Во 2015-та, членовите на Буџинкан Македонија доживеаја многу авантури кои ја направија годината незаборавна. Неверојатното патување продолжува и во 2016-та, а првата дестинација е Млака. Оваа шумичка на брегот на Крива Река и оваа година ќе биде местото каде што нашите воини ќе ги учат и усовршуваат техниките на зимското преживување. Снегот кој деновиве падна, засилен со ниските температури, е одличен предизвик за ваков настан.
Како што веќе знаете, воините на Буџинкан Македонија отсекогаш сметале дека вежбањето исклучиво во доџо, каде што постои една безбедна и пријателска атмосфера, можат од секого да направат добар „спортист“ и одличен „салонски нинџа“. Меѓутоа тоа што нас не разликува од останатите, се знаењето и сигурноста што ги чувствуваме кога сме соочени со најтешките предизвици додека се наоѓаме далеку од градовите во кои што живееме. Всушност, ние суровата природа ја доживуваме како наш природен хабитат каде што се чувствуваме како „риба во вода“ односно како да се наоѓаме во наша природна средина.
Овој семинар е замислен според сценарио во сме завеани или загубени далеку од нашиот дом, некаде на планина или во шума, и потребно е да ги преземеме сите мерки за безбедност за да можеме да ја преживееме ноќтта, со што ќе си ги зголемиме шансите за преживување. На настанот, шидоши Игор Довезенски ги предава токму овие техники кои се неопходен арсенал за секој што сака сериозно да ја изучува вештината позната под името нинџутсу.
Потребна опрема: тие што биле знаат, тие што не биле ќе дознаат за следната година на лице место.
Предупредување: температурите најверојатно ќе бидат во минус. Теренот е отворен и ветровит. Присуство на диви животни во овој период од годината е нормална појава. Најмалку седум часа без престан ќе бидете изложени на екстремно ладно време. Секој доаѓа на сопствена одговорност.
Понесете со себе топла облека.
Ден: 10.01.2016 (недела)
Место: Млака
Програма:
08.00 часот – поаѓање од Скопје
09.00 часот – пристигнување
09.30 – 16.30 часот – теоретски и практичен дел
17.30 – враќање назад
Оваа година, освен за членовите на Буџинкан Македонија / Пат кон Сонцето, семинарот е отворен за сите заинтересирани. Прашања и пријавување на и-мејл, на телефон, во доџо или на Форум.