Помладиот инструктор на Буџинкан Македонија, Марко Опачиќ, во саботата во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“ успешно положи за нидан (II дан). На свечениот чин присуствуваа околу 30-тина сегашни и поранешни членови на Буџинкан Македонија кои специјално допатуваа за да искажат почит кон овој истакнат и почитуван член на нашето доџо.
Под водство на својот учител, шидоши Игор Довезенски, Опачиќ го започна својот Пат на 27.02.2007 година. Досега учествувал на шест летни кампови, на 13 меѓународни семинари организирани од страна на Буџинкан Македонија, потоа на 47 семинари во природа на кои предавал инструкторот Довезенски, како и на два меѓународни семинари надвор од нашата земја на кои предавал шиханот за Катори Шинто рју Буџутсу – Нобутоши Отаке Сенсеи. Покрај ова, тој ги изучувал класичните јапонски боречки вештини и преку учество на 23 интензивни семинари во Хомбу Доџо-то на Буџинкан Македонија, како и преку 24 еднодневни семинари одржани под водство на својот учител. Опачиќ е одговорен и за подучувањето на новозапишаните членови во доџо-то, преку раководење на почетната група (шошинша), а истовремено е единствен член на „Пат кон Сонцето“ кој истовремено ги вежба сите корју традиции кои се предаваат во нашата Организација (Буџинкан Такаматсу-ден, Даито рју Аикибудо и Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу).
На Марко му честитаме со сето срце за досегашниот успех и посакуваме и понатаму да продолжи со уште поуспешното градење на својата личност и на својот карактер како воин.