…Преживеавме…
За разлика од минатата година, кога имавме температура од околу 45
целзиусови, оваа година семинарот за преживување помина во постојана
борба со дождот и влагата.
Имено, првиот ден од семинарот, помина со постојани врнежи, кои за
кратко време не намокрија до гола кожа. Иако, релативно бргу успеавме
да пронајдеме засолниште односно една полуразрушена куќа, стара можеби
над 150 години, сепак, стрмниот пат дотаму, не успори доволно за да се
намокриме целосно. Употребувајќи го нашето знаење, за кратко време
запаливме оган кој малку ја засуши нашата облека, а на менито
обезбедивме сочни полжави, кои и покрај гадниот вкус, сепак ни
овозможија доволно количини протеини за првиот ден. Остатокот од
времето го поминавме во потрага по вода, која ја обезбедивме од еден
кладенец, и вежбање, кое на ваквите семинари секогаш ги усовршува веќе
научените техники. За вечера имавме зелени (незрели) круши, кои
овозможија колку-толку течност внесена во организмот. За спиење
успеавме да пронајдеме друга просторија, подобра од првата. Станува
збор на куќичка изградена на едно свето место, која служи како некој
вид засолниште на предметите кои се користат за време на славата.
Просторијата беше голема само 2х3 метри, но доволна за да ги поставиме
нашите вреќи за спиење на земја. Со менување на стражата, ноќта помина
релативно добро.
Вториот ден започна со утрински тренинг во 06.00 часот, а потоа
повторно сменивме локација. По еден силен марш, стигнавме во местото
Смкнено каде што минатата година беше поставен нашиот логор. По пат
најдовме неколку дрва со сливи, како и три компири кои ги поделивме на
седум души, колку што учествуваа на семинарот. До крајот на денот се
вежбаа разни техники на медитација, таиџутсу и кенџутсу, како и техники
со други оружја.
Се на се, иако семинарот за преживување беше полесен од тој од минатата година, сепак, си имаше свои потешкотии.
На крајот, сите учесници беа задоволни од самите себе, но и среќни што
научија многу нови техники на преживување, овојпат, во различни услови
од минатата година.
На 26/27 јули-традиционалниот семинар за преживување во природа
При
крај сме на уште еден летен семестар во Школото за борбени вештини Пат
кон Сонцето. А за крај, како и лани, ќе имаме можност да ја ставиме на
тест нашата вештина, упорност и издржливост.
Ве
молиме, пред да се пријавите за учество на традиционалниот семинар за
преживување, најпрвин внимателно да го прочитате текстот подолу.
Само за најупорните, најсилните, најхрабрите и најиздржливите…
Буџинкан Македонија и Пат кон Сонцето (хомбу доџо) ви најавуваат
летен нинџа семинар на тема:
Преживување во природа
Два дена во природа без да носиме со себе храна, вода, облека и хигиенски средства.
Два дена вежбање, медитација и голо преживување.
Место: Смкнено (26 км. до најблискиот град и болница)
Време: 26 и 27 јули, 2008 година
Цена: 1.200 денари (за двата дена)
Програма:
Сабота:
08.00-09.30 тренинг таиџутсу
09.30-14.00 распоредување обврски, лов, готвење и изградба на камп
14.00-14.30 ручек (зависи од уловот)
14.30-17.00 тренинг со оружја (лак и стрела, шурикени, фукија и др.)
17.00-19.30 средување на кампот, лов и готвење
19.30-20.00 вечера (зависи од уловот)
20.00-21.00 тренинг теориски дел
21.00-23.30 таиџутсу и ноќен тренинг
23.30-24.00 распоредување стража и подготовка за спиење
00.00 спиење
недела:
07.00 станување и распоредување обврски (лани станавме во 05.00)
07.30-08.00 доручек (зависи од уловот)
08.00-10.00 тренинг таиџутсу
10.00-10.30 медитација
10.30-14.30 средување на кампот, лов и готвење
14.30-15.00 ручек (зависи од уловот)
15.00-17.00 тренинг со оружја
17.00-18.30 собирање на кампот
18.30-19.30 средување впечатоци
19.30 поаѓање
Дозволена опрема во кампот: вреќа за спиење, шаторско крило, војничка
униформа (панталони и кошула), една маица, капа, еден пар гаќи
(широки), еден пар чорапи, јаже, нож, матарка и оружја за тренинг кои
можете и сакате да ги понесете.
Важно: забрането носење храна, вода и останати работи кои не се наведени погоре. Пред поаѓање, ќе има задолжителна проверка.
Најважно: семинарот е предвиден само за цврсти момци и девојки.
