Разочарани од пандемиската 2020-та година и наметнатите нелогични мерки и забрани кои целосно го сменија текот на животот, не дозволивме и 2021-ва да помине без настани кои ќе помогнат да се продолжи со пишување на историјата на Буџинкан Македонија и на Пат кон Сонцето.
Па така, ако претходната година немавме доволно семинари кои би не мотивирале да направиме Извештај за нашата работа, во 2021 се погриживме храбро и одважно да го вратиме стариот сјај и да продолжиме по Патот, не обрнувајќи повеќе внимание на тешкотиите предизвикани од светската хаотична здравствена криза.
Почитувани членови на Буџинкан Македонија и почитувани пријатели, годинава зад нас успеавме да организираме 25 семинари. Од нив, четири беа одржани во скопското Доџо, пет во природа, додека 16 во нашето Хомбу Доџо во долината под Липац.
За истакнување се и неколку настани, од кои посебно се издвојува полагањето за мајсторско звање (шодан) на нашиот долгогодишен член Таки Гаковски, што се одржа во јуни во Хомбу-то на Буџинкан Македонија. Би сакале да го споменеме и доделувањето на бронзените медали „Генин“, на двајцата наши истакнати членови: Благица Божиновска и Михаил Дракалски.
Несомнено, тука заслужува да се спомене и издавањето на првата Буџинкан манга во светот, чии автори се учителот и водачот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски, заедно со неговиот верен ученик Таки Гаковски. Стрипот е испечатен на македонски и на англиски јазик и веќе се продадени над 100 парчиња во нашата земја, како и над 300 во државите низ сите меридијани на земјината топка.
Оваа година конечно го завршивме серијалот на семинари во природа познат под името „Живот во Дивината“ и го најавивме почетокот на новиот серијал што ќе започне од 2022 година, меѓутоа за тоа малку подоцна ќе информираме подетално.
И секако, овој Извештај ќе го завршиме со споменување на легендарните Летни Нинџа Кампови кои и оваа година успешно се организираа и одржаа во нашето Хомбу Доџо.
За крај, би сакале да Ви ја честитаме новата 2022-ра година и да Ви посакаме многу повеќе успех на Патот.
И не заборавајте: „Нинџите никогаш не се откажуваат“. Нинпо Иккан!!!