам инает кај нив. Се свртев и силно викнав:

– Зошто не ги слушате моите наредби, мајмуни едни, како мислите да Ве извадам од оваа дивина?
Тогаш еден од моите верни ученици ја загуби контролата и почна неконтролирано да вика и да се буни. Семпаи Благица остро му возврати да внимава на однесувањето, меѓутоа за мене тоа беше знак дека борбата со времето е загубена и дека ќе мора да преспиеме во оваа непозната, сурова и негостољубива дивина. Не смеев да дозволам да се нарушат односите меѓу моите ученици кои истовремено ги сметам за дел од моето семејство.

Следуваше најтешкиот дел. Да ги убедам дека ноќта ќе ја минеме тука и дека според правилата за преживување, штом падне мрак, мораме задолжително да се залогориме.
Брзо го разгледав теренот и најдов едно тесно долче, добро затскриено и што е најважно целото со суви гранки на дофат. Набрзина направив огниште, а за тоа време учениците собраа од сувите дрва на куп. Местото беше идеално избрано, а најважно од се ми беше да биде безбедно и да не предизвикаме пожар во шумата, бидејќи поради долготрајната суша тревата беше како барут сува. Се распоредија стражите и се собравме близу до огнот. Не заспав речиси ниту еднаш. Ги слушав разговорите меѓу тие што стражареа за да го следам нивниот морал. Им прозборував кога ќе им клапнеа очите, ги будев кога запаѓаа во сон. Внимавав да не се изгаси огнот. Со своето тело ги затоплував тие на кои им беше ладно. Се раздени. Им го повторив тоа што им го кажав претходната ноќ:

– Семинарот се претвори во вистинско преживување. Ние го направивме тоа за кое се обучувавме сите овие години. Преживеавме. Без посебна опрема со нас. Без оружје за заштита. Преживеавме со малкуте работи кои ги имавме при нас.

Сонцето почна да се искачува, а и ние по планината со густа дабова шума. По некое време во далечината се појавија првите куќи во Шопско Рударе…

На крајот уште ќе напоменам дека на овој семинар учество земаа седуммина Воини на Буџинкан Македонија. Во текот на првиот ден изминавме вкупно 52 километри за 12 часа.  Кај двајца од учесниците се појавија здраствени проблеми проследени со мали халуцинации поради жедта. Нашето другарство односно нашата блискост повторно се покажа на дело.

За кратко време ќе се заборави болката во мускулите, ќе избледне чувството на неподносливата жед, ќе го снема студот во коските и спомените на борбата со големите песови (шарпланинци).
Засекогаш ќе остане во спомен другарството и пожртвуваноста што ја негуваме едни за други.
Болката е привремена. Славата е вечна. Токму како и почитта кон мајката природа. Нејзината сила секогаш ќе не потсетува колку е моќна, а колку сме ние мали“.

Еднодневен семинар за ШурикенЏутсу

Posted on Categories Почетна

Еднодневен семинар за ШурикенЏутсу се одржа во саботата во дворот на Хомбу Доџо-то на Буџинкан Македонија.

За време на настанот, учителот Игор Довезенски предаваше техники односно начини на ракување со девет различни типови на Шурикени.
Инструкторот особено внимание посвети на начините на држење на оружјето, а интересен момент беше и вежбањето на техниката на гаѓање од затскриена положба, која што учесниците многу добро ја совладаа.

Ембу на „Нинџа Клинци-те“ во Градскиот Парк во Скопје

Posted on Categories Почетна

Нинџа Клинци-те на Буџинкан Македонија повторно ги презентираа своите Нинџутсу вештини и по којзнае кој пат ги оставија без зборови сите присутни гости во скопскиот Градски Парк.

Демонстрацијата се одржа во саботата, во рамките на настанот „После Часови“, а во неа учествуваа осум членови на групата за дечиња од единственото Нинџутсу доџо во Македонија.

Како и секогаш, Ембу-то на Нинџа Клинци-те привлече најголемо внимание на настанот и ги собра најгласните аплаузи од публиката.

На крајот уште да му честитаме на инструкторот Таки Гаковски кој неуморно работи со најмладите членови на Буџинкан Македонија и дарежливо го споделува своето знаење со нив.