Условите за тренинг ќе бидат исклучително тешки, а дисциплината ќе биде
железна. Тие кои не се чуствуваат психофизички спремни за во пекол и
кои не се подготвени да го убијат сопственото его, ги молиме да не се
пријавуваат за семинарот. Дозволена количина на вода за пиење за двата
дена: 1.5 литри (доколку најдеме вода во природата). Имајте во предвид
дека температурата на воздухот лани беше над 45 целзиусови
(најверојатно и сега). Забрането седнување на задник за време на
семинарот (во текот на двата дена).
Е дури сега, можете да се пријавите.
Пријавување и плаќање до 24 јули кај секретарот на клубот.
За било какви дополнителни информации, не воздржувајте се да не контактирате преку нашиот е-меил.
Семинар Шинден Фудо Рју Џутаиџутсу
По повод 20 години вежбање нинџутсу (јули 1988 – јули 2008), главниот
буџинкан инструктор за Македонија, И. Довезенски, ќе одржи еднодневен
семинар на тема Шинден Фудо Рју Џутаиџутсу (Шоден Ката).
Семинарот ќе се одржи во Хомбу Доџо-то на Нинџутсу Сојузот Буџинкан
Македонија, а ќе биде отворен за сите наши членови. Покрај вежбањето на
техниките и катите од првото ниво на Шинден Фудо школата, учесниците ќе
можат да погледаат некои стари фотографии и снимки од времето кога И.
Довезенски на 14-годишна возраст почнал да ја вежба легендарната
јапонска вештина нинџутсу. Ќе биде прикажан и дел од семинарот со
Шиханот Моше Кастил од 1990 година, на кој учителот Довезенски
учествувал.
Време: недела (13.07.2008) од 11.00 до 15.00
Цена: бесплатно
* На фотографијата се И. Довезенски (десно) и В. Иванов (лево) за време на семинар во природа во 1996 год.
Уште еден успешен Суи Рен семинар
Силно сонце, свежа речна вода и многу убоди од коњски муви ги следеа учесниците на денешниот Суи Рен семинар.
Сепак, убавата природа и прекрасните нинџутсу техники во вода беа
повеќе од доволно за да се заборават сите тешкотии што не следеа во
текот на денот. После шест часа поминати во мокри кимона, речната вода
како да стана топла и пријатна. На семинарот се обработуваа техники на
криење и камуфлирање, движење и борење во вода, дишење со фукија под
површината и уште многу работи својствени за Суи Рен.
Главниот инструктор за Македонија, И. Довезенски, и оваа година ги
изненади своите ученици со можностите кои ги дозволува еден од петте
природни елементи. Сите учесници вредно ги впиваа и повторуваа
покажаните техники и со помодрени усни си докажуваа самите на себе до
каде се проширени нивните можности откако се запознале со легендарната
јапонска вештина нинџутсу.
Семинар во природа-Суи Рен (обука во вода)
На 6 јули, 2008 година, Буџинкан Македонија ќе го организира традиционалниот семинар во природа на тема Суи Рен (обука во вода).
Ова е одлична можност за сите наши членови да научат повеќе за оваа вештина која е една од 18 основни боречки вештини (Ninja Juhakkei), што секој нинџа морал да ги совлада за време на својата обука.
Тема: Суи Рен / средства за преминување преку вода, водата како оружје, алатки за дишење под вода, невидливост во водена средина, преживување преку обезбедување вода за пиење итн. (дел од техниките кои ќе се учат на семинарот)
Ден: 6 јули, 2008 (недела)
Место: Глушчево Ѓерме на Крива Река
Програма: 08.30 часот – поаѓање од Скопје
09.30 часот – пристигнување
10.00 -16.00 часот – теоретски и практичен дел
17.00 ручек
17.30 враќање назад
Цена: 1.200 денари (во цената е вклучено: семинарска такса, превоз и ручек)
Семинарот ќе се одржи без разлика на временските услови.
Одржан семинарот Нинпо Сеишин Каи Пакрац 2008
Семинарот помина во одлична атмосфера проследена со тренинг и дружење
меѓу членовите на неколку нинџутсу клубови од Југоисточна Европа.
Оваа година присуствуваа околу 70 учесници од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Унгарија и Македонија.
Како и секогаш, учителот Свенерик Богсатер покажа и докажа зошто е еден
од најдобрите нинџутсу мајстори во светот. Тој не само што подучува,
туку и инспирира и ги освежува идеите на своите следбеници.
Нашата екипа пристигна еден час пред започнувањето на семинарот,
преморена од 12 часовното возење од Скопје, што малку влијаеше врз
нашиот тренинг. Но за кратко време, љубовта кон вештината направи
заморот да се надмине и постепено почнавме да го засилуваме темпото.
Вечерта беше резервирана за дружење и концерт на ријечката рок група
Лет 3, што се одржа на отворено на ридот Омановац што се извисува над
Пакрац.
