Каков семинар, каков тренинг, каква атмосфера. Со еден збор одлично. Два дена, пет тренинзи, по два часа, вкупно 10 часа нурнување во чудесниот свет на Оно ха Итто рју Кенџутсу, во услови на наизменични промени на сонце и дожд, проследени со молњи и грмотевици.
За време на семинарот се работеа основните ставови, сечења, отварања на противничкиот став и блокови од оваа прекрасна школа за мечување.
Во саботата се одржаа три тренинзи, а останатото време го искористивме за средување на просторот за вежбање и спиење. Тоа беше една стара напуштена куќа од 18 век, целата зарасната во вегетација, која ни послужи како одлично скривалиште од дождот и грмотевиците што постојано се слушаа во текот на деноноќието. Вечерта, во прекрасна атмосфера, сите собрани околу огинот, се дружевме вртејќи (и јадејќи) колбаси и печурки на жар. Потоа, собрани како сардини и пикнати во вреќите за спиење, сите исполегнавме во единствената колку-толку здрава соба во куќата трудејќи се да ги избегнеме капките дожд што постојано паѓаа од таванот.
Во неделата првиот тренинг се одржа веднаш по изгрејсонце. За тоа време во жарот на огинот се препелкаа млади компирчиња што послужија како вкусен доручек.
По ова, се упативме на другата страна на планината вежбајќи при тоа Сеишин Теки Кјојо (прашајте ги учесниците за начинот). На една убава ливада, го одржавме последниот тренинг, по што повторно поработевме на нашето духовно усовршување преку куден (усна трансмисија).
На крајот, сите ученици кои учествуваа на семинарот го изразија своето огромно задоволство од истиот. Иако тренингот беше навистина напорен, сепак желбата да се проучува оваа стара јапонска школа за мечување, им помогна на учесниците да ги надминат сите потешкотии.
Оно ха Итто рју се одликува со чисти, брзи, моќни и едноставни движења и токму тоа ја прави да биде толку ефикасна. Иако во Школото за класични јапонски борбени вештини Буџинкан Македонија, првенствено се изучуваат деветте школи на Буџинкан Доџо, ние со задоволство одлучивме да ја изучуваме и оваа школа. Тоа се случи благодарение на учителот Антонино Черта, единствениот западен шихан на Даито рју Аикибудо, кој несебично прифати да го подучува инструкторот на Буџинкан Македонија, Игор Довезенски.
За следната година е договорен и семинар со сенсеи Черта во нашата земја, на кој ќе можеме уште подобро да го усовршуваме нашето знаење.