Смрзнатата вода во вировите кажуваше дека температурата во поголемиот дел од денот беше под нулата, меѓутоа блескавото сонце кое секогаш е дарежливо над македонската земја, направи да се чувствуваме како да е пролет.
Категорија: Почетна
Категорија news
Одржан деветиот Детски Нинџа Маратон
Деветиот Детски Нинџа Маратон беше одржан во неделата, во скопското Доџо на Буџинкан Македонија.
Овој настан, кој се одржува еднаш месечно во текот на зимските месеци, има за цел преку забава и дружење да ги доближи јапонските боречки вештини до најмладите членови од секцијата Нинџа Клинци.
Следниот Детски Нинџа Маратон, ќе се одржи во текот на месецот февруари. Се гледаме.
Извештај за 2021 година
Разочарани од пандемиската 2020-та година и наметнатите нелогични мерки и забрани кои целосно го сменија текот на животот, не дозволивме и 2021-ва да помине без настани кои ќе помогнат да се продолжи со пишување на историјата на Буџинкан Македонија и на Пат кон Сонцето.
Па така, ако претходната година немавме доволно семинари кои би не мотивирале да направиме Извештај за нашата работа, во 2021 се погриживме храбро и одважно да го вратиме стариот сјај и да продолжиме по Патот, не обрнувајќи повеќе внимание на тешкотиите предизвикани од светската хаотична здравствена криза.
Почитувани членови на Буџинкан Македонија и почитувани пријатели, годинава зад нас успеавме да организираме 25 семинари. Од нив, четири беа одржани во скопското Доџо, пет во природа, додека 16 во нашето Хомбу Доџо во долината под Липац.
За истакнување се и неколку настани, од кои посебно се издвојува полагањето за мајсторско звање (шодан) на нашиот долгогодишен член Таки Гаковски, што се одржа во јуни во Хомбу-то на Буџинкан Македонија. Би сакале да го споменеме и доделувањето на бронзените медали „Генин“, на двајцата наши истакнати членови: Благица Божиновска и Михаил Дракалски.
Несомнено, тука заслужува да се спомене и издавањето на првата Буџинкан манга во светот, чии автори се учителот и водачот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски, заедно со неговиот верен ученик Таки Гаковски. Стрипот е испечатен на македонски и на англиски јазик и веќе се продадени над 100 парчиња во нашата земја, како и над 300 во државите низ сите меридијани на земјината топка.
Оваа година конечно го завршивме серијалот на семинари во природа познат под името „Живот во Дивината“ и го најавивме почетокот на новиот серијал што ќе започне од 2022 година, меѓутоа за тоа малку подоцна ќе информираме подетално.
И секако, овој Извештај ќе го завршиме со споменување на легендарните Летни Нинџа Кампови кои и оваа година успешно се организираа и одржаа во нашето Хомбу Доџо.
За крај, би сакале да Ви ја честитаме новата 2022-ра година и да Ви посакаме многу повеќе успех на Патот.
И не заборавајте: „Нинџите никогаш не се откажуваат“. Нинпо Иккан!!!
Полагање за ученички степени
На еден ден пред почетокот на новата година, дечињата и почетниците на Буџинкан Македонија имаа можност да го проверат своето знаење и да земат учество на годишното полагање за повисоки ученички степени.
Од детската група „Нинџа Клинци“, со повисоко звање се стекнаа: Јана Ч., Антони П. и Михаил В. (10 кју), потоа Марио Н. и Петар К. (9 кју), Марко П. и Дарјан Б. (8 кју), како и Демиан Б. (7 кју).
Од почетничката возрасна група за десети кју положи Тодор Р., за девети Сара Г. и Јована Н., за осми кју Марина Ј., за седми Љубомир П., додека за шести кју положија Тања Р. и Марко П.
На сите ученици кои се стекнаа со повисоко звање им честитаме и им посакуваме уште посилно и похрабро да зачекорат по Патот.
Одржан семинар за Асајама Ичиден рју Таиџутсу
Учителот Игор Довезенски одржа семинар за Асајама Ичиден рју Таиџутсу на кој присуствуваа неколкумина семпаи од Буџинкан Македонија. Настанот се одржа во неделата, во скопското Доџо на Организацијата „Пат кон Сонцето“.
