„Живот во Дивината“ - дводневен семинар во природа

Posted on Categories Почетна

После седум години непрекинато одржување на легендарниот семинар „Преживување во Природа“, инструкторот на Буџинкан Македонија, Игор Довезенски, го создава новиот проект наречен „Живот во Дивината“. 

Со овој нов семинар, водачот на Организацијата за изучување на јапонски класични борбени вештини – „Пат кон Сонцето“, не се труди да најде соодветна замена за претходниот, туку да отвори едно ново поглавје во историјата на доџо-то, кое се надева, дека како и претходното, ќе трае барем во следните седум години. 

Дводневниот семинар насловен како „Живот во
Дивината“, претставува настан на кој членовите на Организацијата ќе учат техники
на живеење во заедница во дивина односно далеку од цизилизацијата. Потенцираме „техники на живеење“, а не на преживување, бидејќи второво значи постојано
движење се до напуштање на состојбата на опасност.

„Живот во Дивината“ ќе се раководи според сценарио
на природна катастрофа или друга несреќа која бара повлекување на некое
непристапно место и организирање живот на подолго време за одредена група на
луѓе. Со совладувањето на тие вештини, членовите на доџо-то ќе бидат способни да
го згрижат своето семејство и да му обезбедат основни услови за живеење во
дивина во случај на опасност. 

За време на семинарот, дружењето на членовите ќе
им овозможи подобро запознавање и проширување на пријателството меѓу нив.

Бидете дел од новата историја која ќе почне да се пишува на 26/27 јули, 2014 година. Не пропуштајте ја можноста да ги научите техниките на живеење во природа, кои во случај на природна катастрофа или друга незгода ќе ви бидат и повеќе од потребни. 

На семинарот можат да учествуваат сите членови на доџо-то Буџинкан Македонија / Пат кон Сонцето, без разлика на нивното звање.

Потребна опрема: се што може да послужи за преживување во природа и што ќе го собере во вашиот ранец.

Ден: 26/27 јули (2014)

Место: во околината на Липац

Програма:

сабота 07.00 часот – тргнување од Скопје

недела 18.00 часот – враќање назад

Пријавување и информации преку инбокс, телефон или на Форум.

п.с. Престојувањето во природа носи одредени опасности. Сите учесници доаѓаат на сопствен ризик. Направете ги потребните лекарски испитување пред да се пријавите за учеството.

Одржано јунското полагање во Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

На вчерашното полагање за ученички степени што се одржа во доџо-то на Буџинкан Македонија во Скопје, вкупно 15 ученици успешно го поминаа тестот. 

За 10 кју положија Јован Г., Јане Н., Мартин П. и Филип Т., додека за девети: Кристијан А., Мартин Г., Софија Д. и Даниела Г. 
Учениците Таки Г. и Кристијан М. успешно го поминаа тестот за осми, а Ристо Ч. и Сања С. за седми кју.
За шести кју положи Михаил Д., а за пети Владимир А. 
Буџинкан Македонија доби и нов семпаи, а тоа е Тодор А. кој успешно го помина тестот за втори кју. 
На сите членови кои се здобија со повисок степен им честитаме на нивната упорност и им посакуваме уште поголеми успеси во иднина.

Излезе од печат првата книга во Македонија за класични јапонски боречки вештини

Posted on Categories Почетна

Во просториите на скопската винарија „Картал“, вчера се одржа промоција на првата книга во Македонија посветена на класичните јапонски боречки вештини. На настанот присуствуваа речиси сите сегашни, но и многу поранешни членови на Буџинкан Македонија односно на Организацијата за изучување на традиционални јапонски борбени школи – Пат кон Сонцето. 

Автор на книгата „Разговор со учениците“ е шидоши Игор Довезенски, кој досега се има потпишано на неколку книги и документарни филмови од областа на етнологијата, но ова е прв проект кој се однесува на старите јапонски борбени школи.

Промотор на „Разговор со учениците“ беше Александар Вучковски, долгогодишен член на Буџинкан Македонија и другар од детството на Довезенски, кој се наврати на почетоците на Пат кон Сонцето, но и даде кратко објаснување за содржината на книгата.

За време на настанот, атмосферата беше фантастична, а собата за дегустации на винаријата, претесна за да ги прими сите заинтересирани. Некои од учениците на шидоши Довезенски побараа од него да продолжи со пишување книги со слична тематика и во иднина. 