Вториот ден од семинарот помина во вежбање на техники и кати од деншото
на Тогакуре Рју, на голема радост на сите учесници. При тоа, шиханот
демонстрираше и подучуваше и техники со оружје, што предизвика посебен
интерес кај сите.
На паузата за ручек, инструкторот на Буџинкан Македонија, И. Довезенски
имаше средба со учителот Свенерик, на која што беше разговарано за
многу теми поврзани со нашата организација.
Покрај прекрасниот тренинг, семинарот беше искористен и за зацврстување
на пријателството меѓу балканските буџинкан клубови, што е многу важно
за успешно дејствување на Буџинкан Доџо во целина.
На крајот, големи пофалби за организаторот, нашиот верен пријател Марио
Тушек, а воедно, уште еднаш му честитаме за повисокиот ранг кој му беше
доделен лично од шиханот Свенерик Богсатер.
Нинпо Сеишин Каи Пакрац 2008
На покана од нашите пријатели од клубот Буџинкан Сешин Доџо Пакрац
(Република Хрватска) и инструкторот Марио Тушек, екипа од Нинџутсу
Сојузот Буџинкан Македонија ќе земе учество на семинарот со шиханот
Свенерик Богсатер.
Семинарот ќе се одржи викендов (28/29.06.2008) во убавото гратче
Пакрац, а ова е веќе четврт семинар со шиханот Свенерик Богсатер што се
организира во овој град (ние досега сме учествувале на сите).
Ги покануваме сите заинтересирани лица од Македонија, кои сакат да
присуствуваат на овој настан, да не контактираат преку нашиот е-маил.
Успешно одржан семинарот во природа Готон По
Топлото време и немилосрдното сонце не ги поколеба учесниците на
семинарот Готон По да го совладаат предвидениот материјал за оваа
интересна вештина.
Уште на самиот почеток, учителот на Буџинкан Македонија, И. Довезенски,
им наметна силно темпо на учесниците, така што на целта односно на
местото предвидено за тренинг, неколкумина од нив пристигнаа со мало
задоцнување. Покрај силниот марш зачинет со склекови, „мали и слатки“
проблеми предизвикуваше и дополнителната опрема спакувана во тешки
ранци кои секој мораше да ги носи на себе.
Тренигот се одвиваше беспрекорно, со два мали исклучоци, кога на двајца
ученици им се слоши поради жешкото сонце комбинирано со долго ползење
по високата и сува трева (и боцки). Сепак, по кратко време, тие
продолжија со тренингот.
Покрај многуте интересни моменти, би го издвоиле и оној, кога учителот
со поголема група ученици се искачија (без никаква планинарска опрема)
по стрмните Еленачки Карпи, при тоа, натоварени со целата „борбена
опрема“.
Се на се, многу интересни моменти и техники кои е тешко да се доловат и мораат да се доживеат.
п.с. Вечерва дополнување со колаж во „Семинари“ и во „Фото галерија“.
Готон По семинар во природа
Во недела, на 22 јуни, Нинџутсу Сојузот Буџинкан Македонија ќе одржи
семинар во природа на тема: Готон По (користење на петте природни
елементи).
Готон По е составен дел од легендарната вештина на Тогакуре Рју
Нинџутсу, Интон Џутсу, односно вештина на сокривање, избегнување и
камуфлирање. Според тоа, учесниците на семинарот ќе имат можност да
научат како да ги користат природните елементи: вода, дрво, оган, земја
и метал, со цел да можат да се сокријат, камуфлираат и да ја избегнат
опасноста која им се заканува.
Ден: 22 јуни (2008)
Место: „Млака“ (ако врне), „Еленачки Карпи“ (ако е суво)
Програма: 08.00 часот – поаѓање од Скопје
09.00 часот – пристигнување
10.00 -16.30 часот – теоретски и практичен дел
17.00 – враќање назад
Цена: 1.000 денари (во цената е вклучено: семинарска такса и превоз)
Успешно одржан семинарот Јуми Ја Џутсу
Уште една група од почетниците на Буџинкан Македонија се оспособи за ракување со лак и стрела.
Имено, на вчерашниот семинар на тема Јуми Ја Џутсу (вештина на лак и
стрела), учесниците имаа можност да научат се за изработката,
историјата и употребата на ова старо оружје.
Меѓудругото, се вежбаа техники на гаѓање од неколку различни камае
(положби), но и понапредни техники, како што се: гаѓање од засолниште,
брзо гаѓање од засолниште и гаѓање во трк.
Еден час пред завршувањето на семинарот, небото над Липац се отвори и
почна да врне многу силен дожд, кој ниту еднаш не ги подвоуми учениците
да прекинат со тренингот. Напротив, сите мокри до гола кожа,
продолживме со изведување на техниките, како ништо да не се случува.
По завршувањето на семинарот, учесниците имаа можност да уживаат во прекрасниот селски ручек.