На семинарот учителот Довезенски подучуваше вкупно 18 кати за ослободување на зафати од раце и од тело, кои многу лесно се применливи и во реални ситуации.
Инаку, ова беше последен семинар за 2021 година, а од настаните следува уште годишното полагање за ученички (кју) звања што ќе се одржи во четврток.
Детски Нинџа Маратон VIII
Во саботата, во скопското Доџо на Буџинкан Македонија, се одржа осмото издание на семинарот насловен како Детски Нинџа Маратон.
Инаку, овој настан е наменет за најмладите членови на нашето Доџо, а програмата изобилува со многу тренинг, забава и со други едукативни содржини.
Следниот Детски Нинџа Маратон ќе се одржи на 9-ти јануари, 2022 година.
Кукишин рју Дакентаиџутсу
Во скопското доџо на Организацијата „Пат кон Сонцето“, во неделата се одржа семинар посветен на вештината Кукишин рју Дакентаиџутсу.
На настанот учествуваа неколку семпаи, како и еден кохаи од Буџинкан Македонија, кои цели четири саати неуморно ги вежбаа техниките на најтешката школа наследена од соке Масааки Хатсуми.
Пеколната атмосфера беше одлична мотивација за Воините на доџото да продолжат и понатаму да ги совладуваат вештините на Буџинкан Доџо.
Се гледаме на следниот семинар. Останете мотивирани, силни и храбри во овие тешки времиња!
Одржан Есенскиот Нинџа Семинар - Тогакуре рју Викенд
Дванаесет учесници два дена уживаа под зраците на есенското сонце изучувајќи техники од школата Тогакуре рју Нинџутсу во дворот на Хомбу Доџото на „Пат кон Сонцето“.
За време на настанот, присутните имаа можност да вежбаат со Тоами (нинџа мрежа), Оно (голема самурајска секира), Отсучи (голем воен чекан), Кагинава (јаже со куки), Нагината (сечиво закачено на долг стап), Кусари Фундо (ланец со тегови), Кусари Гама (ланец со срп), Кјокетсу Шоге (сор со јаже и обрач), Јари (копје), Боџутсу (борба со долг стап), Чигирики (стап со ланец и тег), како и Таиџутсу (борба со тело), Муто Дори (голорака одбрана од оружје), Кенџутсу (борба со јапонски меч), Кодачи (борба со краток јапонски меч), Кунаи (градинарски бодеж за копање), Тессен (лепеза) и Јавара (приврзок за самоодбрана).
Во саботата вечер, учителот Игор Довезенски одржа и предавање на тема „Што е тоа Нинџутсу?“, кое беше со воодушевување пречекано.
Ова беше последен семинар во Хомбу Доџото на „Пат кон Сонцето“ за оваа година, а новата сезона ќе започне во март, 2022-ра.
Дотогаш, членовите на Буџинкан Македонија продолжуваат со своите тренинзи во Скопје или во природа.
Одржан семинар за Нагината
Дворот на Хомбу во неделата што измина ечеше од извиците на Воините на Буџинкан Македонија. Настанот што ги привлече да дојдат и да уживаат во знаењето на учителот Игор Довезенски беше вештината на борење со нагината.
Инаку, ова средновековно оружје, кое се состои од сечиво прикачено на долг стап во минатото било едно од омилените самурајски оружја за војување на бојните полиња.
Членовите на Буџинкан Македонија редовно, барем два пати годишно, ги изучуваат и повторуваат техниките со Нагината кои се навистина атрактивни за око.
Покрај вежбањето, мора да се спомене и одличното дружење кое секогаш е дел од семинарите организирани во стожерот (Хомбу Доџо) на организацијата „Пат кон Сонцето“.
Иаиџутсу / Кенџутсу семинар во Хомбу
Во Хомбу Доџото на Организацијата „Пат кон Сонцето“, во саботата се одржа семинар за ракување со јапонски меч – катана.
Учесниците имаа можност да научат нови, но и да ги повторат старите Иаиџутсу (брзо извлекување и симултано сечење) техники.
Настанот започна со кратко претставување на школата која што беше тема на семинарот, а потоа се вежбаа сите сегменти од Деншото, како што се Камае, Чибуруи, Ното, Кири и Ката.
Учениците на Игор Довезенски како и секогаш вредно вежбаа, а нивната техника од семинар на семинар станува се подобра и подобра, што е само показател за нивната посветеност.