„Ова е прва книга посветена на класичните јапонски боречки вештини во Македонија. Во народната универзитетска библиотека Свети Климент Охридски досега имаше само категоризација за БУДО (модерни јапонски боречки вештини), но сега специјално за нас се направи нова подкатегоризација за БУЏУТСУ. Со ова, се испиша уште една страница во македонската историја и се отвори патот и за некои други автори. Пред повеќе од дваесет години, јас ги донесов класичните боречки вештини во Македонија, но сега сум пресреќен кога гледам дека многу од моите ученици се подготвени да ја продолжат традицијата понатаму и да ги пренесат на следните генерации“, истакна Довезенски на промоцијата.

По повод издавањето на книгата, многу пријатели на нашето доџо од земјите ширум светот упатија честитки до авторот, а некои од нив побараа истата да биде преведена и на англиски јазик.


Одржан семинарот „Шинкен гата Тора но Маки“

Posted on Categories Почетна

Интезивниот семинар „Шинкен гата Тора но Маки“ ја потврди кондициската и борбената готовност што членовите на Буџинкан Македонија ја поседуваат.

За време на викендот, учесниците изучуваа 12 кати од четвртото ниво познато како „јондан“. И покрај многубројните модрици и отоци по рацете и нозете, кои се секогаш придружен дел кога станува збор за школата Кукишинден рју и системот Тора но Маки, учениците ниту еден момент не се штедееа и не тактизираа за да ја намалат болката. Напротив, до последната ката, тие енергично напаѓаа и се бранеа користејќи ги техниките од оваа рју-ха. 


На крајот, беше договорено за неколку месеци да се организира уште еден Тора но маки семинар, овој пат посветен на нивото „годан“.  

Шинкен Гата Тора но Маки (јондан) - интензивен семинар во Хомбу

Posted on Categories Почетна

„Шинкен гата Тора но Маки има доста сличности со Кукишинден Рју. Таа борбена форма била создадена во доцниот Едо период од страна на Ичијанаги Казума. Тoj бил ученик на Кано Јошихиро, кој, пак, бил мајстор за школата Кукишин рју.
За основа на Шинкен гата Тора но Маки се земени техниките од Кукишин рју (Дакен)Таиџутсу, како и сознанијата кои Ичијанаги ги имал од школата Шинден Фудо рју Таиџутсу, која што исто така ја изучувал во одреден период од животот.
Борбениот систем се состои од кихон и пет нивоа наречени шодан, нидан, сандан, јондан и годан“.

На 10 и 11 мај, шидоши Игор Довезенски ќе го одржи четвртиот интензивен семинар за овој борбен систем. За време на настанот ќе се вежбаат катите од четвртото ниво – јондан.

На семинарот можат да учествуваат сите ученици на доџо-то Буџинкан Македонија, како и на Организацијата за изучување на традиционални јапонски борбени вештини – Пат кон Сонцето.

Тема: Шинкен гата Тора но Маки (јондан)

Ден: 10/11 мај, 2014

Место: Хомбу Доџо – Пат кон Сонцето

Опрема: кеико ги и оби (муданша) / кеико ги и хакама (јуданша)

Пријавување и информации на Форум, во доџо или на и-мејл.

Теншин Шоден Катори Шинто рју семинар во Македонија

Posted on Categories Почетна

На 26/27 април, 2014 година, во организација на Пат кон Сонцето, ќе се одржи меѓународен семинар за Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу. 

Повеќе информации за настанот, можете да прочитате на официјалната веб-страница на Организацијата:

Успешно одржан семинарот „Силата на Јари V“

Posted on Categories Почетна

Како и секоја, така и оваа година, семинарот „Силата на Јари“ предизвика големо внимание и привлече многу ученици на Буџинкан Македонија да земат учество на овој традиционален настан.  

Семинарот се одржа на веќе добро познатото место „Слепо Коло“. Енергијата што е присутна на оваа локација е неверојатна, а глетката на ридот Еленац и на планината Липац дава дополнителна сила за подинамичен тренинг. 
Настанот започна со изучување на основните положби на телото, по што се продолжи со вежбање на основните удари и прободувања со копје. По ова, следеше тренингот на кати-те, а на крајот учесниците се запознаа и со начините на формациска борба.
По завршувањето на семинарот, инструкторот Довезенски најави дека следната година сите што досега присуствувале на пет семинари за копје (јари), ќе добијат копија од неговото деншо, како награда за трудот и посветеноста кон школите на Буџинкан.  

Силата на Јари V

Posted on Categories Почетна

Петтиот по ред традиционален семинар за Соџутсу (борба со копје) ќе се одржи на 23 март, 2014 година. За време на овој настан, членовите на Буџинкан Македонија ги изучуваат и ги усовршуваат тајните на борба со Јари (копје). 

Секоја година, инструкторот Игор Довезенски предава нови аспекти од вештината, подучува нови техники, начини и стратегии за што поефикасно користењето на ова оружје.

