Извештај за 2015-та година

Posted on Categories Почетна

Токму кога помисливме дека минатогодишната година, со вкупно 19 одржани семинари нема никогаш да ја повториме, во оваа буквално ги надминавме сите наши можни очекувања. Дами и господа – 29 семинари во 2015-та !!!

Да ги распоредиме со цел транспарентно да имате на увид што точно сме сработиле во текот на целата година. 

Почнуваме со меѓународните семинари организирани во Македонија од страна на Организацијата „Пат кон Сонцето“.
 
Во април, нашиот учител за Даито рју Аикиџуџутсу, шиханот Антонино Черта го одржа својот редовен семинар во нашето доџо каде што ни пренесе нови „тајни“ од оваа древна самурајска традиција. 
Следниот месец, во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“, заедно со своите ученици од Холандија допатува и Сенсеи Ерик Лоув. За време на еднонеделната посета тој се потруди да ни пренесе колку што е можно повеќе од своето богато искуство во Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу. На семинарот допатуваа и нашите пријатели од Романија, членовите на Шинган Доџо-то од Јаши.
За време на летото, го одржавме и нашиот надалеку познат Летен Камп, каде што овој пат покрај инструкторот Довезенски, во улога на предавач се појави и неговиот пријател од Русија – Сергеј Бабкин. Инаку, Бабкин покрај тоа што е инструктор за Катори Шинто рју и за Јога, истиот е претставник во неговата земја за класичната јапонска боречка вештина Кукамишин рју Хјохо. Токму таа вештина имавме можност да ја изучуваме за време на овој настан.

Што се однесува до семинарите на кои предаваше инструкторот Довезенски, листата изгледа вака: шест одржани семинари во природа, осум во Хомбу Доџо-то под Липац, исто толку во доџо-то во Скопје, како и на два во Романија во доџо-то „Шинган“ во градот Јаши. Исто така, во 2015-та Довезенски зеде учество на неколку меѓународни семинари под водство на неколку реномирани учители за класични јапонски боречки вештини. Да ги споменеме и нив по редослед: февруари во Атина (Грција) на семинар за Катори Шинто рју со Ерик Лоув; во јуни во Градара (Италија) на семинар за Оно ха Итто рју Кенџутсу со Сасамори Такеми Соке; во септември во Цариград / Истанбул на семинар со шиханот за Катори Шинто рју – Нобутоши Отаке. На последниов споменат настан, заедно со Довезенски отпатуваа и Марко Опачиќ и Дарко Божиновски, при што последниов даде и крвна заклетва (кеппан). 

Во оваа прилика сакаме да го изразиме нашето задоволство за воспоставената соработка со „Шинган Доџо-то“ од градот Јаши во Романија. Имено, нивниот водач Каталин Сореану го избра токму инструкторот Довезенски како семпаи (постар ученик – ментор) кој ќе му помага во изучувањето на најстарата традиционална јапонска боречка вештина Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу, а секако под водство на заедничкиот ментор Ерик Лоув. Така, членовите на романската секција оваа година на два пати ја посетија Македонија со цел да ги научат основите на школата, а исто така тие на два пати го поканија Довезенски да одржи семинари во нивното доџо.

Покрај овие настани, вредат да се споменат и следниве: семпаи Тодор Ангеловски и кохаи Мартин Гачевски одржаа предавање за дечињата во градинката „Срничка бамби“ во населбата Аеродром; отворивме уште една детска нинџутсу секција (Нинџа Клинци II); прославивме 20 години од постоењето на „Пат кон Сонцето“ и Буџинкан Македонија; нашите најмлади членови од детската група гостуваа во Македонската Национална Телевизија каде што успешно ги презентираа вештините на Буџинкан, а подоцна го посетија и нашето Хомбу Доџо каде што ја изучуваа школата Кото рју Коппоџутсу, како и основите на јапонското мечување; Игор Довезенски се здоби со втор (нидан), а Марко Опачиќ со прв дан (шодан) во Даито рју Аикиџуџутсу.

Како еден од најважните настани слободно можеме да го истакнеме основањето на „Лабораторијата за Источни Култури“. Имено, на предлог на Игор Довезенски, на 14-ти септември Стручниот совет на Институтот за етнологија и антропологија при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, донесе одлука за основање на Лабораторијата, со основна цел да се проучува материјалната, социјалната и духовната култура на народите од далечниот исток, со посебен нагласок на Јапонија. 

Во рамките на Лабораторијата, се организираат разни Работилници и Семинари на најразлични теми, а реализаторот на наставата Довезенски секојдневно во неа одржува и часови за Даито рју Аикиџуџутсу и за Џунан Таисо (вежби за растегнување и балансирање на мускулите во телото). Со тоа, јапонските класични јапонски боречки вештини во Македонија се издигнаа на академско ниво и конечно го заземаа местото што им припаѓа.

На крајот, сакаме да се заблагодариме на сите членови на Организацијата „Пат кон Сонцето“, а особено на нашите ученици од Буџинкан Македонија кои со својата макотрпна работа овозможија и оваа година да уживаме во прекрасното патување низ светот на традиционалните јапонски боречки традиции (Корју Буџутсу). Не можеме да ветиме дека следната година ќе постигнеме уште подобри резултати од оваа, но можеме да гарантираме дека се додека дишеме воздух на земјава, нема да ја намалиме љубовта кон борбените класични вештини наследени од генерациите пред нас.

Пат кон Сонцето. Едно доџо – едно семејство. Буџинкан Македонија. Моја приказна – мој живот.

Нинпо Иккан!!!