„Школото Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу ги користи следниве оружја: Јари (копје), Оно (воена секира), О Тсучи (голем чекан), Тачи (меч) и Нагината. Легендата вели дека една вечер демон (Тенгу) му дошол на сон на основачот на вештината и го научил како да се бори со Јари. Овие техники и ден-денес се сметат за најголема тајна на школата.“

На семинарот можат да учествуваат сите заинтересирани ученици на доџо-то Буџинкан Македонија / Пат кон Сонцето.

Потребна опрема за вежбање: бокуто и јари

Тема: Силата на Јари

Ден: 23.03.2013 (недела)

Место: Слепо Коло

Програма:

08.00 часот – поаѓање од Скопје

09.00 часот – пристигнување

10.00 -16.00 часот – теоретски и практичен дел 

17.00 враќање назад

Пријавување и информации преку инбокс, телефон или на Форум.

Македонија доби нов Шидоши-хо

Posted on Categories Почетна

Во Хомбу Доџо-то на Организацијата за изучување на традиционални јапонски борбени вештини „Пат кон Сонцето“, денес се одржа полагање за шодан (прв дан). По успешната презентација на своето знаење, нашиот долгогодишен член Зоран Тодоровски се стекна со мајсторското звање „шидоши хо“ и со тоа стана четвртиот Македонец носител на оваа престижна титула. Новиот јуданша, успеа да дојде до неа после седум години непрекинато и редовно вежбање во Буџинкан Македонија и учество на многу меѓународни и домашни семинари. Успехот е уште поголем, доколку се знае колку е строг начинот на оценување на знаењето во организацијата Пат кон Сонцето и ригорозноста на главниот инструктор, шидоши Игор Довезенски.  

Шидоши хо Зоран Тодоровски е еден од најпочитуваните членови на доџо-то и истовремено е водечка мотивација во истото. Тој ги започна тренинзите во Буџинкан Македонија на 37-годишна возраст, кога за прв пат во животот се сретна со боречките вештини воопшто. Тодоровски покажа и докажа дека годините не се важни доколку се има љубов кон вештината и доколку се поседува воља за успех. Од се срце му честитаме на новиот шидоши хо и му посакуваме уште многу успеси во иднина.
Нинпо Иккан!

Одржан семинарот „Харагеи“

Posted on Categories Почетна

Во фантастична атмосфера, денес се одржа семинарот во природа „Харагеи“. Инструкторот Довезенски ги подучуваше своите ученици како да ги забележат промените во околината, преку вежбање на дванаесет техники одбрани за овој настан. 

Еве како дел од учесниците го доживеава семинарот.

Владимир А: „За овој семинар ќе ми треба малку повеќе време за да го ’сварам’. Тој ми покажа колку малку знам за нинџутсу, како борбен метод, како начин на размислување и дејствување, како стратегија, како вештина која е толку многу поврзана со природата. Истовремено ми откри колкав потенцијал има човекот за успех и колку лесно тој потенцијал може да се уништи од самите нас. 
Модерното општество во кое живееме можеби ни олеснува некои работи, но дефинитивно ни ги затупува и уништува примарните функции на нашето тело, нашиот дух и нашиот ум. Не чека многу работа за да разбереме некои работи што се многу поважни од тоа што моментално го мислиме“.
Марко О: „Техниките беа на доста високо ниво, но овој ден и овој семинар ми отворија нови погледи и размислувања. Сега знам дека не е се во џуџутсу, во дакен и дека овие техники се неделив дел од нинџутсу-то. Сенсеи темата ја предаде на начин како што треба, да можеме да го разбереме сите. Ова е уште еден одличен показател дека сепак ’не сум научил се’ од него и дека има уште многу за учење. Вежбите беа одлични, некои потешки, некои полесни, некои целосно збунувачки, но сите беа крајно забавни. Многу ми се допадна предавањето за човечкото однесување, неговата психологија, начините на живот и размислувањето на индивидуалецот. За жал, ова не е можно да се предава во доџо, како од технички, така и од практични причини. Атмосферата беше одлична, сите беа позитивни со желба за напредок, со чисти срца и бистри умови. Сенсеи, благодарност за овој прекрасен ден и благодарност што отвори уште една врата на нашиот Пат!!!“
Ристо Ч: „Семинарот беше фанатастичен, еден од најубавите на кои сум бил досега. Не беше физички многу напорен, ама затоа умстевно…уште не можам да си ги средам впечатоците. Сенсеи ни предаде 12 техники, 12 чуда од „длабочините“ на нинџутсу-то. Секоја од нив крајно интересна и предизвикувачка, а со цел да научиме како да го користиме мозокот, а не мозокот да не користи нас“.